Што претставува меланомот?
Еден од најчестите типови на рак е меланомот или ракот на кожата. Не навлегувајќи во подетална анализа на статистиките, ќе кажеме само дека едно од три лица со некаков тип на малигно заболување има токму рак на кожата. Името меланома потекнува од зборот ‘melanose’. Ова на старо грчки јазик значи црна, темна пигментација која е карактеристична за оваа болест.
Станува збор за тип на канцер којшто доколку биде навремено детектиран, може да се излекува, а третирањето во подоцнежните фази е покомпликувано.
Кожата е најголемиот орган во телото. Составена е од два главни слоеви – епидермис и дермис (надворешен и внатрешен слој). Ракот започнува во надворешниот слој кој се состои од т.н. сквамозни, базални клетки и меланоцити.
Базалните и сквамозните карциноми се најчестите типови на рак на кожата. Започнуваат во споменатите клетки и се полесни за лекување. Третиот најчест тип е меланомот и како што самото име посочува, започнува во меланоцитите. Тој е најтежок за лекување, бидејќи од сите ракови на кожата има најголем потенцијал да се шири на други делови од телото, вклучувајќи ги и виталните органи.
Кои се ризик факторите за појава на рак на кожата?
Поголемиот број на случаи се предизвикани од прекумерната изложеност на UV зрачењето од сонцето, но и од солариумите. Затоа, ракот на кожата највеќе се појавува на местата од кожата коишто се изложени на сонцето, но постојат и повеќе исклучоци.
Кога зборуваме за прекумерна изложеност, се мисли на почеста изложеност или пак кратка изложеност на силно сонце и добивање на изгореници. Ултравиолетовото зрачење го оштетува ДНК материјалот во кожните клетки. Ваквото оштетување може да се случува и години пред да се појави самата дијагноза. Што поголема историја со изгореници од сонцето, тоа е поголем ризикот кај една индивидуа. Луѓето со посветла кожа се во поголем ризик, бидејќи имаат помали количества од протективниот пигмент наречен меланин.
Останати ризик фактори:
- Генетски
- Возраста
- Одредени видови на бемки и голем број бемки
- Одредени кожни состојби, како псоријаза и егзема
- Изложеност на радијација
- Компромитиран имунитет
- ХПВ вирус
- Изложеност на одредени хемиски супстанции, како арсен, горива и слично
Симптоми
Промената на кожата е најчестиот знак за рак на кожата. Ако забележите промени на вашата кожа, како што е нов израсток, рана што не зараснува, промена на стар израсток или некоја бемка да има некој од ABCDE знаците на меланомот, разговарајте со доктор.
За поставување рана дијагноза за меланомот се користи правилото АBCDE:
- Асиметрија: Дали бемката или дамката има неправилна форма со два дела кои изгледаат многу различно?
- Граница: Дали границата е неправилна или назабена?
- Боја: Дали бојата е нееднаква?
- Дијаметар: Дали бемката или дамката е поголема од големина на грашок?
- Развој: Дали бемката или дамката се променила во текот на изминатите неколку недели или месеци?
Најефикасни начини за заштита
Пред да излезете на сонце, запаметете: 90% од случаите на рак на кожа можеле да се спречат! Најважните начини за превенирање се:
- Избегнување на излегување во најжешкиот дел од денот во лето
- Поминување време под сенка кога сме на отворено
- Користење на крем за сончање со фактор (SPF) 15 или повисок
- Носење облека која ги покрива рацете и нозете и капа за заштита од сонцето.
Добрата вест е дека постојано се зголемува бројот на одобрени третмански опции за лица со ваков тип на канцер
Пред 2011-тата година, опциите за третирање на прогесираниот меланом беа сосем ограничени и не многу ефективни. Во последнава деценија, се појавија бројни терапии и пристапи за пациентите со меланом, вклучително и таргетирани терапии и имунотерапии, со одобрување од релевантни здравствени институции, како FDA.
Во последните неколку години има повеќе иновации во третманот на рак на кожата, отколку во изминатите 3 децении заедно. Овие иновации овозможуваат подобар квалитет на живеење на пациентите и резултатите од нив доведуваат до импресивни ефекти во однос на продолжувањето на животниот век.
Персонализираната медицина во овој контекст овозможува порана интервенција, но и можност да се избере поефикасна терапија за конкретниот пациент.
ДНК молекулата кај туморните клетки на меланомот вообичаено содржи бројни мутации. Се работи за промени во секвенцата на ДНК молекулата што всушност му овозможуваaт на туморот на расте и да се проширува.
Истражувачите идентификуваат неколку главни мутации што се поврзуваат со меланомот. BRAF мутациите се најчестите мутации најдени кај туморните клетки. Тие се јавуваат кај речиси половина од случаите на меланом. Други позначајни утврдени мутации кај меланомот се и они што ги зафаќаат т.н. NRAS, KIT и GNAQ гени.
BRAF претставува на еден начин регулатор на клеточниот раст. Мутацијата во овој ген поттикнува абнормално развивање и делење на клетките без контрола. Ова води кон развој на рак, вклучително и на меланом. Постојат повеќе типови на мутации на овој ген, но најважната и најчестата е т.н. V600E (кај 70-80% oд случаите).
Кoга и како се тестира BRAF мутацијата?
По дијагностицирањето на меланом, како дел од дијагностичкиот процес и за полесно утврдување на третманот, се презема тестирање за BRAF мутацијата. Особено е важно да се направи доколку е утврдено метастатско проширување.
Тестирањето на BRAF мутацијата, примарно на т.н. V600E мутацијата која е и најчеста, се прави со употреба на молекуларни дијагностички техники.
Преку биопсија се зема примерок од ткивото, потоа од ткивото се екстрахира ДНК која понатаму се анализира и се доаѓа до детекција на мутацијата.
Таргетирана терапија
Таргетираните терапии претставуваат класа на медикаменти што ја таргетираат функцијата на абнормалните молекули во туморните клетки. Кај меланомот, ваквата терапија ја блокира активноста на мутираниот BRAF ген и поврзан протеин, наречен MEK. Целта на таргетираната терапија е да се ,,исклучат” мутираните гени со намера да се успори или стопира растот на туморните клетки на меланомот – без притоа да се повреди здраво ткиво.
Лекарствата што медицински кажано, ги инхибираат или ја спречуваат активноста на BRAF и МЕК, можат да обезбедат значителен клинички бенефит за пациентите со BRAF мутиран меланом.
BRAF таргетираната терапија ( vemurafenib ) вообичаено се користи како последна линија на терапија, кога другите опции, како имунотерапијата не се веќе ефективни (и/или операцијата не е опција).
Сепак, истражувањата покажуваат дека оваа терапија е најефективна кај пациентите со ,,најмало количество на болеста”. Оттука, добра стратегија за оптимизирање на BRAF таргетираната терапија е да се користи како т.н. адјувантна терапија. Станува збор за дополнителен третман што се дава по првичниот третман за одредено заболување. Кај меланомот, адјувантната терапија некогаш се дава и по операцијата со цел да се намали веројатноста од враќање на болеста.
Адјувантната терапија може да помогне да се одложи или превенира повторувањето на меланомот. Во ваква ситуација, односно пост оперативно давање на терапијата, може да биде и најефикасниот начин, бидејќи постојат најмалку меланомни тумори присутни низ организмот. Сепак, важно е да се каже дека за да се потврди оваа логична хипотеза, потребни се повеќе клинички испитувања.
Друг можен пристап што се сугерира од експертите на тематиката е оптимизирање на BRAF таргетираната терапија со развивање на 3 или 4 комбинации од лекови. Лекови како што се BRAF, MEK инхибитори и имунотерапија на пример – ова особено важи за пациентите што се новодијагностицирани со повисок степен на болеста.