fbpx

Како недостатокот од сон се поврзува со ризикот за појава на деменција?

tonus

Преку повеќе статии на нашиот блог, редовно настојуваме да ја потенцираме важноста на добриот и квалитетен сон. Исто така наречена и „хигиена на спиење“, практикувањето на редовен, долг и квалитетен сон има огромно влијание врз нашето ментално и физичко здравје. Но, често поради разни обврски сме во ситуација да го жртвуваме спиењето и на тој начин да имаме повеќе време за работа.

Ваквото прескокнување на сонот најчесто носи моментални, безопасни последици како замор, поспаност, намалена енергија и сл. Но, која е цената за подолг, хроничен недостаток од сон? Токму ова е темата на едно истражување кое ги поврзува долгорочниот недостаток од сон со деменцијата која се јавува кај постарите лица.

 

Зошто е сонот важен за здравјето?

 

Спиењето претставува незаменлива и неопходна потреба на организмот со која истиот се обновува, одмара и репарира. Сонот е клучен за секое ткиво и клетка, за нормално функционирање на метаболизмот, имуниот систем, растот, развојот итн. Без доволно сон, првенствено страда нашиот мозок, со што се намалуваат неговите нормални способности и функционирање. Општите препораки за возрасната популација велат 7-9 часа сон секоја ноќ. Ваквите потреби се различни за помладата популација, каде некогаш се потребни и над 10 часа сон.

"“Online”/

Секако, ваквата потреба за сон не секогаш соодвестува со секојдневниот распоред и обврски, па често луѓето спијат помалку од препорачаното. Тоа доведува до нарушени когнитивни функции, како и промени во нивото на енергија, расположение, нарушен имунитет и сл. Дополнително загрижувачки е што луѓето градат еден вид на толеранција кон хроничниот недостаток од сон, па така тие често се залажани дека на тој начин можат да живеат без никаков проблем и последици.

Недостатокот од сон науката го поврзува со зголемен ризик за повеќе различни здравствени состојби: покачена телесна тежина, тип 2 дијабет, хипертензија, срцеви заболувања, нарушено ментално здравје, зголемени нивоа на стрес хормони и сл.

Недостаток од сон и појава на деменција во староста

Ваквите последици кои се јавуваат како резултат на недоволен сон се честа тема на научниците, а токму едно поново истражување ја согледало поврзаноста меѓу деменцијата кај постарата популација и редовниот недостиг од сон.

Целта на истражувањето било да согледа и одреди дали количеството на сон кое го имаме во помладите години ќе влијае на шансите и ризикот од појава на деменција во подоцнежните години. Научниците собрале и анализирале информации од речиси 8,000 испитаници на возраст од 45-55 години, во периодот од 1985-1988 година. Потоа тие информации ги поврзале со бројот на дијагностицирани случаи на деменција, во просек 25 години подоцна. Вкупно биле потврдени околу 500 случаи на деменција. Испитаниците кои пријавиле дека спијат барем 7 часа во период од 2 децении, имале најниска стапка на дијагностицирани случаи со деменција. Оние кои пријавиле дека спијат помалку од 6 часа имале значително поголем ризик за појава на деменција.

Слични резултати биле добиени и од група на испитаници кои имале измеѓу 55-65 години, по проверка од околу 15 години.

Дел од испитаниците биле прашани за своите навики за спиење во една дополнителна прилика, во периодот измеѓу почетокот и крајот на истражувањето. Научниците октриле дека луѓето кои пријавиле дека спијат помалку од 6 часа во нивните 50-ти и 60-ти години, имале значително поголем ризик за појава на деменција. Во истражувањето биле вклучени и земени во предвид и социо-демографските фактори, како и фактори во поглед на физичкото и менталното здравје на испитаниците.

Истражувањето не утврдило значителна поврзаност меѓу спиењето над 8 часа и ризикот за појава на деменција.

Бидејќи деменцијата често се асоцира и со нарушувања на менталното здравје и расположение (пр. депресија), тие биле земени во предвид за оваа студија. Резултатите покажале дека иако ваквите состојби може да се значителен фактор, сепак била утврдена независна, а јасна поврзаност меѓу времетраењето на сонот во помладите години и ризикот за појава на деменција во староста.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор