fbpx

Oд поуспешно слабеење, до помош при артритис – За што се’ се добри МАНДАРИНИТЕ?

tonus

Мандарините (Citrus tangerine) се цитрусни овошки кои припаѓаат на аргумите (јужни овошки со киселкаст вкус и типичен мирис), поконкретно на семејството Rutaceae. Се смета дека потекнуваат од далечниот исток, но долго време се одгледуваат и во Медитеранскиот регион.

Мандарините кои се присутни на нашиот пазар се различни хибриди од  различните видови овошки од споменатото семејство. Тие се со силен, пријатен благо-киселкаст вкус, кој ни дава свежина во ладните денови.

Како сите цитрусни овошја, така и мандарините изобилуваат со витамин Ц, но тоа не е едиствената хранлива компонента која ги прави добри за нашето здравје. Во продолжение, прочитајте зошто е добро што е можно почесто да ги јадете овие овошки, особено во зимскиот период кој е пред нас..

"“Online”/

[Поврзано: Вечно актуелниот – витамин Ц! А има и зошто!]

Мандарините се помеѓу ретките свежи и сосема зрели овошки кои можат да се најдат во период на зимата. Покрај тоа, имаат вкус кој е сосема прифатлив и за најпребирливите, па дури и децата кои немаат толку желба за јадење овошје.

Дополнително, зимата е период кога паѓа имунитетот, а витаминиот Ц од мандарините може многу да ни помогне во таа смисла!

Нутритивно-сконцентрирана храна

Мандарините, како и повеќето овошја, претставуваат нутритивно сконцентрирана храна, односно храна која има значителна хранлива, но мала калориска или енергетска вредност.

Една мандарина со просечна големина, содржи:

  • Околу 40 калории (9g јаглехидрати од кои 8g шеќери, 1,4g растителни влакна, 0,6g протеини и незначителни количества масти)
  • 36mg витамин Ц или дури 60% од Дневните Потреби
  • Над 10% од ДП за витаминот А
  • Помали количества од витамините од Б групата
  • Помали количества минерали, како калиум, калциум, магнезиум и железо

Богат антиоксидативен извор

Извонредната хранлива вредност на мандарините во голема мера се должи и на нивниот богат антиоксидативен состав.

Антиоксидантите се одбранбениот механизам на телото од слободните радикали – штетни компоненти кои постојано се продуцираат како метаболитички отпад во телото и оксидативно ги оштетуваат неговите различни клетки и ткива. Организмот има механизми самиот да продуцира одреден процент на потребни антиоксиданти, но сепак зависи и од внесените.

Постојаните оксидативни оштетувања, водат до процеси на хронична инфламација или воспаление, кое пак на подолг рок е една од главните причини за развој на хроничните заболувања, како ревматоиден артритис, канцер, синдром на нервозни црева, различни невродегенеративни заболувања, кардиоваскуларни проблеми итн.

Како и останатите цитрусни овошја, мандарината содржи моќни флавоноидни антиоксидативни компоненти, потоа полифеноли и есенцијални масла со антиоксидативни својства.

Дополнително, како што претходно споменавме, овие овошки содржат и одлични количества од антиоксидативните витамини Ц и А.

Мандарините се извор и на различни фитохемикалии со антиканцерогени, антиинфламаторни дејства.

Успорено стареење

Витаминот Ц од мандарините, покрај силното антиоксидативно дејство, има и значајна улога во метаболизмот на синтеза на колагенот – најзастапениот протеин во човековото тело. Овој протеин помеѓуостанатото има и клучна улога за здравјето на кожата, мускулите и коските.

Дополнително, антиоксидативниот состав на мандарините исто така значително допринесува за поспоро стареење на кожата, но и на целокупниот организам.

Подобрена контрола на дијабетот

Истражувањата на оваа тема укажуваат дека антиоксидантите на цитрусните овошки, вклучително и на различните видови мандарини, можат да им бидат од значителна корист за лицата со дијагностициран дијабет тип 2.

Во една студија, авторите нотираат дека нивоата на антиоксидативните витамини и ензими се многу пониски кај лицата со дијабет тип 2. Следствено на тоа, консумирањето храна богата со споменатите нутриенти, може да допринесе за намалување на оксидативниот стрес предизвикан од слободните радикали кај овие пациенти.

Дополнително, мандарините се богати со растителни влакна, што им го намалува гликемискиот индекс, односно нивните шеќери поспоро навлегуваат во крвотокот, впрочем како и кај сите овошки (инаку природно богата со шеќери).

[Поврзано: Овошје кај ДИЈАБЕТ: Да или не?]

Мандарините се одлични за здрави очи!

Повеќе пати повторивме дека мандарините се исклучително добар извор на витаминот Ц, но и на витаминот А. Тие се помеѓу најзначајните микронутриенти за очите.

Маснорастворливиот витамин А е клучен за одржувањето на здравата мрежница и леќа. Хроничниот недостаток од овој витамин, води кон заболување наречено ксерофталмија – неможност за гледање при слаба светлина.

Витамините со кои се богати мандарините овозможуваат и превенција од честото заболување кај повозрасните лица, кое често пати води и кон целосна загуба на видот  – макуларна деградација.

Дополнуително, најдено е и дека витаминот Ц учествува во превенцијата од развој на катаракта.

[Поврзано: Што треба да внесуваме за здравјето на ОЧИТЕ?]

Храна погодна за дигестијата, но и за процесот на слабеење

Како нутритивно сконцентрирана храна, мандарините содржат висок процент растителни влакна и вода, но имаат и многу мала калориска вредност. Наведените факти ја прават оваа вкусна храна особено погодна за слабеење. Освен што практично не можете да претерате со неа, таа ќе ви обезбеди и сите претходно наведени микронутриенти и антиоксидативни компоненти кои поседуваат најразлични корисни дејства врз орагнизмот.

Растителните влакна студиите ги поврзуваат со побрзото и поуспешно слабеење.

Ова е случај заради тоа што го намалуваат гликемискиот индекс на храната и ја врзуваат водата во стомакот, со што се промовира ситост. Тие се храна за корисната цревна микрофлора, од чиј баланс зависи и целокупното здравје.

Растителните влакна помагаат и при еден од најчестите проблеми со дигестивното здравје- констипацијата или запекот. Едно истражување покажува дека со зголемувањето на внесот на фибер во организмот, опаѓаат шансите за развивање на колоректален канцер.

Корисно дејство при анемија

Слабокрвноста е доста чест проблем помеѓу населението.

Слабокрвноста или уште наречена и анемија, претставува состојба при која телото нема или не продуцира доволно еритроцити (црвени крвни клетки). Најчестата причина за ваквата состојба е дефицитот на железото.

Иако мандарините имаат мала количина на железо, тие можат да помогнат на друг начин. Имено, истражувањата покажуваат дека витаминот Ц може значително да помогне во подобрата апсорпција на железото во организмот.

Така, кога јадете храна богата со железо, добро е да ја комбинирате со храна богата со витаминот Ц, како што се мандарините, портокалите, лимоните и слично.

Дополнителни потеницјални корисни ефекти од мандарините:

  • Подобар имунитет – поради витаминот Ц
  • Антиканцерогено дејство – студиите велат дека овој потенцијален ефект се должи на нивното потентно антиоксидативно дејство.
  • Помош при алергии
  • Подобро кардиоваскуларно здравје – намалување на холестеролот и намалена инфламација во крвните садови, исто така заради нејзините антиоксиданти

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор