fbpx

Ниско калоричен оброк – полнети печурки на два начини

tonus

Понекогаш ни се потребни рецепти кои се навистина ниско калорични, а сепак се нутритивни, вкусни и лесни за подготовка. Можеби едни од најдобрите намирници за ваквите рецепти се печурките. Во прилог, издвојуваме два лесни рецепти за полнети печурки.

 

Печурки – здрави, а ниско калорични

 

Без разлика која печурка и да ја употребувате, тие делат неколку интересни и восхитувачки карактеристики. Пример за една од најчестите печурки застапена на нашите пазари е буковката. Високиот процент на вода, растителни влакна, протеини, но и ниската калориска вредност, ја прави буковката (но и повеќето печурки) нутритивно-густа храна, односно храна која е особено погодни при процесот на слабеење.

 

Во 86g буковка се содржат:

"“Online”/
  • само 37kcal
  • 5,6g јаглехидрати
  • 2,8g протеини
  • 0,4g маснотии
  • 2g растителни влакна
  • 4,3mg витамин Б3 (21% од Дневно препорачаниот Внес)
  • 0,3mg витамин Б2 (18% од ДПВ)

Taa има интересен и пријатен, неутрален вкус и може одлично да се вклопи во различни рецепти.

 

Покрај буковката, шампињоните се исто така често застапени и достапни на нашите пазари. За денешните рецепти ни се потребни  токму овие печурки, односно нивниот тркалезен и топчест дел ќе биде употребен за полнењето.

Во 100g шампињони има:

  • 22 калории
  • 3 грами јаглехидрати (од кои 1g влакна)
  • 3 грами протеини
  • 0 грами масти
  • Околу 33% од дневните потреби за витаминот Д
  • 16% од дневните потреби за селен

Тие се исто така богати со антиоксиданти, а дополнително се доста вкусни и често се наоѓаат во различни рецепти.

 

 

Полнети шампињони со пармезан и лук

 

За подготовка на овој рецепт потребни ви се околу 40 минути а истиот е доволен за 2 порции.

 

Потребни состојки:

  • 14-18 цели шампињони
  • Малку маслиново масло
  • 1 помала главица исецкан кромид
  • 3-4 чешниња лук, ситно исецкани
  • Свеж магодонос, суво оригано, сол и црн бибер
  • Малку презла
  • Рендан пармезан

 

Начин на подготовка:

1 . Со навлажнета хартија, фино избришете ги печурките и отстранете ги сите нечистотии. Препоралчиво е да не се мијат директно со вода бидејќи тоа ќе ја промени нивната текстура.

2 . Отстранете ги стебленцата. Тврдите краеви од нив фрлете ги, а останатиот дел ситно исецкајте го.

3 . Во тавче, ставете малку маслиново масло и пропржете го кромидот, лукот, стебленцата од печурките и магдоносот. Зачинете со малку сол и бибер.

4 . Тргнете го тавчето од оган, а потоа кон оваа смеса додадете ги пармезанот, презлата и сувото оригано.

5 . Во тавче за печење наредете ги печурките кои ќе ги полните (топчестиот дел). Наполнете ги со подготвената смеса. Обидете се да ја искористите целосно смесата. Доколку имате вишок, распространете ја околу печурките. Пропрскајте со маслиново масло и ставете ги печурките во рерна. Печете со алуминиумска фолија на 190 степени околу 20 минути, а потоа без фолија 10-15 минути.

 

Медитерански полнети печурки

 

За подготовка на овој рецепт потребни ви се околу 45 минути а истиот е доволен за околу 2 порции.

 

Потребни состојки:

  • Околу 16-18 цели шампињони
  • Малку лебни трошки
  • 2-3 чешниња лук, ситно исецкани
  • Околу 150g спанаќ
  • 1 мала главица кромид, ситно исецкана
  • Малку фета сирење или урда
  • 1-2 печени црвени или зелени пиперки
  • Малку суво оригано, сол и црн бибер
  • Маслиново масло
  • Свеж магдонос
  • По желба, сок од еден лимон

 

Начин на подготовка:

1 . Во тавче загрејте малку маслиново масло и додадете го кромидот. Пропржете го околу 3-4 минути, а потоа додадете ги пиперките, ориганото и лукот. Гответе дополнителни 2-3 минути. Потоа, додајте го спанаќот и динстајте уште 2-3 минути. На крајот, додадете ги лебните трошки и урдата (или фета сирењето). Гответе дополнителни 1-2 минути.

2 . Со навлажнета хартија, фино избришете ги печурките и отстранете ги сите нечистотии. Отстранете ги стебленцата. Тврдите краеви од нив фрлете ги, а останатиот дел ситно исецкајте го.

3 . Пропрскајте ги печурките (топчестиот дел) со маслиново масло и ставете ги во тавче, со топчестиот дел надолу.

4 . Наполнете ги печурките со подготвениот фил и ставете ги да се печат во рерна на околу 190 степени, 20-25 минути. Тие треба да се омекнати и да имаат фина, кафеавкаста боја.

 

 

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор