fbpx

Дали МЕНОПАУЗАТА може да го покачи нивото на ХОЛЕСТЕРОЛ?

tonus

Покачениот холестерол е доста чест и сериозен проблем кој опфаќа голем дел од популацијата. Дополнително е проблематичен, бидејќи често нема сериозни, видливи симптоми, па така често останува незабележителен со години. Неговото покачување може да биде резултат на многу различни состојби, фактори, навики и сл. Најчесто, генетиката и нездравиот начин на живот се главните виновници. Но, денес ќе се задржиме и на уште една состојба која може да го покачи нивото на холестеролот – менопаузата.

Што претставува холестеролот и зошто е опасно доколку е покачен?

Холестеролот претставува восочна супстанца, која припаѓа на групата на липиди. Тој природно е присутен во нашиот организам и се создава во црниот дроб. Има незаменлива улога во градењето на здравите клетки, нивните мембрани и сл. Постојат два вида на холестерол:

  •     LDL – или често наречен и „лош“ холестерол, претставува липопротеин со помала густина кој е заслужен за транспортирање на холестеролот низ телото и крвотокот. Овој тип на холестерол се таложи во внатрешноста на крвните садови и доведува до нивно стеснување.
  •     HDL – или т.н „добар“ холестерол, го собира вишокот холестерол и го транспортира до црниот дроб.

Покаченото ниво на холестерол во крвта може да биде проблематично за здравјето, особено за кардиоваскуларното. Покачувањето на холестеролот може да доведе до таложење на еден вид масни наслаги или депозити во внатрешноста на крвните садови. Ваквото таложење со текот на времето може да стане значително и со тоа да го отежни протокот на крвта низ крвните садови. Ова секако значи дека со текот на времето овие наслаги може целосно да го попречат дотокот на крв, а тоа може да има сериозни последици по здравјето, а во некои случаи да предизвика и смрт.

"“Online”/

Покрај наталожувањето, овие наслаги може неочекувано да се одвојат и да формираат еден вид на тромб која ќе запуши потесен дел од крвниот сад.

Зошто доаѓа до покачување на нивото на холестерол во крвта?

За покачување на холестеролот над границите на нормалата, може да постојат повеќе причини и ризик фактори. Прво, покачениот холестерол може да се јави како резултат на генетиката, односно на фамилијарната историја – блиски членови од семејството кои исто така страдале од покачен холестерол.

Но, најчесто покачениот холестерол се јавува како резултат на нездрав и несоодветен начин на живот. Јадење на процесирана, масна храна, не практикување на било каква физичка активност, прекумерна телесна тежина, пушење и често консумирање алкохол, се дел од навиките кои значително го зголемуваат ризикот за појава на покачен холестерол.

За најчести ризик фактори се сметаат:

  •     Лоша исхрана – внесот на премногу заситени и транс масти го зголемува нивото на холестерол.
  •     Прекумерна телесна тежина
  •     Недоволна физичка активност
  •     Пушење
  •     Консумирање на прекумерни количества алкохол
  •   Возраста – најчесто, покачениот холестерол се јавува по 40-тата година. Со стареењето, црниот дроб има се помала способност да се ослободува од вишокот на „лош“ холестерол.

Како се поврзани менопаузата и покачениот холестерол?

Воопшто не е невообичаено холестеролот да се покачи за време на менопаузата. Инаку, менопаузата е период кога телото минува низ голем број промени, особено во поглед на нивоата на хормони кои се создаваат. Најчесто покачувањето на нивото на холестерол се должи поради промена (опаѓање) на нивото на хормонот естроген. Намалените нивоа на естроген може да предизвикаат покачување на т.н „лош“ – LDL холестерол и опаѓање на „добриот“ – HDL холестерол. Една студија спроведена во 2018 година, покажува дека хормонот естроген нуди делумна заштита од покачување на нивото на холестерол, а со тоа и намален ризик за кардиоваскуларни проблеми пред периодот на менопауза. Друга студија од 2020 година, покажува дека вкупниот холестерол, LDL холестеролот, како и нивоата на триглицериди во крвта се повисоки во постменопаузниот период. Се смета дека естрогенот влијае врз метаболизмот на липидите во црниот дроб, па така доколку дојде до опаѓање на неговите нивоа (карактеристично за периодот на менопауза) тоа директно ќе влијае и врз начинот на кои липидите (холестеролот, триглицеридите) се метаболизираат. Според некои истражувања, жените кај кои периодот на менопауза ќе започне порано, имаат двојно поголем ризик за кардиоваскуларни проблеми во претстојниот период, во споредба со оние жени кои на таа возраст се уште немаат започнато со периодот на менопауза.

Што може да направиме околу ваквото покачување на холестеролот за време на менопаузата?

Кај одредени лица, неизбежна е употребата на одредени лекарства за да се регулира нивото на холестерол во крвта. Но, покрај лекарствата, физичката активност, здравата исхрана, откажување на цигарите и лимитирање на внесот на алкохол може да влијаат особено позитивно. Во поглед на исхраната, се препорачува зголемена употреба на намирници кои се добар извор на растителни влакна (житарки, овошје, зеленчук, мешунки и сл.), како и избегнување и дури целосно елиминирање на процесирани намирници и храна која е извор на заситени и транс масти (чипс, помфрит, пржена храна и сл.) Се препорачува употреба на здрави извори на масти како што се: јаткастите плодови, рибата, морските плодови, маслиновото масло и сл. 

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор