fbpx

НЕДОСТИГ ОД ПРИРОДАТА – Како времето поминато во природа влијае врз нашето ментално здравје?

tonus

Секојдневно сме преплавени со обврски, со некаков притисок и стрес и секогаш сме врзани со часовникот. Ваквиот модерен начин на живот кои го искусуваме сите ние е честопати негативно се одразува врз нашето здравје. Уште поважно е што ваквиот ритам на живот е штетен по менталното здравје, а тоа е нешто за кое не сме секогаш свесни и не го воочуваме.

Најчесто кога сме заситени со ваквото темпо, бараме да сме опкружени со помирна средина, а тоа како по правило е престој во природа.

 

 

Премногу време пред екраните

 

"“Online”/

„Дефицит од природа“ е недостаток од време поминато во природа и е сериозен проблем низ светот. Константно сме пред компјутер, телевизор или телефон. Ваквите активности науката ги поврзува со депресијата. Исто така, бројни студии покажаа дека времето пред екраните е поврзано и со губиток на емпатија, сочуство и чувство на изолација од надворешниот свет.

Особено e загрижувачко времето што децата го минуваат пред екраните. Препораките се за децата под 2 години, воопшто да не се дозволува гледањето во екрани, додека за постарите деца и тинејџери тоа да се лимитира на 2 часа дневно.

Времето пред екрани е исто така научно поврзано со: прекумерна тежина, нередовност и намален квалитет на сон, проблеми со однесувањето и комуникацијата и проблеми поврзани со социјалната интеракција.

 

Човекот припаѓа и е поврзан со природата

 

Сосема е логично да се заклучи дека човекот ,,припаѓа” на природата. Сепак, во денешно време доаѓа до прекин на ваквата поврзаност, а со тоа се зголемува нашата потреба и желба да сме во некоја шума или покрај река, езеро или пак море.

Потребата за опкруженост со природа е во нашата генетика. Треба да настојуваме да ја послушаме таа внатрешна потреба и да практикуваме прошетка, спорт или едноставно релаксација во природа. Ваквите активности, споре науката можат да ни понудат огромен број бенефити за нашето физичко, но и ментално здравје. Во продолжение ќе ги продискутираме токму нив.

 

3 примери за местото на природата во психологијата

 

1 . Стресот и природата

 

Едно истражување ја разгледало поврзаноста меѓу стресот, начинот на кој се справуваме со стресот и намалувањето на изложеност на стрес и природата. На испитаниците им биле покажани слики од природа и слики од урбана средина. Било утврдено дека гледајќи слики од природа, испитаниците имале помало ниво на стрес и имале постабилно и ритмично срцебиење.

Други истражувања покажуваат дека закрепнувањето по стресни ситуации протекува многу побрзо кај луѓе кои поминувале време во природа.

 

2 . Имаме подобро внимание кога сме во природа

 

Интеракциите со било каков феномен или средина од природата – изгрејсонце, зајдисонце, плажа, облаци или шуми, го задржуваат нашето внимание. Притоа, не вложуваме многу труд за да го имаме тоа внимание и уживаме во таквите моменти, а со самото тоа си ги „полниме батериите“ и ја враќаме енергијата која ни била одземена со стресното секојдневие.

 

3 . При контакт со природата учиме да цениме и да имаме благодарност

 

Времето поминато во природа ни дава чувство на вредност, за самите себе, за другите, но и за самата природа. Чувствуваме благодарност и ја цениме убавината на природата и луѓето со кои сме опкружени. Една студија покажува дека луѓето кои често биле во природа, биле повеќе свесни и загрижени за околината, а имале и посреќни, исполнети врски со луѓето околу нив.

 

 

Ефектот на опкруженоста со природа врз нашето ментално здравје

 

Покрај менталното здравје, времето поминато во природа има и значителни ефекти врз нашето целокупно здравје.

 

[Поврзано: Како 20 МИНУТИ во ПРИРОДА прават чудо за ЗДРАВЈЕТО].

 

Но, денес ќе се задржиме на ефектите од поминатото време во природа врз нашето ментално здравје и расположение.

 

  • Една студија покажа дека времето поминато во природа влијае врз нашата меморија и емоции. Испитаниците што практикувале прошетки во природа, покажале подобри резултати на тестовите за меморија, наспроти оние кои времето го поминувале во урбана средина.
  • Луѓето кои имале депресија, при прошетки во природа имале значајно подобрување во расположението, откри студија од 2012 година.
  • Времето во природа го намалува нивото на стрес хормонот – кортизол. Според некои студии, времето поминато во природа допринесува за намалување на стресот како и за подобрување на концентрацијата и фокусираноста.
  • Помалку време поминато на електронските уреди, а повеќе во природа, довело испитаници во една студија да имаат подобрена креативност и вештини за решавање на проблеми.
  • Луѓето кои поминувале време во природа, имале подобрено емоционално здравје и помало чувство на општествена изолираност. Исто така било утврдено и позитивното влијание на природата во намалувањето на анксиозноста кај луѓето.

 

 

Поврзаноста меѓу природата и човековото здравје

 

Студија од 2009 година преку неколку точки, ја покажува поврзаноста и зависноста на човекот од природата.

 

Главните точки од ова истражување се:

 

  • Живеејќи или движејќи се близу зелени површини како паркови, полиња или градини ја зголемува шансата и можноста за надворешни активности (трчање, пешачење, градинарење, играње и сл.) Ова секако го подобрува менталното и физичко здравје кај возрасните и кај децата.
  • Урбани средини кои имаат повеќе зеленило и паркови се покажале како места со подобра социјална интеракција меѓу луѓето кои живееле во овие средини.
  • Било каков контакт со природата (дури и во урбана средина) го подобрува расположението и менталното здравје.
  • Децата кои често се надвор во природа имаат подобро здравје. Тие исто така се помалку склони кон здравствени проблеми како астма, преголема телесна тежина, лошо расположение и сл.
  • Адолесценти кои биле почесто во природа, полесно се справувале со нивните проблеми и имале подобро емоционално здравје.
  • Кај старите лица, прошетките во природа влијаат особено позитивно врз нивното расположение и благосостојба.

 

 

Вашата следна прошетка нека биде во природа

 

Постојат многу начини и активности што може да се практикуваат во природа. Потребно е да имаме желба и само малку време. Летните денови пред нас се можеби и најубавите денови од годината за ваквите активности во природа. Неколку предлози за вакви активности би биле:

 

  • Доколку ја имате, одржувајте си ја градината или дворот – ваквата активност е одлична за вашето ментално здравје и расположение.  

[Поврзано : Одржување на градината е одржување на здравјето]

  • Засадете растенија во вашиот дом – зеленилото и цвеќињата ќе ве израдуваат и ќе ви бидат причина да имате активност околу нивната нега. Нивниот развиток, раст и убавина ќе ви влијаат позитивно на расположението.

 

  • Имајте интеракција со растенијата и животните. Наберете некоја овошка, некоја билка или пак нахранете некое животно.

 

  • Практикувајте активности во природа – прошетки, спорт, пикник, прослави и сл. Наместо во кафуле, испијте го кафето на клупа во парк, во шума или покрај некоја река или езеро. Исто така и некој од оброците во денот испланирајте и јадете ги на тераса или во природа.
  • Уживајте во природата, но и бидете свесни и внимателни да не ја уништувате. Бидете внимателни каде и како го фрлате отпадот, доколку видите отпад собирајте го и бидете обзирни према природата.

 

 

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор