Денешното темпо налага да живееме доста хаотично и брзо, редовно преплавени со обврски и задачи. Со цел да постигнеме, често правиме по две, па и три задачи одеднаш, навидум заштедувајќи време. Но, што се случува со нашите умствени или познати и како когнитивни функции кога правиме повеќе задачи одеднаш или т.н multitasking. Повеќе за оваа тема во продолжение.
Што претставува когнитивното здравје?
Когнитивното здравје или когнитивните функции, се еден аспект и дел од здравиот мозок. Како основни когнитивни функции се сметаат:
- Внимание
- Успешно извршување на сложени движења
- Говорење
- Процесирање на визуелни и просторни сигнали
- Учење на нови работи и вештини
- Меморија
- Социјална интеракција
- Контрола врз емоциите
Ова се дел од „задачите“ што би требало човек со добро когнитивно здравје да ги извршува без никаков проблем. Тоа значи и нормално функционирање во општеството, добра интеракција и комуникација со луѓето од средината, способност за извршување на работата и обврските и сл. Врз когнитивното здравје се смета дека големо влијание има возраста, па со стареењето истото може да ослабне и да се влоши. Затоа како што старееме, клучно е да го одржуваме и негуваме здравјето на нашиот мозок, а тоа едноставно може да го постигнеме со здрав начин на живот.
[Поврзано: Дали СТРЕСОТ го влошува КОГНИТИВНОТО ЗДРАВЈЕ?]
Како правењето повеќе задачи одеднаш („multitasking“) влијае на нашите когнитивни функции?
Мултитаскингот, често перципиран како одраз на продуктивноста, парадоксално прави значителни когнитивни „трошоци“. Научните истражувања постојано покажуваат дека човечкиот мозок не е дизајниран за повеќе задачи одеднаш, туку за последователно фокусирано извршување на задачи. Кога луѓето се обидуваат за мултитаскинг, тие го фрагментираат своето внимание, што доведува до феномен познат како „трошок од менување задачи“. Овој т.н „трошок“ се манифестира преку повеќе потребно време за завршување на задачите, намалена прецизност (можност за грешки) и намалени когнитивни перформанси во различни домени: внимание, меморија и способности за решавање проблеми.
Дополнително, константното практикување на „multitasking“ се поврзува со зголемени нивоа на стрес, влошено ментално здравје, па дури и структурни промени во мозокот, особено во региите одговорни за извршните функции и саморегулацијата. Долготраен мултитаскинг може да придонесе за когнитивен замор, што доведува до исцрпеност и намалена севкупна когнитивна отпорност. Постојаниот прилив на стимули и информации, карактеристични за мултитаскингот, можат да го нарушат и режимот на спиење, да го влошат менталниот замор и да влијаат негативно на долгорочното когнитивно здравје.
Затоа, приоритизирање на задачите, правилно управување со времето и длабока фокусираност се когнитивни функции кои може да помогнат во ублажувањето на штетните ефекти од мултитаскингот, поттикнувајќи поздраво когнитивно функционирање и целокупна благосостојба.