fbpx

Подгответе здрав и вкусен специјалитет – мусака од модар патлиџан!

tonus

Сè уште трае сезоната на модриот патлиџан, па вреди да се искористи и од него да се подготват вкусни и здрави јадења. Поради неговиот интересен, речиси неутрален вкус и кремава структура, тој наоѓа примена во безброј рецепти, а денес издвојуваме два интересни начини за подготовка на мусака со модар патлиџан.

 

Нутритивен профил на модриот патлиџан

 

"“Online”/

Можеби еден од најпознатите и најкористените зеленчуци на нашите простори е токму модриот патлиџан.

Билката на модриот патлиџан се одледува со векови низ Медитеранските простори – Блискиот исток, северна Африка, Италија, Франција, Шпанија, но и кај нас, на Балканскиот полуостров. Во нашата традиционална македонска кујна, изобилуваат рецепти кои го подразбираат и модриот патлиџан. Постојат различни типови, облици и големини, но и кај нас најпознат е оној долгнавестиот и темновиолетов модар патлиџан.

Неговата широка примена во различните кујни се должи на уникатниот киселкаст , но пријатен вкус, кој исто така може да има и горка нота. Неговата сјајна темновиолетова боја, извонердната конзистенција (структура) и секако неговата богата хранлива вредност, се исто така дел од причините за популарноста на овој зеленчук.

Во 100g подготвен или сварен модар патлиџан се содржат:

33 калории

9g јаглехидрати

0,8g протеини

0,2g масти

2,5g растителни влакна

▫ 122mg калиум

▫ 11mg магнезиум

▫ 3mcg витамин К

▫ 14mcg фолна киселина (витамин Б9)

 

Дополнително, содржи и помали количества на витамин Ц, бакар, ниацин, тиамин, манган и низа други фитохемикалии. Ваквиот состав го прави модриот патлиџан исклучително нутритивно концентрирана храна.

Мусака со модар патлиџан и мисиркино месо

 

За подготовка на овој рецепт ви се потребни околу 100 минути, а истиот е доволен за околу 8 порции.

Потребни состојки:

  • 2 големи модри патлиџани, исечени на потенки парчиња по должина
  • Маслиново масло
  • 1 голема главица кромид, ситно исецкана
  • Малку сол и мелен црн бибер
  • Сушено оригано, црвен пипер
  • Половина килограм мелено мисиркино месо
  • Половина чаша црвено вино
  • 2-3 свежи домати
  • 1 лажичка шеќер
  • Половина чаша пилешки бујон
  • Вода
  • 2 големи компири, исечени на тенки парчиња по должина
  • 4 лажички презла

 

За преливот:

  • Малку грчки јогурт
  • 3 јајца, изматени
  • 1 лажица брашно
  • Околу 100-150g фета сирење или урда

 

Подготовка:

  1. Во тавче распоредете ги парчињата модар патлиџан и посолете ги. Оставете ги 30 минути со цел да ја испуштат својата течност, а потоа истата впијте ја со хартија.
  2. Во тавче со хартија за печење, пропрскајте малку маслиново масло. Потоа, наредете ги парчињата модар патлиџан. Печете ги во рерна, превртувајќи ги на неколку минути. Печете на околу 180 степени, додека парчињата не омекнат и добијат кафеава нијанса.
  3. Во тавче пропрскајте малку маслиново масло. Во него додадете го кромидот и динстајте околу 5 минути. Потоа додадете го мисиркиното месо. Гответе додека месото делумно не се инздинста. Додадете го ориганото и црвениот пипер. Промешајте, а потоа додадете го виното и гответе уште 1-2 минути. Потоа додадете ги доматите, шеќерот и бујонот. Гответе на тивок оган, околу 30 минути.
  4. Загрејте ја рерната на 180 степени. Во меѓувреме, сварете ги компирите и оставете ги да се оладат.
  5. Ставете маслиново масло во тавчето во кое ќе ја печете мусаката. Наредете го модриот патлиџан на дното, а врз него ставете од сосот со месо. Потоа наредете ги компирите, а врз нив ставете од презлата. Врз тоа ставете ги состојките за преливот.
  6. Печете околу 45 минути, односно додека мусаката не добие фина златно-кафена боја.
  7. Послужете со свежа салата од домати, краставица и кромид.

 

Вегетаријанска мусака со модар патлиџан

 

За подготовка на овој рецепт ви се потребни околу 90 минути, а истиот е доволен за околу 8 порции.

 

Потребни состојки:

  • 2 средно големи модри патлиџани, исечени по должина
  • 3 компири, излупени и исечени по должина
  • 2 големи тиквички, исечени по должина
  • Маслиново масло

 

За бешамел сосот:

  • Маслиново масло
  • Брашно
  • Сол
  • Околу 700ml нискомаслено млеко
  • 2 јајца

 

За сосот од леќа:

  • 1 главица кромид, ситно исецкана
  • 2 чешниња лук, ситно исецкани
  • Околу 200-250g зготвена леќа
  • 1-2 домати, испасирани
  • Околу 150ml растителен бујон или вода
  • 1 лажичка оригано

 

Подготовка:

  1. Во сад распоредете ги парчињата модар патлиџан и посолете ги. Оставете ги 30 минути со цел да ја испуштат својата течност, а потоа истата впијте ја со хартија.
  2. Во меѓувреме, направете го бешамел сосот. Во големо тавче загрејте маслиново масло, но внимавајте истото да не е премногу врело. Додадете кон него брашно, сол и бибер. Постепено додавајте го млекото, притоа константно мешајќи. Кога бешамелот е готов, додадете дел од него кон двете изматени јајца во друг сад. Потоа таквата смеса, вратете ја во тенџерето со бешамел сосот. Гответе уште околу 2 минути. По желба, посолете и зачинете со бибер.
  3. За сосот од леќа, започнете така што во тавче ќе загреете малку маслиново масло. Додадете го кромидот и лукот и динстајте околу 3-4 минути. Додадете ја зготвената леќа, пасираните домати и бујонот (или водата). Зачинете со сол и оригано и гответе на умерена температура околу 15-20 минути.
  4. Додека се прави ваквиот сос, во тавче со хартија за печење и маслиново масло,  наредете ги компирите, тиквичката и модриот патлиџан. Ставете ги во рерна на 200 степени и печете околу 15-20 минути.
  5. Наредете ја мусаката, почнувајќи со дел од сосот од леќа на дното од тавчето во кое ќе ја печете. Потоа наредете со слој од печените зеленчуци. Потоа додадете го преостанатиот дел од сосот од леќа. Врз тоа распоредете го бешамел сосот. Печете околу 45-50 минути, односно додека бешамел сосот на врвот, не добие кафено-златна нијанса.
  6. Оставете ја мусаката околу 20 минути на собна температура да се олади, а потоа послужете со свежа салата.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор