fbpx

Медитерански лазањи на два начини

tonus

Лазањите со сигурност се еден од највкусните медитерански специјалитети. Тие се сочни, вкусни и се омилени за многумина. Но, најчесто луѓето ги асоцираат со тип на храна која е доста калорична. Додека тоа можеби е вистина за оригиналните рецепти кои вклучуваат месо, бешамел сос и многу кашкавал, ние денес ќе ви предложиме два рецепта за вегетаријански лазањи. Ваквите лазањи се здрави, нутритивни, но и содржат многу помалку калории од лазањите со месо и бешамел.

 

 

"“Online”/

Модриот патлиџан – одлична намирница за многу јадења

 

  1. Првиот рецепт го користи модриот патлиџан како главна состојка. Поради неговиот умерен вкус и кремава структура кога ќе се испече, тој е идеален за нашата денешна вегетаријанска лазања, но исто така тој е одлична идеја за многу други рецепти. Може да се коритсти како печен, варен, пропржен или зготвен на пареа. Модриот патлиџан е ниско-калоричен (околу 25 калории на 100g), богат со растителни влакна, минерали, витамини и разни други фитохемикалии. Кај него  се застапени антоцијанините, вид на пигменти со антиоксидативни својства, инаку  заслужни за впечатливата бојата на модриот патлиџан.

 

За ваквиот рецепт ќе ви бидат потребни околу 30 минути за подготовка и 75 минути за печење на лазањата, а се добиваат околу 6-8 порции.

 

 

Медитеранска лазања со модар патлиџан и спанаќ


За подготовка на оваа лазања ќе ви бидат потребни:

 

  • 3 големи модри патлиџани
  • Малку маслиново масло

 

За филот:

 

  • Една главица кромид, исецкана
  • 6-8 чешниња лук, исецкани
  • Околу 200g свеж спанаќ
  • 300g урда
  • 1 јајце
  • Малку босилок и оригано
  • 400-500ml сос од домати
  • Околу 8 лазања кори (зависи од големината на тавчето)
  • Околу 100-150g моцарела

 

 

Начин на подготовка:

 

  1. Загрејте ја рерната на 200 степени и на хартија за печење ставете ги модрите патлиџани исецкани на долги кришки. Малку посолете и оставете ги 15-20 минути, а потоа водата која ја испуштиле, упијте ја со хартија. Пропрскајте ги со маслиново масло и печете околу 30 минути (во зависност од дебелината на кришките). Модрите патлиџани треба да се заруменети и омекнати, но не премногу испечени.
  2. За подготовка на филот – во тавче ставете го исецканиот кромид и пропржете го (околу 5-7 минути). Додадете го и лукот и пропржете го и него заедно со кромидот, додека не омекне. Потоа додадете го спанаќот и на пониска температура, гответе додека не омекне. Зачинете со сол и бибер.
  3. Подготовка на филот од урда – во мал сад ставете ги урдата, јајцето, босилокот, ориганото и посолете. Фино промешајте ја ваквата смеса.
  4. Почнете со редењето така што во тавчето во кое ќе се пече лазањата, ставете малку маслиново масло. Ставете околу 150ml од доматниот сос на дното од тавчето, а врз него ставете ред од лазања корите. Ставете повторно, сосем малку доматен сос врз корите. Потоа ставете пола од испечените кришки модар патлиџан, а врз нив ставете половина од смесата од урда. Врз ова ставете ја целата смеса од спанаќ и кромид, а врз тоа ставете ја моцарелата. Потоа ставете уште еден слој лазања кори и повторно врз нив малку доматен сос. Ставете го и преостанатиот модар патлиџан и врз него прелијте го остатокот од доматниот сос и смесата од урда.
  5. Покријте ја лазањата со фолија и печете околу 45-50 минути на 190 степени, а потоа извадете ја фолијата и печете 10-20 минути додека горниот слој не е фино заруменет.
  6. Оставете ја малку да се олади, а потоа послужете.

 

 

 

Медитеранска лазања со праз и кељ

 

Кељ – подзаборавено хранливо богатство

 

Кељот се вбројува помеѓу најздравите зеленчуци, а во нашата кујна за жал е целосно потценет иако порано имало навика за негово често консумирање. Припаѓа во истото семејство зеленчуци со зелката, карфиолот, брокулата и логично, исклучително е нутритивен. Постојат повеќе видови на кељ – со зелени или виолетови листови, рамни или навиткани.

Како и модриот патлиџан, кељот содржи многу малку калории (околу 35 калории на 100g). Особено е богат со витамините А, К, Ц и Б6, како и минералите манган, калциум и калиум. Содржи и кверцетин – моќен антиоксидант. Се смета како една од ретките намирници со навистина огромна содржина на витаминот К.

Во комбинација со празот, кој е исто така ниско калоричен, ваквата лазања е одлична за луѓето што внимаваат на калориите, а покрај тоа е и особено нутритивна и здрава.

 

За подготовка на овој рецепт ќе ви бидат потребни околу 50 минути и се добиваат околу 4 порции.

 

Потребни состојки:

 

  • 300g кељ, исчистен и исецкан
  • Маслиново масло
  • Околу 400g праз, исецкан
  • 1-2 чешниња лук, исецкани
  • 300g урда
  • 100ml доматен сос
  • 100ml вода
  • 4 лажички песто сос
  • Околу 8 лазања кори (околу 200-250g)

 

Начин на подготовка:

 

  1. Кељот ставете го зовриена, посолена вода, намалете ја температурата и оставете го да се свари околу 5 минути. Процедете.
  2. Загрејте маслиново масло во тавче и додадете го празот. Динстајте го околу 8-10 минути, додадете сол и црн бибер. Додадете го лукот и гответе дополнителни 2-3 минути. Околу 200g од урдата додадете во празот, а веднаш додадете го и кељот заедно со празот и урдата. Промешајте и додадете ја водата и доматниот сос. Смесата треба да не е многу течна, доколку има потреба динстајте додека не испари дел од водата.
  3. Во тавчето во кое ќе се пече лазањата, пропрскајте маслиново масло и ставете четвртина од сосот. Врз тоа ставете 1 лажиче песто сос а потоа лазања кори. Повторете го овој редослед додека не ги потрошите состојките, притоа завршувајќи со лазања кори на врвот.
  4. Прелијте ја лазањата со мала количина вода, доматен сос и по желба пармезан.
  5. Печете околу 40 минути, односно додека корите не омекнат и заруменат.

 

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор