fbpx

Летна мусака на два начини – РЕЦЕПТ

tonus

Пристигнаа топлите, летни денови и сега сигурно сите сакаме идеја за ручек што е лесна, а притоа и хранлива и вкусна. Летната мусака е одлична опција, бидејќи содржи навистина многу зеленчуци и е релативно лесна и брза за подготовка. Денешните два рецепти (посен и со месо) за летна мусака кои ќе ви ги предложиме искомбинирајте ги со свежа салата за едно вистинско летно уживање.

 

 

Мусака со мисиркино месо и модри патлиџани

 

Во медитеранската кујна, еден од најзастапените вкусови е токму оној на модриот патлиџан. Тој може да се сретне во речиси секоја форма – полнет со различни состојки, во мусака, манџи, салати и ред други јадења. Тој е исклучително здрав и ниско калоричен.

"“Online”/

Во 100g подготвен или сварен модар патлиџан се содржат:

  • 33 калории
  • 9g јаглехидрати
  • 0,8g протеини
  • 0,2g масти
  • 2,5g растителни влакна

Дополнително, содржи и помали количества на витамин Ц, бакар, ниацин, тиамин, манган и низа други фитохемикалии.

 

За овој рецепт потребни ќе ви бидат:

 

  • 3 модри патлиџани со средна големина (по желба лупени)
  • 1-2 главици кромид
  • 400g мисиркино месо
  • Малку магдонос, рузмарин, сол и мелен црн бибер
  • 2 јајца (матени)
  • 150ml кисела павлака
  • 300-400ml доматен сос

 

Начин на подготовка:

 

  1. Модрите патлиџани добро измијте ги, исечете ги на кругови и ставете ги во тавче кое има хартија за печење. Ставете ги во рерна на 200 степени и печете додека не заруменат.
  2. На малку маслиново масло во тавче, пропржете го исецканиот кромид, а по неколку минути додадете го и месото. Пропржете  додека месото не се зготви, а потоа додадете го и доматниот сос, магдоносот и зачините.
  3. Во тава во која ќе ја печете мусаката, на дното капнете малку маслиново масло и започнете со редењето. На секој слој од кругчиња модри патлиџани, додадете дел од филот. Редете додека не се потрошат состојките. Обидете се да завршите со модри патлиџани на врвот и врз нив прелијте ги матените јајца заедно со киселата павлака.
  4. Печете во рерна на 200 степени, 15-20 минути.
  5. Послужете со свежа салата и парче интегрален леб

 

*Овој рецепт прави 5-6 средни порции.

 

 

Летна посна мусака!

 

Покрај модриот патлиџан, во летните денови често се употребува и тиквичката. Како и модриот патлиџан, таа претставува нутритивна, ниско калорична храна, која е одлична опција за денешните рецепти за мусака.

 

Во 100g зготвена тиквичка се содржат:

 

  • 15 калории
  • 1g протеини
  • 2,7g јаглехидрати
  • 0,4g масти
  • 1g растителни влакна

Покрај ваквиот макронутритивен состав, тиквичката ги содржи и минералите: бакар, железо, магнезиум, манган, фосфор и калиум, но и витамините А, Б5, Б6 и К.

 

 

За денешната летна посна мусака, потребни ќе ви бидат:

 

  • 2 средно големи модри патлиџани – исечени на кругчиња
  • 2 тиквички – исечени на кругчиња
  • 3 компири – исечени на кругчиња
  • 3-4 домати – ситно исецкани
  • 1-2 средно големи главици кромид – ситно исецкани
  • 2-3 чешниња лук – ситно исецкани
  • Сол, мелен црн бибер и малку оригано и магдонос
  • Бешамел сос (250ml млеко + 250ml вода + 3-4 лажици брашно)

 

Начин на подготовка:

 

  1. На тавче со малку маслиново масло, додадете го кромидот да се пропржи. По 4-5 минути кога истиот ќе омекне, додадете го лукот и доматите. Динстајте неколку минути, додека сосот делумно не се згусне. Зачинете со оригано, магдонос, сол и бибер.

 

  1. Во мало тенџере подгответе го бешамел сосот.

 

  1. Добро измијте го зеленчукот. Излупениот модар патлиџан исечете го на парчиња. На дно на тава за печење, капнете малку маслиново масло и наредете ги исечените компири. Врз нив додадете малку од сосот од домати и бешамел сос. Наредниот ред нека биде од модри патлиџани, а врз нив повторно сосот од домати и бешамел, а наредниот ред тиквички покриени со истите два соса. Повторувајте го редоследот додека не се потрошат намирниците.

 

  1. Наредената мусака ставете ја во рерна на 200 степени и печете околу 40-45 минути.

 

  1. Послужете со свежа салата, пармезан и парче интегрален леб.

 

*Овој рецепт прави 4-5 средни порции.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор