Нашите пазари изобилуваат со разни зеленчуци, па денешниот рецепт користи токму дел од нив за подготовка на една вкусна, кремаста чорба. Истата може да се јаде како ручек или пак како вечера. Таа е ниско калорична, здрава и нутритивно богата. Главните состојки се леќата, доматот, морковот, кељот, но и други зеленчуци. За подготовка на овој рецепт ќе ви бидат потребни околу 45 минути и се добиваат приближно 4 порции.
Јадете мешунки најмалку 3 пати неделно, како главно јадење!
Леќата припаѓа на групата мешунки, а во својот состав може да содржи и до 25% протеини. Таа исто така ги содржи витамините В1, В3, В5, В6, В9. Нејзиниот минерален состав е исто така импресивен – минералите цинк, бакар, железо, манган, фосфор, калиум се содржани во значителни количества. Таа е богата со јаглехидрати, пружа чувство на ситост, а исто така и значително содржи растителни влакна кои се неопходни за здрава дигестија.
Еден од најздравите зеленчуци на природата – КЕЉ
Барајќи го најздравиот зеленчук, не треба да трагаме по егзотични предели. Најздравиот зеленчук потекнува токму од нашето поднебје и носи име КЕЉ.
[Поврзано: Што е поздраво, кељ или брокула?]
Иако уште старите Грци и Римјани знаеле за големата корист од неговото користење, денес некако како да сме го заборавиле. Затоа,препорачувам КЕЉ барем еднаш неделно на вашата трпеза и тоа токму сега кога му е сезоната. Што го прави кељот да биде најздравиот зеленчук?
- СИЛНА КОНЦЕНТРАЦИЈА НА ХРАНЛИВИ МАТЕРИИ
- ИЗОБИЛУВА СО МОЌНИ АНТИОКСИДАНСИ
- ГО НАМАЛУВА ХОЛЕСТЕРОЛОТ
- БОГАТ Е СО РЕТКИ МИНЕРАЛИ
- ГО ЗАШТИТУВА ЗДРАВЈЕТО НА ОЧИТЕ
[Поврзано: КЕЉ – Веројатно најздравиот зеленчук на нашите пазари!]
Медитеранска супа со црвена леќа и кељ
За овој рецепт, потребни ќе ви бидат:
- 2 чашки црвена леќа
- 3 кафени лажици маслиново масло
- 3 моркови, излупени и исецкани на коцки
- 1 црвен кромид, ситно исецкан
- 1 чешне лук
- 5 мали домати, исецкани на коцки
- 1 ловоров лист
- 1 лажичка сол
- 1,5 литри вода
- 5 листови КЕЉ, ситно исецкани, без дршки
- 4 кришки потпечен интегрален леб
Начин на подготовка:
- Добро измијте ја леќата и сите зеленчуци и подгответе ги за готвење на начинот прикажан погоре.
- Загрејте го маслиновото масло во големо тенџере. Кога ќе се загрее, ставете ги кромидот, морковот и лукот заедно да се запржат околу 3 минути. Потоа, додадете ги компирот и солта и со постојано мешање пржете ги заедно со останатите зеленчуци уште 2 минути, додека не станат златни.
- Намалете го оганот и додадете го ловоровиот лист, доматите, и секако, леќата и добро промешајте. Потоа, додадете ја водата и покријте со капак. Оставете да се крчка 20-тина минути или додека леќата не омекне (внимавајте да не е премногу мека). Мешајте повремено.
- Додадете го сецканиот кељ и тргнете го тенџерето од оган.
– Оваа супа содржи 4 порции.
Нутритивна вредност на 1 порција:
Калории | Јаглехидрати [g] | Протеини [g] | Масти [g] |
400 | 66g (11g фибер) | 23g | 6g |
Овој оброк е особено богат со следните микронутриенти: витамин А, витамини од Б групата (Б1, Б5,Б6, Б9) и витамин K, потоа бакар, железо, манган, фосфор, калиум, цинк