fbpx

Недоволен сон кај тинејџери – ризик за зголемена телесна тежина!

tonus

Секој од нас повремено сака да остане буден до малку подоцна. Ноќта е најчесто период за релаксирање, социјализирање и време кое можеме да си го посветиме целосно на самите себе. Во тој поглед, голем дел од луѓето го жртвуваат и сонот за сметка на овие придобивки. Тоа не секогаш е толку страшно, но може да биде проблематично ако се повторува редовно, бидејќи навистина може да наштети на нашите навики за спиење. Иако недоволниот сон се асоцира најмногу со недостиг на енергија и замор, тој може да има и низа на други несакани ефекти, меѓу кои спаѓаат и одредни промени во навиките за исхрана, а со тоа и покачување на телесната тежина. Токму една неодамнешна студија ги проучувала ефектите кои ги има недостатокот на сон кај адолесцентите и како истиот влијае врз нивната исхрана. Повеќе на оваа тема во продолжение.

Зошто е важен сонот за време на ноќта?

Проценките се дека приближно една третина од нашиот живот ќе го поминеме спиејќи. Тоа значи дека сонот е незаменлив и важен дел од нашиот живот, а тоа е така со причина. Во нашето тело постои внатрешен биолошки часовник или т.н циркадичен ритам. Ваквиот ритам претставува збир на физички и ментални промени, како и промени во однесувањето, кои го следат 24 часовниот циклус на денот. Овие природни промени во телото главно се придвижувани од светлината, односно од денот и ноќта. При крајот на денот и почетокот на ноќта, телото започнува со лачење на хормонот мелатонин кој нè прави да се чувствуваме поспано и помага при одржување на ваквата поспаност низ целата ноќ. Спиењето е инаку период во кој се одвиваат огромен број на различни регенеративни процеси во организмот. Ткивата заздравуваат, мозокот ги обработува и складира новите информации, а се исфрлаат и сите штетнни, непосакувани продукти. Невроните комуницираат и се реорганизираат, со што се одржува здрава и оптимална функција на мозокот. За време на спиењето се репарираат и нашите мускулни ткива, се создаваат хормони и се обновува нивото на енергија.

Квалитетниот сон во текот на ноќта ни овозможува нормално функционирање наредниот ден, контрола на нашиот метаболизам и телесна тежина, добро расположение, го намалува ризикот за појава на разни заболувања и сл.

"“Online”/

Важноста на сонот за тинејџерите

Во зависност од нашата возраст, телото има и различна потреба од сон. Општо усвоените препораки за број на часови кои треба да ги отспиеме секоја ноќ, во зависност од возраста се:

–       Новороденчиња (0-3 месеци): 14-17 часа дневно

–       Доенчиња (4-12 месеци): 12-16 часа дневно (заедно со дремки)

–       Мали деца (1-2 години): 11-14 часа дневно (заедно со дремки)

–      Деца на предучилишна возраст (3-5 години): 10-13 часа дневно (заедно со дремки)

–       Деца кои одат во училиште (6-12 години): 9-12 часа дневно

–      Тинејџери (13-18 години): 8-10 часа дневно

–       Возрасни (18-65 години): 7-9 часа дневно

–       Лица над 65 години: 7-8 часа дневно

 

Од овие бројки воочуваме дека тинејџерите имаат нешто поголеми потреби за сон од возрасните лица, односно од 8-10 часа. Но, бидејќи адолесцентноста е период кога децата имаат навистина многу енергија, често времетраењето на сонот е под ваквите препораки. Интернетот, телевизијата и социјалните медиуми се можеби најчестите причини за легнувањето доцна во ноќта кај тинејџерите.

Како недостатокот од сон влијае на навиките за исхрана кај тинејџерите?

Едно поново истражување ги проучувало ефектите кои дефицитот на сон ги имал врз навиките за исхрана кај тинејџери, поконкретно кај деца на возраст од 14-17 години. Во истражувањето биле вклучени околу 100 тинејџери чии навики за исхрана биле мерени во текот на 10 дена. Една група на адолесценти имала лимитиран период за спиење – односно нешто под 6,5 часа, во период од 5 дена. Другата група спиела над 9,5 часа во ист период – 5 дена. Преку прашалници биле следени нивните навики за исхрана – тип на храна која се јаде, количина и период од денот.

Што покажале резултатите?

Резултатите покажале дека во периодот кога тинејџерите спиеле помалку од 6,5 часа, тие консумирале покалорична храна. Во овие 5 дена, тие консумирале повеќе јаглехидрати, храна со додаден шеќер, а јаделе помалку овошје. Тие исто така внесувале повеќе газирани сокови и храна со висок гликемиски индекс. Најчесто, ваквата нездрава храна била консумирана во ноќните часови. За споредба, тинејџерите кои спиеле над 9,5 часа јаделе помалку калорична храна, јаделе помалку навечер и имале севкупно подобар избор на намирници. Тие исто така јаделе повеќе овошје и зеленчук.

Ваквите резултати се доста интересни бидејќи дефицитот на сон е значителен проблем кај адолесцентите. Во САД, се проценува дека дури 65% од адолесцентите спијат помалку од препорачаното. Доколку ваквиот дефицит е долгорочен, тој може да предизвика сериозни здравствени проблеми.

Друга студија спроведена во 2018 година, покажува дека недоволниот сон влијае врз апетитот и метаболизмот на тинејџерите. Ваквите резултати соодвестуваат и со оваа понова студија и потврдуваат: недоволниот сон ја зголемува потребата од покалорична храна кај тинејџерите, со што се зголемува ризикот за зголемување на телесната тежина и појава на подолгорочни проблеми со здравјето.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор