Често слушаме за начини како можеме да го „забрзаме“ или подобриме метаболизмот. Иако, во голема мера тој ќе зависи од нашата генетика, сепак постојат начин преку нашите навики и начин на живот да влијаеме на неговата ефикасност и фунцкија. Денес, ќе зборуваме за постењето, често наречено и наизменично постење и ќе погледнеме како истото влијае врз метаболизмот и метаболитичкото здравје.
Што претставува метаболизмот?
Метаболизам е термин што ги опишува сите биохемиски процеси и реакции кои се одвиваат во телото. Тие се навистина многу и некои од нив се исклучително комплкексни. Но, најчесто во контекст на слабеењето, метаболизмот се користи како термин за начинот на кој нашето тело произведува и троши енергија. Дури и да немаме никакви физички активности во текот на денот, нашето тело има потреба од енергија за да ги извршува основните животни функции. Енергијата потребна за нив припаѓа во т.н базален метаболизам и тој е различен за секоја индивидуа. Врз него влијаат повеќе фактори, како на пример: мускулната маса, возраста, полот, големината на телото, хормоните, надворешни фактори и сл. Генетиката исто така има голема улога во начинот на кој нашиот организам ја претвора и троши енергијата од храната.
Како постењето влијае на метаболизмот?
Постењето може значително да го подобри метаболичкото здравје преку позитивни промени во различни метаболички процеси. За време на постењето, телото се подложува на метаболичко „префрлање“ од користење на глукозата во метаболизмот на мастите, односно нивно искористување. Ова може да доведе до подобрување на инсулинската сензитивност и може да помогне да се одржува здраво ниво на шеќер во крвта.
Ваквото „пренасочување“ на метаболизмот кон искористување на мастите како извор на енергија помага да се намали ризикот од инсулинска резистенција и дијабетес тип 2. Постот, исто така, предизвикува автофагија, процес на клеточно чистење што ги отстранува оштетените клетки и регенерира нови, здрави клетки, а со тоа ја подобрува клеточната функција и метаболичката ефикасност. Намалување и контролирање на оксидативниот стрес и воспалението исто така се поврзуваат со постењето, а тоа дополнително придонесува за подобро метаболичко здравје преку подобрување на способноста на телото да ги поправа и заштити ткивата. Овие комбинирани ефекти помагаат во одржување на здрава тежина, намалување на ризикот од метаболички синдром и промовирање на целокупната метаболичка благосостојба.