fbpx

Ново истражување ја покажува поврзаноста меѓу здравата цревна микрофлора и формирање на мускулно ткиво

tonus

Вежбањето и редовната физичка активност се аспекти од секојдневието кои можат да прераснат во здрави навики, а со тоа значително да влијаат и да го подобрат нашето здравје. Преку повеќе статии сме зборувале за различните типови на вежби – кардио, со тежина, статични вежби, како и за нивните бројни позитивни ефекти врз човековото здравје. Имено, редовната физичка активност значи и поздраво срце, подобра циркулација, намален ризик за дијабет, регулација на телесната тежина и многу други здравствени бенефити.

Меѓу другото, вежбањето помага и да сме физички подготвени, да сме фит и да имаме повеќе сила во мускулите. Тоа е резултат на создавањето на ново, поголемо и посилно мускулно ткиво, процес кој е заслужен за растот на мускулите. Но, едно интересно ново истражување покажува дека овој процес може да е поврзан со здравјето на нашата цревна микрофлора.

 

Која е улогата на цревната микрофлора?

 

Некои научници проценуваат дека за секоја човечка клетка постојат 10 клетки на микроорганизми во нашето тело. Други научници го поставуваат ваквиот сооднос на 1:1. Во секој случај, очигледна и јасна е застапеноста и важноста на микроорганизмите за нашиот организам. Тие се присутни во огромен број и имаат низа на функции. Голем дел од микроорганизмите ги колонизираат цревата, каде се навистина неопходни и незаменливи.

"“Online”/

Ваквата микрофлора во гастроинтестиналниот тракт е уникатна и различна кај сите луѓе. Таа е дом на микроорганизми кои заедно имаат околу 3 милиони гени, односно таа е 150 пати генетски поразновидна од човековото тело. Поединечниот и уникатен состав на микрофлората може да одреди како еден човек ќе ја дигестира храната, ќе се справува со инфекции и болести и сл. Ваквите микроорганизми во цревата имаат и незаменлива улога кога станува збор за искористување на нутриентите од храната. Бактериите помагаат да се разложат сложени соединенија кои се наоѓаат во повеќето намирници, до попрости соединенија кои телото може да ги искористи. Микрофлората е вклучена во дигестијата на сите три макронутриенти – липиди, протеини и јаглехидрати. Здравата цревна микрофлора може да го заштити организмот од размножување на непосакувани и штетни видови на бактерии. Разновидноста на храната значи и  поразновидна микрофлора, а токму тоа ја прави и поефикасна, подобра и поздрава.

 

Која е поврзаноста меѓу цревната микрофлора и растот на мускулното ткиво?

 

Во едно истражување биле анализирани 42 глувчиња, каде на дел им бил даден антибиотик, а на другиот дел не им бил даден никаков антибиоитк. Во текот на 9 недели, глувчињата можеле своеволно да трчаат на тркало кое било оставено во нивното живеалиште. Потоа било мерено и анализирано нивното мускулно ткиво, особено она од екстремитетите. Поконкретно, биле анализирани скелетните мускули кои му овозможуваат на телото да ја одржува правилната положба, да се движи, ги стабилизираат коските и зглобовите и сл. Во периодот од 9 недели, глувчињата имале слични времиња на трчање на тркалата. Но, групата која редовно примала антибиотик, имала нарушена микрофлора, што е и очекувано. Таа група имала и побавен и помалку нагласен мускулен развиток. Научниците ова го поврзале директно со нарушената цревна микрофлора. Тие го објаснуваат овој феномен преку улогата на микрофлората во дигестијата на нутриентите и снабдувањето на организмот со потребна енергија и соединенија за правилен развиток.

 

Дополнителни студии ги потврдуваат ваквите резултати. Слични истражувања вклучувајќи глувчиња и антибиотик, биле спроведени и резултатите покажале дека глувчињата кои примале антибиотик имале помалку мускулно ткиво во однос на нивната тежина. Се смета дека одредени соединенија кои се продукт на метаболизмот на бактериите во цревата, директно влијаат врз развитокот на мускулното ткиво. Еден таков тип на соединенија се кратко верижните масни киселини кои се произведуваат од бактериите при ферментацијата на влакната внесени преку исхраната. Овие масни киселини било утврдено дека имаат удел при градењето на ново мускулно ткиво.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор