fbpx

Менстурален циклус и покачен шеќер – Што треба да знае СЕКОЈА девојка?

tonus

На секоја жена со дијабетично нарушување и е сосема јасно дека непосредно пред менструацијата шеќерот знае да ,,подивее”. Оние пак кои немаат искуство со мерење на шеќерот, сосема се свесни за наглите потреби од ,,благо” во споменатиот период.

Но, што всушност претставува менструација, а што менструален циклус? Кои се хормоните што влијаат на нивото на шеќер во крвта? Што се случува во одредени периоди од циклусот, па има значително зголемени потреби од шеќер?

Ова се само некои од прашањата што многу често се ,,вртат” низ главата на девојките, а ние во продолжение ќе се обидеме да дадеме одговори.

"“Online”/

Менструален циклус

Менструалниот циклус се состои од овариумски циклус (промени во јајниците) и ендометриумски циклус (промени во матката). Тој го означува растојанието помеѓу два месечни крварења или менстурации.

[Поврзано: Ендометриоза – совети за начин на живот]

Станува збор за циклични промени што се случуваат на ниво на јајник и матка, водени од разликите во хормонските нивоа. Циклусот трае отприлика 28 денови, а за нормален може да се смета секој циклус со траење од минимум 21 ден, до максимум 35 денови.

[Поврзано: 7 најчести причини за нередовен циклус]

Менструалните циклуси започнуваат со првата менструација во раната младост, а завршуваат со менопаузата. Периодот помеѓу се смета за репродуктивен.

[Поврзано: Плодноста и животниот стил]

Овариумски циклус

Овариумскиот циклус ги означува цикличните промени што се случуваат во јајниците, предизвикани од одредени хормонски промени. Станува збор за хормоните FSH фоликулостимулирачки хормон и LH лутенизирачки хормон.

FSH ги поттикнува јајниците да ја подготвуваат јајце клетката за овулација – води кон создавање фоликули во јајниците. Исто така, поттикнува лачење естроген, за кој ќе зборуваме подолу.

Од друга страна, LH хормонот стимулира лачење прогестерон. И за овој значаен хормон ќе зборуваме подолу.

Во однос на промените во лачењето хормони, овариумскиот циклус можеме да го поделиме на 3 фази.

Првата фаза трае од првиот до 14. ден и се нарекува фоликуларна фаза. Се одликува со лачење поголеми количества FSH, нешто помалку LH и естроген, додека лачењето прогестерон е ниско. Ова е фаза во која јајниците создаваат фоликули и јајце клетката се подготвува за овулација. Пред самиот крај на фазата (околу 12. ден), започнува нагло лачење на LH, FSH и естроген, по што следува фазата овулација.

Овулацијата настапува по 14. ден првенствено заради влијанието на LH и се карактеризира со изнесување на јајце клетката од јајникот.

Следна е лутеинската фаза што трае од 14. до 28. ден. Се карактеризира со лачење поголеми количества LH и прогестерон. На местото каде е изнесена јајце клетката се создава т.н. жолто тело, кое лачи прогестерон и ја подготвува матката за прифаќање на оплодената јајце клетка. Ако не дојде до оплодување во овој период, жолтото тело престанува да лачи прогестерон, се смалува и станува бело. Со намалувањето на нивоата на сите споменати хормони, се завршува циклусот и со менструацијата, започнува следниот.

Ендометриумски циклус

Ендометриумскиот циклус ги означува промените во матката што настануваат како последица на влијанието на естрогенот и прогестеронот. Промените се ,,отчитуваат” преку цикличното задебелување и ,,лупење” на функционалниот слој од слузницата на матката. Овој циклус исто така може да се подели во 3 фази.

Првата фаза започнува со менстурацијата и трае од 1. до 4. ден. Во овој период заради наглото намалување на хормонските нивоа, започнува да се лупи задебелениот слој на матката, што всушност има резултат во менстуралното крварење. Следната фаза се нарекува пролиферациска и трае од 4. до 14. ден – доаѓа до задебелување на функционалниот слој на матката под дејство на естрогенот. Следува последната секрециска фаза, која трае до 28. ден. Заради посебно зголемената концентрација на прогестерон, но и естроген, оваа фаза се одликува со голема секрециска способност за создавање на хранливи резерви од жлездите на матката. Суштината на овие процеси е едноставна: подготвување на матката за примање на оплодената јајце клетка и почеток на развојот на ембрионот. Ако до ова не дојде, почнува нагло опаѓање на нивото на споменатите хормони и започнува менструалното крварење, односно новиот менструален циклус. 

Естроген и прогестерон

Естрогенот и прогестеронот се главните полови хормони што се излачуваат од јајниците. Важни се за секундарните полови карактеристики, нормално одвивање на менструалниот циклус, а за време на бременоста – за нормален развој на фетусот и безбеден процес на раѓање. Како и да е, тие се важни и влијаат и за низа други функции во организмот.

[Поврзано: Полицистични јајници – што може сами да направите кај оваа состојба?]

Естрогенот е главниот хормон кој го регулира развојот на женскиот репродуктивен систем. Поттикнува раст на полните клетки и ткива, раст на дојките и ендометриумот.. Но, покрај овие ,,полови функции”, естрогенот е значаен за растот на коските, спречувањето на разградувањето на нивното ткиво, ја зголемува вкупната количина на протеини во организмот и е важен за одлагањето на мастите во поткожното ткиво, правејќи ја кожата мека и глатка. Попросто кажано, естрогенот е неопходен за девојчињата да пораснат во висина, да ги развијат градите, всушност да ги добијат карактеристиките на возрасна жена.

Прогестеронот, како што видовме игра особено значајна улога во репродуктивниот систем. Во периодот на бременоста прогестеронот ја смалува зачестеноста и интензитетот на контракциите на матката, што спречува исфрлување на оплодената јајце клетка.

Но покрај овие функции, прогестеронот поттикнува и создавање на глукоза во црниот дроб и ја смалува чувствителноста на организмот на инсулин, со што се смалува искористувањето на глукоза во периферните ткива. Како краен резултат на овие факти може да се појави зголемување на шеќерот во крвта.

[Поврзано: Инсулинска резистентност – Сè почест проблем!]

Влијание на хормонските нивоа на шеќерот во крвта

Кога веќе објаснивме како се движат нивоата на естрогенот и прогестеронот во текот на циклусот, да видиме како тоа влијае на нивото на шеќерот во крвта.

Имајќи предвид дека естрогенот благо го повишува интензитетот на базалниот метаболизам и ја зголемува инсулинската сензитивност, за очекување е дека гликемијата ќе биде пониска и постабилна во периодите на негова ,,доминација”. Ова би значело дека во првиот дел од циклусот, кој се однесува на менструацијата и фазата на пролиферација, ќе бидат потребни помали количества инсулин, а со самото тоа регулирањето на шеќерот ќе биде полесно и попредвидливо.

Од друга страна, лутеинската фаза, која видовме дека е под влијание на прогестеронот, ќе влијае негативно на гликемијата. Имено, веќе споменавме дека прогестеронот ја намалува инсулинската сензитивност на периферните ткива, со што искористувањето на глукозата е пониско и може да води до хипергликемија. Ваквата состојба најчесто се забележува неколку денови пред почетокот на новата менструација, што всушност го означува периодот на најголеми концентрации прогестерон. Исто така, заради намалената инсулинска чувствителност и преклопувањето со предменструалниот синдром (ПМС), во оваа фаза од циклусот, регулацијата на шеќерот е значително отежната и сосема очекувани се силни покачувања и нагли падови на глукозните нивоа.

Предменстурален синдром (PMS)

Предменструалниот синдром претставува комбинација од емоционални, физички и психолошки пореметувања кои се јавуваат по овулацијата, а вообичаено се завршуваат со почетокот на новиот менструален циклус. Настанува заради цикличните промени на хормонските нивоа и варијациите на нивоата на серотонин во мозокот.

Се карактеризира со различни симптоми, како тензија, анксиозност, лесна раздразливост, нагли промени во расположението, промени во апетитот, хроничен замор, главоболки, надуеност, болки во градите, а можна е и појава на констипација и дијареа.

ПМС го отежнува контролирањето на шеќерните нивоа, главно заради неколку главни причини:

  • Промени во хормонсите нивоа
  • Силната желба за јаглехидратна храна, богата со прости шеќери или празни калории
  • Намалена мотивација за придржување до здравиот начин на исхрана

Многу повеќе совети како исхраната може да помогне при ПМС, прочитајте во една од нашите претходни статии: Како исхраната може да помогне при ПМС?

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор