На науката и медицината им е веќе добро познато дека омега-3 масните киселини се дел од најздравите типови на масти и имаат низа на позитивни ефекти врз нашето здравје. Денес, ќе зборуваме зошто е важно лицата со дијабет да го внесуваат овој тип масти преку секојдневната исхрана.
Што претставуваат омега – 3 масните киселини?
Пред да ги погледнеме нивните потенцијални корисни ефекти за нашето здравје, најпрвин накратко да објасниме што претставуваат омега-3 масните киселини. Веќе добро знаеме дека мастите се делат на заситени и незаситени. Постојано слушаме дека заситените масти треба што помалку да се внесуваат и дека истите може да имаат негативен ефект врз здравјето. Од друга страна, внесот на незаситените масти се охрабрува и препорачува. Тоа се должи главно поради самата структура на мастите, односно поради градбата на нивните молекули. Незаситените масти имаат неправилна, прекршена форма и поради тоа имаат и различен ефект во нашиот организам. Омега – 3 масните киселини се една градбена единка на незаситените масти. Во нивната структура тие се прикачуваат за да формираат поголеми молекули (триглицериди), но сепак допринесуваат значајно за својствата на овој тип масти. Инаку, тие всушност претставуваат есенцијален нутриент – односно нутриент кој нашето тело не може да го создаде самостојно и мора да се внесе преку исхраната
Постојат повеќе видови на омега – 3 масни киселини, но најчесто застапените се:
- EPA – омега – 3 масна киселина која е заслужна за создавање на соединенија под името еикосаноиди (сигнални молекули)
- DHA – заслужна за нормално функционирање на мозокот и е застапена како 8% од масата на мозкот
- АHA – омега – 3 масна киселина која придонесува за здравјето на срцето, нервниот и имуниот систем
Како добар извор на омега-3 масни киселини се сметаат:
- рибата (особено помасните типови риба како лосос, туна, сардини и сл.) и морските плодови
- јаткастите плодови и семките (особено оревите, чиа семето и лененото семе)
- растителните масла – маслиново, ленено и др.
Зошто дијабетичарите е важно да внесуваат здрави масти, особено омега-3?
Омега-3 масните киселини, кои првенствено и најмногу се наоѓаат во рибините масла и одредени растителни масла, играат значајна улога во управувањето со дијабетесот поради нивните антиинфламаторни својства, но и нивниот позитивен ефект врз кардиоваскуларното здравје. Научните студии покажуваат дека омега-3 масните киселини можат да го подобрат липидниот профил со намалување на триглицеридите и зголемување на нивото на HDL (добриот) холестерол, што е од клучно значење за лицата со дијабет кои се веќе имаат поголем ризик од кардиоваскуларни заболувања.
Покрај тоа, омега-3 масните киселини ја подобруваат инсулинската сензитивност, главно преку намалување на воспалението – еден од главните фактори во патогенезата на инсулинската резистенција. Овие масни киселини, исто така, влијаат на флуидноста и структурата на клеточната мембрана, помагајќи во правилното функционирање на инсулинските рецептори и олеснувајќи го навлегувањето на глукозата во клетките.
Омега-3 масните киселини се поврзуваат и со намалување на воспалителните маркери, како што е Ц-реактивниот протеин (CRP), кој често е покачен кај лицата со дијабетес. Редовното консумирање на храна богата со омега-3, како што е масната риба (лосос, скуша, сардина), лененото семе, семето од чиа и јатките (особено оревите) или суплементирањето со омега-3, секако по консултација со вашиот лекар, може да биде важна алатка во менаџирањето и третирањето на дијабетот.