fbpx

Како до полесно и успешно ОТКАЖУВАЊЕ на цигарите?

tonus

На нашиот блог, веќе некое време пишуваме за штетноста на цигарите и за алармантниот број на пушачи, како на глобално ниво, така и во нашата земја. Покрај сите апели, препораки и кампањи, пушењето продолжува да биде број 1 здравствен проблем во државата. Статистиката е исклучително загрижувачка и крајно време е за промени. Во нашата држава, речиси 50% од возрасната популација (лица над 18 години) се пушачи, а речиси секој трет тинејџер посегнува по цигара. Кон оваа поразителна статистика, дополнително влијае и допринесува големата поволност и достапност на цигарите кон сите групи од општеството. Како држава, имаме едни од најдостапните цени на цигари. Токму поради тоа, денешната статија ја посветуваме на начинот, односно постепените промени кои може да се направат со цел полесно и успешно откажување на цигарите.

 

Штетноста од пушењето е комплексна, сериозна и често прикриена

 

Чадот од цигарите се добива преку палење на самата цигара и тутунот во неа и претставува сложен систем од хемиски соединенија. Овие соединенија се прикачени на т.н аеросоли, односно многу ситни честички, а постојат и како слободни – како гас. Проценките на научниците се дека во чадот од цигарите има над 7000 различни хемиски соединенија.

"“Online”/

Се смета дека од тие 7000 различни соединенија, околу 69 се познати како канцерогени, а и голем број од нив се и токсични. Речиси и да нема ткиво во човековото тело врз кое чадот од цигарите не влијае штетно.

 

Понекогаш и непушачите се изложени на ризиците и штетните последици од чадот од цигари. Вдишување на чадот може да предизвика бројни здравствени проблеми, како срцеви заболувања и рак на белите дробови. Бидејќи светската статистиката за бројот на пушачи е алармантна и загрижувачка, а особено овој проблем е истакнат во нашата држава и регионот, пасивните пушачи се често загрозени.

Пасивното пушење подразбира вдишување на чад кој е испуштен од страна на пушачот, како и на чадот кој директно доаѓа од запалената цигара. Тој содржи огромен број на штетни соединенија, повеќето од нив и токсични:

–       Амонијак

–       Бензен

–       Кадмиум

–       Цијанид

–       Формалдехид

 

 

Начини кои може да помогнат за полесно и успешно откажување

 

 

Откажувањето на цигарите е сложен и тежок процес, кој бара одредена подготовка, желба и истрајност. Но, истиот може значително да го олесниме и да ги подобриме шансите тој да биде успешен.

 

1 . Мотивирајте се и бидете одлучни и истрајни – за успешно откажување потребно е силна волја и решителност. Пронајдете причина поради која ќе се одлучите трајно да се откажете од пушењето. Иако може да немате моментални проблеми со здравјето, запомнете дека откажувањето на цигарите ќе го продолжи вашиот живот, но и ќе го подобри неговиот квалитет. Направете го тоа за вашите блиски, но и за вас, со цел да може да имате подолг, поздрав и поисполнет живот.

 

2 . Направете одредени подготовки – наглото откажување е непрактично и речиси секогаш ќе биде неуспешно. Никотинот создава силна зависност, па откажувањето одеднаш само ќе доведе до сериозна потреба од никотин, која ретко кој ќе ја совлада. Затоа, постепено намалувајте го бројот на испушени цигари, правете поголеми временски паузи меѓу испушените цигари, но и подгответе си одредени помагала кои може да ви помогнат при откажувањето.

 

3 . Користете помагала при откажувањето – kако што споменавме во претходната точка, постојат одредени помагала кои може да го направат процесот на откажување полесен. Никотинските фластери и гуми за џвакање се еден начин да се внесе никотин, без илјадиците останати штетни соединенија кои инаку ги содржат цигарите. Никотинот е главната состојка која ја создава зависноста, но и потребата за цигара при откажувањето. Истражувањата покажуваат дека ваквите производи ги зголемуваат шансите за успешно откажување од цигарите. Покрај гумите за џвакање и фластерите, постојат и одредени терапии, односно апчиња кои содржат никотин и се земаат по точно прецизиран редослед и доза.

 

4 . Барајте поддршка од најблиските – известете ги најблиските дека се обидувате да се откажете од пушењето и побарајте ја нивната поддршка. Луѓето околу вас може да бидат одлична мотивација и да ве спречат при повторно започнување со оваа штетна зависност. Откажувањето заедно со ваш пријател, член од фамилијата или партнерот може да биде уште повеќе ефикасно и мотивирачки.

 

5 . Избегнувајте алкохол или други навики кои ги поврзувате со пушењето – луѓето често асоцираат одредена активност како пиење кафе или алкохол со палење на цигара. Доколку е тоа случајот, обидете се и настојувајте ваквите активности да ги избегнувате или сведете на минимум. Кафето заменете го со какао или чај, а алкохолот избегнувајте го. Доколку имате навика да запалите цигара по јадење, најдете друга навика како: прошетка, зборење со пријател, користење на гума за џвакање и сл.

 

6 . Движете се и бидете физички активни – активноста докажано ја намалува потребата од цигара. Прошетката во природа или со пријатели ги одзема мислите за палење на цигара и може да ви помогне да ги пребродите тешките моменти. Дополнително, досадата е исто така причина за повторно пушење. Затоа, слободното време искористете го за прошетка, вежбање, возење велосипед или сл.

 

Покрај овие совети, други ефикасни начини за полесно откажување се:

 

  • Елиминрајте го стресот и стресните ситуации – користењето на цигарите неретко се асоцира како начин за „смирување“ и најчесто тоа е при стресни моменти
  • Доколку се откажувате од цигари, избегнувајте контакт со луѓе кои пушат или во простории кои мирисаат на чад од цигари. Мирисот може да ги влоши симптомите на откажување и да ја зголеми потребата за цигара
  • Не се откажувајте – пушењето претставува сериозна и тешка зависност и откажувањето нема секогаш да оди лесно и брзо. Но, со силна волја и решителност речиси загарантирано ќе се откажете.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор