Лазањите се можеби едно од повкусните јадења на италијанската кујна. Тие се сочни, вкусни и се омилени на многумина. Но, најчесто луѓето ги асоцираат со тип на храна која е доста калорична. Додека тоа можеби е вистина за оригиналните рецепти кои вклучуваат месо, бешамел сос и многу кашкавал, ние денес ќе ви предложиме два рецепта за вегетаријански лазањи. Ваквите лазањи се здрави, нутритивни, но и содржат многу помалку калории од лазањите со месо и бешамел.
Модриот домат – одлична намирница за многу јадења
Првиот рецепт го користи модриот домат како главна состојка
Поради неговиот умерен вкус и кремава структура кога ќе се испече, тој е идеален за нашата денешна вегетаријанска лазања, но исто така тој е одлична идеја за многу други рецепти. Може да се коритсти како печен, варен, пропржен или зготвен на пареа. Тој е ниско калоричен (околу 25 калории на 100g) , богат со растителни влакна, минерали ,витамини и антиоксиданти. Кај модриот домат се застапени антоцијанините, вид на пигменти кои имаат антиоксидативни својства, а се заслужни за впечатливата бојата на модриот домат.
За ваквиот рецепт ќе ви бидат потребни околу 30 минути за подготовка и 75 минути за печење на лазањата, а се добиваат околу 6-8 порции.
За подготовка на оваа лазања ќе ви бидат потребни:
- 3 големи модри домати
- Маслиново масло
За филот:
- Една главица кромид, исецкана
- 6-8 чешниња лук, исецкани
- Околу 200g свеж спанаќ
- 300g урда
- 1 големо јајце
- Малку босилок и оригано
- 400-500ml сос од домати
- Околу 8 лазања кори (зависи од големината на тавчето)
- Околу 100-150g моцарела
Начин на подготовка:
- Загрејте ја рерната на 200℃ и на хартија за печење ставете ги модрите домати исецкани на долги кришки. Малку посолете ги и оставете ги 15-20 минути, а потоа водата која ја испуштиле, упијте ја со хартија. Пропрскајте ги со маслиново масло и печете ги околу 30 минути (во зависност од дебелината на кришките). Модрите домати треба да се заруменети и омекнати, но не премногу испечени.
- За подготовка на филот – во тавче ставете го исецканиот кромид и пропржете го (околу 5-7 минути). Додадете го и лукот и пропржете го и него заедно со кромидот, додека не омекне. Потоа додадете го спанаќот и на помала температура, гответе додека тој не омекне. Зачинете со сол и бибер.
- Подготовка на филот од урда – во мал сад ставете ги урдата, јајцето, босилокот, ориганото и посолете. Фино промешајте ја ваквата смеса.
- Почнете со редењето така што во тавчето во кое ќе се пече лазањата, ставете малку маслиново масло. Ставете околу 150ml од доматниот сос на дното од тавчето, а врз него ставете ред од лазања корите. Ставете повторно, сосем малку доматен сос врз корите. Потоа ставете пола од испечените кришки модар домат, а врз нив ставете половина од смесата од урда. Врз ова ставете ја целата смеса од спанаќ и кромид, а врз тоа ставете ја моцарелата. Потоа ставете уште еден слој лазања кори и повторно врз нив малку доматен сос. Ставете го и преостанатиот модар домат и врз него прелијте го остатокот од доматниот сос и смесата од урда.
- Покријте ја лазањата со фолија и печете околу 45-50 минути на 190 степени, а потоа извадете ја фолијата и печете 10-20 минути додека горниот слој не е фино заруменет.
- Оставете ја малку да се олади, а потоа послужете.
Втората вегетаријанска лазања ги содржи кељот и празот како главни состојки.
Кељот се вбројува во еден од најздравите зеленчуци. Тој припаѓа во истата фамилија на зеленчуци како и зелката и е исклучително нутритивен. Постојат повеќе видови на кељ – со зелени или виолетови листови, рамни или навиткани.
Како и модриот домат, кељот содржи многу малку калории (околу 35 калории на 100g). Особено е богат со витамините А, К, Ц и Б6, како и минералите манган, калциум и калиум. Тој содржи и кверцетин – моќен антиоксидант. Се смета како една од ретките намирници која го содржи витаминот К во такви количества и е одличен извор за ваквиот витамин.
Во комбинација со празот, кој е исто така ниско калоричен ваквата лазања е одлична за луѓето кои внимаваат на калориите, а покрај тоа е и особено нутритивна и здрава.
За подготовка на овој рецепт ќе ви бидат потребни околу 50 минути и се добиваат околу 4 порции.
Потребни состојки:
- 300g кељ, исчистен и исецкан
- Маслиново масло
- Околу 400g праз, исецкан
- 1-2 чешниња лук, исецкани
- 300g урда
- 100ml доматен сос
- 100ml вода
- 4 лажички песто сос
- Околу 8 лазања кори (околу 200-250g)
Начин на подготовка:
- Кељот ставете го зовриена, посолена вода, намалете ја температурата и оставете го да се свари околу 5 минути. Процедете.
- Загрејте маслиново масло во тавче и додадете го празот. Динстајте го околу 8-10 минути, додадете сол и црн бибер. Додадете го лукот и гответе дополнителни 2-3 минути. Околу 200g од урдата додадете во празот, а веднаш додадете го и кељот заедно со празот и урдата. Промешајте и додадете ја водата и доматниот сос. Смесата треба да не е многу течна, доколку има потреба динстајте додека не испари дел од водата.
- Во тавчето во кое ќе се пече лазањата, пропрскајте маслиново масло и ставете четвртина од сосот. Врз тоа ставете 1 лажиче песто сос а потоа лазања кори. Повторете го овој редослед додека не ги потрошите состојките, притоа завршувајќи со лазања кори на врвот.
- Прелијте ја лазањата со мала количина вода, доматен сос и по желба пармезан.
- Печете околу 40 минути, односно додека корите не омекнат и заруменат.