fbpx

Влијанието на НИКОТИНОТ врз мозокот на адолесцентите

tonus

Веќе ве информиравме дека ќе започнеме со редовно објавување на статии кои ги опфаќаат ризиците и штетните последици од пушењето, бидејќи тие навистина се многубројни и се сериозни. Овие последици важат и ги опфаќаат сите старосни групи, но сметаме дека мораме да започнеме со најранливата група на пушачи – тинејџерите.

Во претходната статија, која можете да ја прочитате тука, споменавме дека истражувањата покажуваат дека 48,4% од граѓаните во нашата држава посегнуваат по цигарите. Алармантно е што процентот на млади кои се пушачи е дури 30%. Колкав процент од оваа статистика отпаѓа на адолесцентите, тоа е непознато, но со сигурност бројката е секако висока и крајно загрижувачка.

Адолесцентниот период е клучен за растот и развојот

Адолесцентниот период е оној транзиционен период кога луѓето преминуваат од деца во оформени, млади возрасни лица. Ова е клучно време во развојот на организмот кога телото проаѓа низ физички и психолошки промени. Обично адолесцентноста е асоцирана со тинејџерството, но нејзините физички и психолошки манифестации може да започнат порано или подоцна од она што се смета за тинејџерство. Но, во денешната статија поимите адолесцентност и тинејџерство ќе ги сметаме за исти.

"“Online”/

За време на овие години, тинејџерите се особено подложни и отворени на нови искуства. Ваквиот период исто така е карактеризиран со различни промени во однесувањето (барање на нови авантури, влегување во ризични ситуации и сл.)

Некои истражувања покажуваат дека во овој период, младите се особено подложни на користењето на цигарите и алкохолот. Злоупотребата на одредени супстанци кај возрасни луѓе се поврзува со нивното користење на алкохолот и цигарите како тинејџери. Според одредени статистики од САД, 90% од возрасните лица кои се пушачи, започнале да го користат тутунот во нивните тинејџерски години. Ова е доста значаен факт кој може да помогне со намалување на бројот на севкупните пушачи.

Влијанието на никотинот врз мозокот на адолесцентите

За време на тинејџерските години, во мозокот доаѓа до многубројни, клучни, структурни, хемиски и биолошки промени. Се смета дека за време на подолг период, доаѓа до реорганизација на сивата и белата маса во мозокот, како и на некои неврохемиски системи. Покрај ваквата реорганизација доаѓа и до голем број на неврохемиски промени.

Во нашиот мозок постои т.н систем или центар за награда. Кога практикуваме некоја активност која ни се допаѓа или ни претставува некое задоволство, нашиот мозок создава допамин. Допаминот претставува невротрансмитер и е заслужен за начинот на кој осеќаме задоволство.

Никотинот го користи или може да кажеме – злоупотребува ваквиот систем. Со внес на никотинот во телото, тој многу брзо стигнува до мозокот и предизвикува создавање на допамин. Но, количеството на допамин кое се создава е многу поголемо во споредба со секојдневните активности, како на пример јадење на некоја омилена храна. Ова е воглавно начинот на кои се создава зависност од никотинот и би било донекаде погрешно доколку пушењето го наречеме „навика“.

Споредбата на пушењето кај адолесцентите и возрасните, покажува дека мозокот на тинејџерите е посензитивен кон зависноста која ја создава никотинот. Истражувања покажуваат дека адолесцентите покажуваат симптоми на зависност при помалку испушени цигари, во споредба со зависноста која ја покажуваат возрасните пушачи. Младите адолесценти кои се најподложни на создавање зависност, покажале губење на контролата врз внесот на никотин, 1-2 дена по првиот контакт со цигара. Ваквата релативно лесна и брза зависност која се гради поради никотин-допаминскиот систем, може да се препише на развитокот и промените кои се случуваат во мозокот за време на адолесцентноста.

Некои испитувања покажуваат дека за време на овој период, споменатиот систем на награда кој го вклучува допаминот е доста поподложен на ефектите од никотинот. Покрај тоа, контролата која ја имаат адолесцентите врз ваквите ефекти на никотинот е мала, а тоа е делумно поради нецелосно развиениот дел од мозокот кој е одговорен за когнитивната контрола.

Социјалниот момент на пушењето

Споредено со возрасните, младите се генерално повеќе подложни на ефектот на награда што го создава допаминот. Исто така, одредени ризични ситуации им изгледаат интересно на младите, а и влијанието од нивните врсници е големо во овој период. Ова може директно да се поврзе и со ризикот од создавање на зависност од никотин. Адолесцентите имаат оптимистичен став во поглед на нивната зависност од цигари, верувајќи дека можат да пушат неколку години и потоа да ги откажат цигарите.

Овие тинејџерски години се исто така подложни на притисок од околината. Навиките на пушење кои младите ги гледаат од нивните родители, браќа или сестри, врсници и пријатели, доведуваат до зголемен ризик од пушење. Ваквата подложност од околината се намалува со годините.

Никотинот од цигарите може да доведе до дополнителен зголемен ризик од зависнот, преку пројаување на некои невротоксични ефекти во одредени делови од мозокот. Ова може да влијае врз когнитивниот развиток на младите.

Превенцијата е најдобриот чекор

Статистиката вели дека помал број на пушачи во адолесцентните години доведува до помал број на возрасни пушачи. Ова е особено важно и корисно да се знае, бидејќи постојат многу начини на кои може да се влијае и спречи зависноста од никотин кај тинејџерите. Треба да се стремиме и обидеме да сме добар пример за младите околу нас, бидејќи на тој начин ја подобруваме свеста и праќаме порака дека цигарите се нешто навистина штетно.

Притисокот од средината во која што растат исто така може да е значаен фактор при започнувањето на оваа зависност. Преку кампањи, работилници и едукација може да се тргне „кул“ факторот на цигарите и да се замени со слика за една штетна и опасна зависност. Цигарите брзо преминуваат во потреба и ова никогаш не треба да се потцени.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор