Добро е познато дека омега-3 масните киселини се можеби и најздравите масти кои можеме да ги внесуваме преку исхраната. Денес, ќе зборуваме накратко за нивниот позитивен ефект кој може да го имаат врз покачениот холестерол и триглицериди.
Што претставуваат омега – 3 масните киселини?
Пред да ги погледнеме нивните потенцијални корисни ефекти за нашето здравје, најпрвин накратко да објасниме што претставуваат омега-3 масните киселини. Веќе добро знаеме дека мастите се делат на заситени и незаситени. Постојано слушаме дека заситените масти треба што помалку да се внесуваат и дека истите може да имаат негативен ефект врз здравјето. Од друга страна, внесот на незаситените масти се охрабрува и препорачува. Тоа се должи главно поради самата структура на мастите, односно поради градбата на нивните молекули. Незаситените масти имаат неправилна, прекршена форма и поради тоа имаат и различен ефект во нашиот организам. Омега – 3 масните киселини се една градбена единка на незаситените масти. Во нивната структура тие се прикачуваат за да формираат поголеми молекули (триглицериди), но сепак допринесуваат значајно за својствата на овој тип масти. Инаку, тие всушност претставуваат есенцијален нутриент – односно нутриент кој нашето тело не може да го создаде самостојно и мора да се внесе преку исхраната
Постојат повеќе видови на омега – 3 масни киселини, но најчесто застапените се:
- EPA – омега – 3 масна киселина која е заслужна за создавање на соединенија под името еикосаноиди (сигнални молекули)
- DHA – заслужна за нормално функционирање на мозокот и е застапена како 8% од масата на мозкот
- АHA – омега – 3 масна киселина која придонесува за здравјето на срцето, нервниот и имуниот систем
Како добар извор на омега-3 масни киселини се сметаат:
- рибата (особено помасните типови риба како лосос, туна, сардини и сл.) и морските плодови
- јаткастите плодови и семките (особено оревите, чиа семето и лененото семе)
- растителните масла – маслиново, ленено и др.
Како можат омега-3 масните киселини да помогнат при покачен холестерол?
Омега-3 масните киселини играат значајна улога во управувањето со холестеролот поради нивните уникатни биохемиски својства и ефекти врз метаболизмот на липидите. Науката покажува дека омега-3 масните киселини, како што се EPA и DHA, го намалуваат нивото на триглицериди преку инхибиција на синтезата на LDL холестерол во црниот дроб. Тие исто така го подобруваат „чистењето“ или отстранувањето на LDL („лошиот“) холестерол од крвотокот. Покрај тоа, се смета дека омега-3 масните киселини може да го зголемат „добриот“ HDL холестерол, кој помага при транспортот на холестеролот подалеку од артериите и назад во црниот дроб за негово повторно користење. Дополнително, добро познатите антиинфламаторни својства на омега-3 масните киселини ја подобруваат ендотелијалната функција, односно обезбедуваат непречен и правилен проток на крв. Со ова всушност значително доаѓа до намалување и на ризикот од артериосклероза.
Овие заеднички, кумулативни ефекти на омега-3 масните киселини се научно поддржани, а тоа само допринесува за важноста и корисноста од нивен внес преку секојдневната исхрана.
Поврзано: Кои се омега 3, а кои омега 6 масни киселини? Кои се најдобрите ПРИРОДНИ извори?