Во летните денови нема ништо поубаво и полесно од свежо подготвена, вкусна салата. Таа може да го комплетира, збогати и подобри речиси секој оброк. Брзо се подготвува, а за нив ви се потребни само неколку здрави, свежи и вкусни намирници. Денес ќе ви предложиме два интересни рецепти за подготовка на летни салати. Истите може да ви послужат како одличен прилог за ручек или како вечера.
Салата од компири и боранија
Koмпирот е една од најчесто употребуваните намирници во нашата традиционална кујна. Во секој дом, најмалку неколку пати неделно има оброци кои вклучуваат компир, дали е тоа печен, варен, компир-манџа, супа или пак пире од компири.
Нутритивниот состав на овој зеленчук е особено корисен и здрав и затоа компирот треба често да се консумира.
Еден компир со просечна големина, односно 170g, вклучително со лушпата содржи:
- 168kcal
- 5g протеини
- 37 jaглехидрати
- 4g растителни влакна
- 24mg натриум
- 37% од Дневно Препорачаниот Внес за витамин С
- 31% од ДПВ за витамин В6
- 27% од ДПВ за калиум
Боранијата е една од најстарите одгледувани култури. Воедно, оваа мешунка се вбројува во најгусто-нутритивните храни што постојат, односно содржи нешто под 30 калории во 100g, а од друга страна е навистина богат извор на низа микронутриенти, како железо, калиум, магнезиум, калциум, витамин А, К, Ц итн.
Може често да се сретне во домашната кујна во различни рецепти, а низ маркетите може да се најде и во конзерва и замрзната форма.
За денешната салата од компири и боранија, потребни ќе ви бидат:
- 6-7 компири
- Околу 400g боранија
- Млад кромид, ситно исецкан
- Малку свеж магдонос
- 2-3 испечени зелени пиперки, излупени и исецкани
- 1 поголема главица исецкан кромид
- 100g маслинки
За преливот:
- Малку маслиново масло
- Сол, бибер и малку ким
- Малку оцет (јаболков, вински или балсамико)
- 1-2 лажички сенф
Начин на подготовка:
- Компирите сварете ги во вода. По варењето, оставете ги неколку минути да се оладат, а потоа излупете ги и исечете ги на покрупни парчиња.
- Во меѓувреме, додека се варат компирите, сварете ја боранијата (доколку не користите готова боранија од конзерва). По варењето, исцедете ја и оставете ја да се олади.
- Подгответе го преливот, така што ќе ги ставите сите состојки во мал сад и ќе ги промешате.
- Младиот кромид, маслинките, кромидот и магдоносот исецкајте ги и додадете ги во еден сад. Кон нив додадете ги испечените зелени пиперки, компирите и боранијата. Прелијте ги зеленчуците со подготвениот прелив. Зачинете дополнително со сол и бибер (по желба).
- Послужете.
Лесна салата од спанаќ и наут
Вториот предлог за салата, може да ви послужи како одличен прилог на ручекот, но и како самостоен оброк за вечера, бидејќи навистина содржи лесни, хранливи и освежителни состојки – првенствено спанаќ и наут.
Спанаќот се смета за еден од најздравите зеленчуци. Во нашата традиционална кујна спанаќот е застапен во различни рецепти и салати.
Тој претставува зеленчук кој е многу богат со низа на микронутриенти, витамини, минерали, па и растителни влакна. Од друга страна има доста ниска калориска вредност. Ова го прави спанаќот храна со висока нутритивна густина.
Во само 30g спанаќ се содржат:
- 7kcal
- 1,1g јаглехидрати
- 0,9g протеини
- 0,1g масти
- 0,7g растителни влакна
- 145mcg витамин К или 181% од Дневно Препорачаниот Внес
- 2813IU витамин А или 56% од ДПВ
- 58,2mg витамин В9
За оваа салата, потребни ќе ви бидат:
- 1-2 домати со средна големина, исецкани
- Малку сок од лимон
- Малку маслиново масло
- Околу 150g свеж спанаќ
- 1-2 чешниња лук, ситно исецкани
- Малку сол, бибер и магдонос за зачинување
- 1-2 средно големи моркови, ситно исецкани или изрендани
- 1 мала тиквичка, изрендана
- Околу 150g сварен наут (може и веќе подготвен од конзерва)
- Малку млад кромид, ситно исецкан
- 100g урда или фета сирење
- По желба – 30g ореви или некој друг јаткаст плод
Начин на подготовка:
- Во еден сад ставете ги ситно исецканите ореви, домати, сок од лимон, маслиново масло, лук и сол и бибер. Ова ќе биде преливот за салатата.
- Во поголем сад, ставете ги наутот, морковите, тиквичката, младиот кромид, магдоносот и урдата . Прелијте со дел од сосот.
- За сервирање, поделете го спанаќот по порции и прелијте го со смесата од наут и зеленчуци. Врз тоа, во секоја порција прелијте со преостанатото количество сос.