fbpx

Зошто НЕЗАСИТЕНИТЕ МАСТИ се „чувар“ на КАРДИОВАСКУЛАРНОТО ЗДРАВЈЕ?

tonus

На нашиот блог редовно зборуваме дека мастите не треба да се избегнуваат. Напротив, здравите, незаситени масти се силно препорачливи и истите имаат низа на корисни ефекти за нашето здравје. Денес, ќе се задржиме на еден од најважните и најпознати ефекти на овој тип масти, односно на придобивките кои тие ги нудат за кардиоваскуларното здравје.

 

Што претставуваат незаситените масти?

Мастите, односно триглицеридите се составени од глицерол и масни киселини и воглавно се поделени на заситени и незаситени. Ние во овој текст ќе се задржиме на незаситените масти. Вреди да се напомене дека под зборот “масти” во нашиот јазик се мисли најчесто на цврстите масти – заситените како што се свинската маст, путерот и слично, додека зборот “масла” ги опфаќа течните форми на триглицериди, односно незаситените како што се маслиновото, сончогледовото масло итн.

Под изразот масти, најчесто се мисли на триглицеридите. Инаку, тие се дел од групата на соединенија наречени липиди – соединенија кои се нерастворливи во вода, а меѓу кои спаѓаат и восоците, стеролите и фосфолипидите.

"“Online”/

Липидите влегуваат во основните градбени единки на нашите клетки и се незаменливи соединенија во нормалното функционирање на телото.

Незаситените масти се еден дел од поделбата на  триглицеридите, односно тоа се масти кај кои постојат двојни врски или некогаш и тројни врски во хемиската структура. Токму двојните врски ги прават нивните молекули да имаат неправилна – прекршена форма, а поради тоа тие се однесуваат поразлично од заситените масти. Кај нив недостасуваат водородни атоми, односно не се заситени со нив и токму поради тоа и го добиле името – незаситени масти. Тие се во течна состојба на собна температура и најчесто се наоѓаат во зеленчуци, маслодајни растенија, риба.

Самите незаситени масти во зависност од бројот на двојни врски во својата структура се делат на: мононезаситени (една двојна врска – моно) или доколку имаат две или над две двојни врски – полинезаситени.

 

За што се корисни незаситените масти?

Како што веќе споменавме, дел од незаситените масти се есенцијални, односно неопходен е нивен внес преку исхраната. Тие се поврзуваат со бројни здравствени придобивки како:

  • намален ризик од кардиоваскуларни заболувања
  • намален холестерол
  • подобрена инсулинска сензитивност
  • имаат анти-воспалително дејство
  • ги регулираат нивоата на триглицериди во крвта
  • помагаат при одржување на телесната тежина
  • помагаат за нормална и здрава функција на мозокот и сл.

Во групата на незаситени масти спаѓаат мононезаситените (омега-9) и полинезаситените (омега-6 и омега-3 масни киселини) и тие се наоѓаат во различни намирници.

За добар извор на мононезаситени масти се сметаат: маслиновото масло, маслинките, семките од тиква, јатките, јајцата, сончогледот и сл.

За добар извор на омега-3 се сметаат: масните типови на риба (лосос, сардини, пастрмка, харинга), чиа семе, орев, ленено семе и др.

Добри извори на омега-6 масните киселини се: сончогледовото масло, маслото и семето од сусам, семето од афион, лененото семе, бадемите, индиските ореви и др.

 

Зошто се незаситените масти важни за кардиоваскуларното здравје?

Незаситените масти, вклучувајќи ги мононезаситените и полинезаситените масти, играат клучна улога во одржување на кардиоваскуларното здравје. Познато е дека овие масти го намалуваат нивото на ЛДЛ холестерол, често познат како „лош“ холестерол, што е значаен ризик фактор за затнување на крвните садови, но и низа на други заболувања и можни компликации. 

Мононезаситените масти, кои се наоѓаат во маслиновото масло, авокадото и одредени јаткасти плодови, помагаат во одржување на здрави нивоа на холестерол и го намалуваат воспалението, исто така важен ризик фактор кој придонесува за кардиоваскуларни заболувања. 

Полинезаситените масти, како омега-3 и омега-6 масните киселини, се неопходни за структурниот интегритет и функцијата на клеточните мембрани. Докажано е дека омега-3 масните киселини, кои се наоѓаат во помасните риби, лененото семе и оревите, го намалуваат нивото на триглицериди, го намалуваат крвниот притисок и спречуваат аритмии. Ваквите ефекти кумулативно придонесуваат за помал ризик од срцеви и мозочни удари. Незаситените масти, исто така ја подобруваат и ендотелијалната функција (функцијата на клетките на внатрешниот ѕид од крвните садови), а тоа го подобрува и овозможува правилниот проток на крв и притисок. 

Поради ваквите корисни ефекти на незаситените масти, здравствените препораки константно ја нагласуваат важноста од нивен внес преку секојдневната исхрана. Тие треба да ги заменат нездравите масти – првентствено транс мастите, но и поголемите количини на заситени масти, а ефектот врз целокупното здравје ќе биде лесно воочлив. 

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор