fbpx

Синдром на невнимание и хиперактивност – што претставува и како да го препознаеме?

tonus

Секојдневните обврски и ситуации понекогаш може да предизвикаат да се чувствуваме преоптеретено, исцрпено и нервозно. Понекогаш немаме трпение и за најмалите работи кои треба да ги завршиме, а секоја обврска ни се чини тешка за исполнување. Може да се случи да немаме доволно концентрација и фокусираност за извршување на едноставна задача, а тоа да го препишеме на заморот, стресот и сл.

 

Меѓутоа, ваквата нетрпеливост и импулсивност може да биде знак и за една друга состојба – Attention deficit Hyperactivity disorder (ADHD) или кај нас т.н синдром на невнимание и хиперактивност. За тоа што всушност претставува оваа состојба и кои се нејзините главни симптоми, ќе зборуваме во продолжението на денешната статија.

 

Што претставува синдромот –  дефицит на внимание и хиперактивност?

 

Ваквата состојба претставува еден вид на нарушување на менталното здравје, каде се појавува комбинација од повеќе различни симптоми. Најчесто тоа се: потешкотии со одржување на вниманието, хиперактивност и импулсивно однесување.

"“Online”/

Иако е застапена кај возрасните, огромен број на деца ширум светот ја имаат истата состојба. Се проценува дека 4-5% од возрасната популација во САД ја имаа ваквата состојба и дури околу 9% од децата, според статистика од 2016 година. Таа може да се јави кај деца од 2 години, па и кај тинејџери, а може и да продолжи и кај возрасните лица. Според статистиката, момчињата поверојатно е дека ќе ја имаат ваквата состојба, а често ваквото нарушување е проследено и со друго нарушување на менталното здравје.

Доколку продолжи и кај возрасните, ваквата состојба може да предизвика повеќе различни проблеминестабилни врски, лош перформанс на работното место, потешкотии при образованието, ниска самодоверба и др.

Проблемот е што ваквата состојба најчесто се дијагностицира кај возрасните, а нејзините симптоми се понагласени и повоочливи кај децата. Кај возрасната популација може да дојде до намалување и контролирање на хиперактивноста, но сепак да останат проблемите со импулсивноста, немирот, потешкотии со фокусирање и обрнување на внимание и сл.

 

Кои се главните симптоми на оваа состојба?

 

Кај децата, се смета дека симптомите се понагласени и ваквата состојба полесно може да се дијагностицира. Кај возрасните, симптомите може да се намалуваат со стареењето, но дел од нив сепак остануваат и предизвикуваат проблеми при секојдневното функционирање. Најчесто тоа се одредени потешкотии со обрнување на внимание, импулсивност и чувство на немир.

 

Тие се и често несвесни дека ја имаат оваа состојба и единствено забележуваат дека имаат потешкотии со извршување на секојдневните задачи и обврски. Може да се јават и проблеми со фокусирање и приоритизирање на обврските, а тоа да доведе до проблеми на работното место, пропуштање на рокови, заборавени договори и сл. Импулсивноста најчесто се манифестира со нетрпение додека нешто се чека, или преку нагли промени во расположението и нагла појава на нервоза.

Покрај овие главни симптоми, други знаци за ова нарушување се:

 

  • Неорганизираност и проблеми со менаџирање на времето
  • Проблеми при фокусирање и извршување на повеќе задачи одеднаш
  • Прекумерна активност и енергија
  • Немир и нетрпение
  • Лошо планирање
  • Надразливост
  • Избувливост
  • Нагли промени во расположението
  • Потешкотии во справувањето со стрес

 

Како да се препознае и што најчесто ја предизвикува ваквата состојба?

 

Речиси секој од нас има дел од набројаните симптоми во даден момент од животот. Ако тие се нагласени од неодамна или се појавуваат само понекогаш, тогаш најверојатно не станува збор за синдромот на невнимание и хиперактивност. Дијагнозата подразбира силна нагласеност и постојаност на симптомите и нивно попречување на секојдневното функционирање. Најчесто тие симптоми биле присутни и во детството или раните тинејџерски години. Дијагностицирањето на оваа состојба кај возрасните лица може да биде отежнато, бидејќи симптомите се слични како и со некои други состојби – депресија, анксиозност, хроничен стрес и сл.

 

Точната причина за појава на оваа состојба не е целосно позната, но се смета дека улога има:

  • Генетиката – ваквата состојба може да биде наследна
  • Средината
  • Проблеми при развојот
  • Предвремено раѓање

 

Ваквата состојба може да предизвика проблеми во секојдневието, од типот на:

 

  • Навремено и правилно извршување на работните обврски
  • Намален перформанс и продуктивност на работното место
  • Зголемен ризик за сообраќајни несреќи
  • Потешкотии во одржувањето на врски
  • Нарушено ментално и физичко здравје
  • Лоша и ниска самодоверба
  • Лоша социјална интеракција и сл.

 

Третирање

 

Ваквата состојба прво мора да се дијагностицира, а потоа постојат повеќе опции за нејзино третирање. Може да се употребат разни лекарства кои може да помогнат со подобрување и балансирање на нивоата на невротрансмитери. Правилниот лек и дозирањето треба да биде препишано од вашиот лекар.

Покрај лекарства, постои и опцијата за психолошко советување. Психолот може да помогне за подобро менаџирање и организирање на времето, контролирање на импулсивноста, подобрување на самодовербата, подобрување на врските и односот со луѓе, менаџирање на нервозата и сл.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор