fbpx

Два рецепти со една од најтипичните ЛЕТНИ намирници – МОДРИОТ ПАТЛИЏАН!

tonus

Летните месеци се добро познати по богатиот, разновиден избор на свежи зеленчуци. Доматот, пиперката и краставицата се некако синоним за летните салати, а тиквичките и модриот патлиџан за огромен број летни, вкусни готвени јадења. Токму затоа, денес ќе издвоиме два вкусни и здрави рецепти со модар патлиџан, кои можете лесно да ги подготвите за вашиот следен ручек.

Модриот патлиџан – симбол на летото кој е застапен во oгромен број рецепти

Во медитеранската кујна, еден од најзастапените вкусови е токму оној на модриот патлиџан. Тој може да се сретне во речиси секоја форма – полнет со различни состојки, во мусака, манџи, салати и ред други јадења.

Тој има извонреден нутритивен состав, па така во 100g зготвен модар патлиџан се содржат:

"“Online”/
  • 33 калории
  • 9g јаглехидрати
  • 0,8g протеини
  • 0,2g масти
  • 2,5g растителни влакна
  • 122mg калиум
  • 11mg магнезиум
  • 3mcg витамин К
  • 14mcg фолна киселина (витамин Б9)

Дополнително, тој содржи и помали количества на витамин Ц, бакар, ниацин, тиамин, манган и низа други фитохемикалии. Ваквиот состав го прави модриот патлиџан исклучително нутритивно сконцентрирана храна. Како што може да воочиме, тој е и исклучително ниско-калоричен, што го прави одличен за топли салати, готвени јадења, намази и сл.

Модар патлиџан во сос од лук и домати

За овој рецепт ви се потребни околу 15-20 минути за подготовка, околу 1 час за печење, а истиот е доволен за 4-5 порции.

Потребни намирници:

  • 2 големи или 3 средни модри патлиџани, исечкани на подебели кругови
  • Сол, бибер, оригано и други зачини по желба
  • Малку маслиново масло
  • 8 чешниња лук, исчистени и ситно исецкани
  • 4-5 домати, исецкани
  • Малку свеж магдонос или нане
  • Балсамико оцет
  • По желба, 1 лажичка мед
  • 100-ина грама фета сирење или 200g урда.

Подготовка:

  1. Исечканиот модар патлиџан ставете го во една тава, посолете го и оставете го да испушти малку од течноста. Потоа впијте ја со хартија.
  2. Во нелепливо тавче, ставете малку маслиново масло и кругчињата модар патлиџан пропржете ги сосема кратко, колку да добијат блага, заруменета боја. Доколку не сакате да ги пропржувате, модрите патлиџани може да ги зарумените и на тостер или било која друга  нелеплива плотна.
  3. Во меѓувреме, вклучете ја рерната и оставете ја да се загрее на 170 ℃.
  4. Во истото тавче каде ги пропржевте модрите патлиџани, ставете го лукот и динстајте го неколку минути. Додадете го и исецканиот домат и динстајте уште некое време. Посолете и зачинете по желба. Додајте го и балсамико оцетот и медот (доколку сакате). Динстајте додека смесата не се згусне.
  5. Во тавче за печење, ставете од ваквиот сос на дното, а потоа пропрскајте со малку маслиново масло. Врз ова наредете ги круговите модар патлиџан, зачинете и ставете малку од сирењето или урдата. Повторете го ваквиот редослед се додека не ви се потрошат состојките. На врвот додајте уште малку сирење и ставете го тавчето во рерна. Печете околу 40-ина минути, а потоа послужете.

 

Вкусна и лесна медитеранска манџа со модар патлиџан

За овој рецепт ќе ви бидат потребни околу 75 минути, а истиот е доволен за 6 лица.

Потребни намирници:

  • Околу 1 килограм модар патлиџан, исечкан на поголеми коцкички
  • 1 главица кромид, исецкана
  • 1-2 пиперки, исецкани
  • 1-2 моркови, исецкани на кругови
  • 4-5 чешниња лук, ситно исецкани
  • Малку кориандер, оригано, кари, куркума, сол, бибер и други зачини по желба
  • 2 свежи домати, исецкани
  • 2 конзерви зготвен наут (можете и сами да сварите околу 300-400g наут)
  • Маслиново масло

Подготовка:

  1. Коцките модар патлиџан ставете ги во сад, посолете ги оставете ги околу 15-ина минути. Течноста што ќе ја испуштат впијте ја со хартија.
  2. Во нелепливо тавче, загрејте малку маслиново масло, а потоа додајте го кромидот, пиперките и морковите. Гответе 2-3 минути, а потоа додајте го лукот и зачинете и посолете. Гответе уште 2-3 минути и потоа додајте го модриот патлиџан, доматите, наутот и додадете вода (околу 1 голема или 2 помали чаши).
  3. Оставете смесата да се динста околу 10-ина минути, повремено промешувајќи ја. Потоа тргнете ја од огнот и покријте ја со капак.
  4. Вклучете ја рерната и оставете ја да се загрее на 200 степени.
  5. Во тава за печење обложена со хартија, префрлете ја смесата од тавчето и ставете ја во рерната. Гответе околу 45 минути. За време на печењето, проверете и доколку е потребно, додајте уште малку вода.
  6. Кога зеленчуците се омекнати и заруменети, извадете ја тавата од рерната и послужете со малку свеж магдонос и издробено фета сирење.
  7. Овој рецепт оди одлично во комбинација со свежо подготвен таратор.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор