fbpx

МЕЛАТОНИН – суплемент за спиење – Колку да се зема и кои се несаканите ефекти?

tonus

Луѓето што имаат проблем со заспивањето, неретко посегнуваат по различни суплементи за да си помогнат. Како најпознат суплемент за оваа проблематика се јавува мелатонинот.

Кога и покрај испиеното апче заспивањето е повторно тешко, не е лесно да се одолее на намерата да се испие апче плус. Mожеби ова ви звучи познато? Ако е така, продолжете да читате.

Токму заради тоа што претерувањето со апчињата е честа појава, во продолжение ќе ја разгледаме безбедноста на мелатонинот и ќе се обидеме да одговориме на следните прашања:
Колку е доволно?;
Кои се несаканите ефекти од редовното или претераното користење?

"“Online”/

Колку е безбеден мелатонинот?

Мелатонинот е дефинитивно најкористениот суплемент кога станува збор за проблемите со спиењето. Покрај користењето за помош при несоница и поради нарушениот ритам на спиење при чести летови со авион, мелатонинот има и други употребни вредности, како за третирање главоболки, при канцер, зуење во ушите, Aлцхајмер, заштита од радијација итн.

[Поврзано: Мелатонин и Ковид-19]

Сепак, за разлика од повеќето други суплементи со растително потекло, витамини или минерали, мелатонинот претставува хормон. Тој природно се продуцира во нашето тело и е силно поврзан со нашиот биолошки часовник или со нашиот циркадијален ритам. Станува збор за хормон што го контролира спиењето. Се лачи во моментите на намалена светлина и пикот го достигнува во текот на ноќта, потоа постојано се намалува. Мелатонинот може да има интеракција и со имуниот систем, а делува и антиоксидативно и антиинфламаторно, односно го намалува вопалението.

[Поврзано: Циркадијален ритам – Многу е поважно КОГА јадеме одошто мислиме]

Иако се смета за релативно безбеден суплемент, неговата слободна употреба е забранета во голем дел држави, како Јапонија, Австралија, Велика Британија и во делови од Европската Унија. Единствениот начин да дојдете до мелатонин во овие држави е со рецепт од медицинско лице. Но, зошто е тоа така?

Истражувањата укажуваат дека мелатонин суплементите неретко содржат -83% до +478% концентрација мелатонин, од содржината наведена на кутивчето. Што е уште поалармантно, кај некои суплементи е утврдено и присуство на серотонин – невротрансмитер и контролирана супстанца што се употребува при многу невролошки нарушувања.

Иако синтетската верзија на мелатонинот е речиси идентична како онаа што се создава од организмот, таа не доаѓа без одредени ризици. Поголемите дози можат да водат до повеќе несакани ефекти, особено кај сензитивните лица или луѓето со различни алергии, кај пациентите што земаат одредени лекарства, кај бремените жените и кај лицата со дијабетични нарушувања.

За среќа, според досегашните податоци, леталното предозирање со мелатонинот е невозможно. Потврдено е дека и дозите до 800mg/kg не се смртоносни за луѓето.

Можни несакани ефекти од неправилното суплементирање со мелатонин

  • Дневна поспаност

    Безенергичноста во текот на денот е веројатно најчестиот и највидливиот несакан ефект од претераното користење мелатонин.

[Поврзано: 5 причини зошто постојано се чувствувате ЗАМОРЕНО]

  • Одредени хормонални промени

    Како што веќе споменавме, станува збор за суплемент кој е хормон, па логично е да се заклучи дека претерувањето може да води кон хормонски дисбаланс. Но тој може да биде и посериозен од што мислите. На пример, кај бремените жени не се препорачува воопшто користење мелатонин, бидејќи недостасуваат студии што би ја потврдиле неговата безбедност.

    Несоодветната употреба на мелатонинот може да води и кон намалена сексуална желба кај двата полови. Можни се интеракции во однос на бројот на сперматозоидите кај мажите и овулациските циклуси кај жените. Ова би значело – ако се обидувате да добиете бебе, треба задолжително да зборувате во вашиот лекар пред да преминете на суплементирање со мелатонин.

Постојат одредени студии што велат дека суплементацијата со мелатонин може да го одложи пубертетот кај младите и да предизвика други промени кај децата, па ако вашето дете има проблеми со спиењето, задолжително консултирајте педијатар пред да почнете со било каква мелатонин суплементација.

[Поврзано: Едноставен тест за хормонски дисбаланс]

  • Главоболки

    Уште една добро позната последица од претерувањето со мелатонинот се сериозните главоболки по будењето наутро. Иако претходно споменавме дека мелатонинот се користи за сузбивање на главоболките, сепак станува збор за хормон што се лачи во мозокот, па неговите вишоци може лесно да водат кон хемиски дисбаланс и брзо да ни го предизвикаат она што сме се обидувале да го спречиме – главоболката.

[Поврзано: Главоболки – можни причини, превенција и кога да се обратите на лекар?]

  • Вртоглавица

Уште еден непријатен симптом од земањето премногу мелатонин. Овој симптом може да се јави и како последица на алергиската реакција на мелатонинот. Затоа, треба да бидете особено внимателни, особено ако ваквите симптоми се појават при првото користење на суплементот.

  • Параноја

    Претерувањето со мелатонин може да води и кон параноја, збунетост, па дури и халуцинации. Ова е можно заради тоа што мелатонинот е хормон што е поврзан со другите невротрансмитери што го регулираат расположението и однесувањата.
  • Проблеми со стомакот

Нешто што често знае да се појави, без разлика дали нормално суплементирате или пак претерувате со дозите. Проблемите со стомакот можат да вклучат: дијареа, повраќање, гадење и слично.

  • Депресија и анксиозност

    Анксиозноста и депресијата често се поврзани со хормонскиот дисбаланс што може да биде поттикнат и од земање на поголеми дози од овој суплемент. Ако почнете да чувствувате одредени промени во менталното здравје по земањето мелатонин, веднаш консултирајте се со вашиот доктор.

    [Поврзано: Депресијата не е обична тага!]

Како оди дозирањето на мелатонинот?

Повеќето истражувања ги утврдуваат дозите во интервал од 0,3mg до 10mg, како најбезбедни и најефективни дозирања. Како и да е, оптималната доза зависи од повеќе фактори, како што се: возраста, телесната тежина, тежината на проблемот што го имате со заспивањето и терапијата за други состојби (ако ја имате). Генерално, дефиницијата за идеална доза е најмалата можна доза која нè води до посакуваниот ефект. Најголемиот дел од експертите на оваа тема, советуваат почнување со најмали дози и потоа постепено покачување за да се постигне посакуваниот ефект. Ако не сте сигурни за дозата што вам ви е потребна, најдобро е да се консултирате со лекарот што ве следи.

Доза од 10mg – највисоката доза што вообичаено се користи за третирање на проблеми со спиењето и за која не е најдена никаква токсичнот. Во истражувањата, оваа доза се сретнува како оптимална за одржувањето на циркадијалниот ритам кај слепите лица.

Доза од 20mg – највисоката доза на хормонот и треба да се користи само за специфични потреби, под водство на лекар. На пример, често ваквата доза се користи во комбинација со третманите за канцер кои подразбираат зрачење со радијација.

Доза од 30mg – огромна доза која се користи најчесто во клинички услови за потребни како што се третман на згрутчувања на крвта.

Доза од 100mg – сериозна доза која нема никаква потреба воопшто да се користи.

Други интересни факти за мелатонинот како суплемент:

  • Мелатонинот не води кон создавање зависност. Вообичаено се зема по потреба, на краток рок. Ако земате мелатонин секојдневно, подолго од 2 недели, задолжително консултирајте се со вашиот лекар, бидејќи можеби страдате од посериозни нарушувања поврзани со спиењето за кои мелатонинот не може да ви помогне. Значи, споменатите нормални дози на мелатонинот може да ги користите и подолг период, но ако тие не ви помагаат или ако ги користите редовно со месеци или години, можни се несакани ефекти.
  • Мелатонинот може да има интеракација со одредени лекарства. Ова не значи дека ,,мешањето” на мелатонинот со лекови може да биде опасно, туку дека тоа има потенцијал да го намали ефектот и на лековите, но и посакуваниот ефект на мелатонинот. Затоа, ако земате лекови како диуретици, антиконвуланти, орални контрацептиви и слично, консултирајте се со вашиот лекар пред да суплементирате мелатонин.
  • Како што веќе рековме, мелатонинот може да води кон одредени проблеми кај најмалите. Затоа, пред да користите суплементи за помош при заспивање на децата, задолжително консултирајте се со педијадар.

[Поврзано: Како до подобар сон?; Колку е значајно спиењето кај деца? Колку часа треба да спијат според возраста?]

 

 

 

 

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор