fbpx

Корисните бактерии во цревата го ,,контролираат” ШЕЌЕРОТ во крвта?

tonus

Според проценките на повеќето научници од областа, во просек човековото тело е населено со дури 10 пати повеќе ,,туѓи” клетки отколку свои, односно човекови. Овие туѓи клетки можат да бидат бактерии, габи, протозои, археи и вируси. Тие го формираат човековиот микробиом. Под човеков микробиом се подразбираат сите микроорганизми кои живеат на, или во човечките ткива или биофлуиди.

Во последно време сè повеќе истражувања укажуваат на важноста на  микробиомот, не само за дигестивното, туку за нашето здравје сфатено во својата целина.

Во продолжение, нешто повеќе за едно истражување кое го испитувало ефектот на микробиомот врз нивото на шеќерот во крвта.

"“Online”/

[Поврзано: ПРИЧИНАТА за инстантното подобрување на цревата со ФЕРМЕНТИРАНАТА храна]

Корисните бактерии во цревата го ,,контролираат” шеќерот?

Целта на студијата од САД било испитување на гликемискиот ,,одговор” (нивото на глукоза во крвта по оброк) на испитаниците, базирано на индивидуалните разлики, со акцент на разликите во дигестивниот микробиом и неговата активност.

Истражувачите идентификувале и специфични микробни карактеристики кои имаат влијание на гликемискиот одговор. Ова може значително да допринесе во разјаснувањето на молекуларните механизми на гликемиската контрола.

Контролирањето на гликемискиот одговор или нивото на шеќерот по оброците е од круцијална важност во стратегијата за превенција и третирање на метаболитичките заболувања, како гојазноста, дијабетот тип 2, хипертензијата и одредени заболувања на црниот дроб.

[Поврзано: Што означува поимот ГЛИКЕМИСКИ ИНДЕКС и што треба да знаете за него?]

Сè повеќе релевантни информации сугерираат дека гликемискиот одговор на една иста храна, значително се разликува од еден до друг човек. Јасно е дека самиот гликемиски индекс на храната не е единствениот фактор кој влијае на гликемискиот одговор. Ова истражување утврдува дека фактор се и индивидуалните фенотипови и молекуларни карактеристики, вклучително и дигестивната микрофлора.

Нешто повеќе околу истражувањето

Се работи за поново истражување, спроведено во САД. Истражувачите користат нов, попрецизен метод (метатранскриптомичен) за утврдување на составот и активноста на микрофлората кај волонтерите.

Следен бил внесот на храна, навиките за спиење, физичката активност и гликемискиот одговор во тек на две недели. Глукозните нивоа биле мерени на секој 15 минути, со специјален глукозен сензор. Примероци од изметот на волонтерите бил земен за анализа.

Сите оброци во текот на денот биле внимателно формулирани за да обезбедат соодветен, разновиден внес на макронутриенти (јаглехидрати, масти и протеини).

[Поврзано: Ново истражување ја покажува поврзаноста меѓу здравата цревна микрофлора и формирање на мускулно ткиво]

Баланс на микробиомот

Користејќи специјализирани математички методи, истражувачите утврдиле дека ,,балансот на микробиомот” е исклучително важен предиктор за гликемискиот одговор на испитаниците. Кога се вели баланс на микробиомот се мисли на квантитетот, но и диверзитетот или различноста на корисната микрофлора, како и на оптималниот сооднос помеѓу ,,добрите” и ,,лошите” бактерии во самиот микробиом.

Кога балансот на микробиомот бил нарушен, тоа доста негативно се одразувало врз она што значи гликемиски одговор.

Микробни карактеристики што исто така биле потврдени како фактор за тоа каков ќе биде гликемискиот одговор се и: метаболитичките патишта на фукоза, индолеацетат, глутамин, фруктоза и тирозин. Иако е доста тешко да се утврдат директните причинско-последични механизми, јасно е дека постојат врски помеѓу микробниот баланс и дигестивното здравје, стабилноста на интестиналната бариера и инфламацијата.

[Поврзано: 6 конкретни здравствени придобивки од ПРЕбиотиците]

Резултатите од ваквите истражувања би требало да помогнат во иднина да се дизајнираат низа терапии, односно лекарства што ќе таргетираат специфични микробни метаболитички патишта, со цел намалување на гликемискиот одговор или на шеќерот во крвта.

[Поврзано: ПРО и ПРЕбиотска храна за болки во ЗГЛОБОВИТЕ]

Извор:

,,Gut Microbiome Activity Contributes to Prediction of Individual Variation in Glycemic Response in Adults”, Diabetes Therapy, November 2021

 

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор