fbpx

Што се случува во организмот по откажување на цигарите?

tonus

 Иако сме свесни за последиците од пушењето, тоа продолжува да биде главниот, број 1 здравствен проблем во државата. Дури 48,4% од населението во нашата држава посегнува по цигарите и ваквата бројка нè прави лидери во регионот, но и во Европа. Покрај тоа, истражувањата покажуваат дека и над 30% од младите се пушачи. Ние се наоѓаме и високо на светската топ 10 листа на држави кои имаат највисок процент на население – пушачи. Ваквата статистика јасно покажува зошто пушењето претставува толку сериозен проблем по јавното здравје.

Речиси и да не постојат кампањи за подигнување на свеста од штетноста на цигарите, а луѓето кои пушат немаат помагала и ресурси за полесно да ги откажат цигарите. Тоа не е воопшто лесен чекор, но навистина е неопходен. Токму затоа, во денешната статија ќе зборуваме за позитивните промени кои се случуваат во организмот по откажувањето на цигарите.

Што ги прави цигарите толку штетни?

Главниот механизам односно причина поради кои доаѓа до формирање на бројни штетни соединенија од цигарата е всушност палењето, односно процесот на согорување. Чадот од цигарите кој се добива преку палење на самата цигара и тутун, е сложен систем од хемиски соединенија. Овие соединенија се прикачени на т.н аеросоли, односно многу ситни честички, а постојат и како слободни – како гас. Проценките на научниците се дека во чадот од цигарите има над 7000 различни хемиски соединенија.

"“Online”/

Ваквиот процес на согорување е само-одржувачки и ќе трае се додека ги има потребните состојки да гори, а тоа се тутун и кислород. Високите температури при ова согорување, кои можат да достигнат и до над 800℃, се причина за промените кои настануваат кај тутунот, пришто тој согорува и се испуштаат многубројни штетни соединенија.

Процесот всушност е доста сложен и протекува низ повеќе фази и повеќе региони, но во суштина комбинацијата од висока температура, кислород и тутунот како гориво, доведува до ваква сложена реакција.

Се смета дека од присутните 7000 различни соединенија, околу 69 се канцерогени, а голем број од нив се и токсични. Присуството на ваквите соединенија во различни продукти е секогаш нагласено и потрошувачот е предупреден и информиран за можните последици. За цигарите вакво предупредување не постои.

Дел од многубројните штетни соединенија кои настануваат како последица од согорување на цигарите се:

–       Ацетон – често користен како отстранувач на лак за нокти

–       Амонијак

–       Арсен– користен како отров за глувци

–       Бензен

–       Кадмиум

–       Јаглероден моноксид – токсичен гас

–       Нафтален

–       Метанол

–       Толуен и др.

Ваквите многубројни соединенија најдени во чадот од цигарите се штетни и се предизвикувачи на потенцијално голем број на заболувања. Чадот од цигарите не е само штетен по здравјето на нашите бели дробови, тој има штетно влијание врз речиси секое ткиво – бубрези, срце, усна празнина, крвни садови и др.

Што се случува во нашето тело кога ќе ги откажеме цигарите?

Можеби постои верување дека е потребно долг период за да дојде до видливи подобрувања во здравјето по откажувањето на цигарите, но тоа не е точно. Одредени промени и подобрувања настапуваат и во првите 24 часа, а како тече времето, тие само се подобруваат и се повеќе бројни. Во продолжение ги издвојуваме промените кои ќе се јават доколку престанеме со пушење, како и временскиот период кој е потребен за да дојде до нив.

По првиот час – пулсот се намалува и се враќа во нормала, како и крвниот притисок, а циркулацијата почнува да се подобрува.

Во првите 12 часа – телото ги исфрла и последните траги од јаглероден моноксид кои се присутни во телото. Овој штетен и токсичен гас е присутен во цигарите и негативно влијае врз крвотокот. По само 12 часа се зголемува и подобрува количеството на кислород во крвта.

По 24 часа – се смета дека по само еден ден, ризикот за појава на срцев удар веќе опаѓа. Доаѓа до стабилизација на крвниот притисок и подобрување на крвотокот. Од првиот ден па натаму, физичката активност и вежбањето стануваат чекор по чекор полесни за практикување.

По 48 часа – се подобруваат и закрепнуваат сетилата за мирис и вкус.

По 72 часа – по 3 дена се смета дека веќе нема траги од никотин во телото. Овде може да се јават најсилните потреби за пушење, но тоа е сосем нормален и очекуван дел од откажувањето. Важно е да се запамти дека ваквите потреби брзо ќе поминат и дека откажувањето и здравствените придобивки од него, се далеку поважни.

По 1 месец – доаѓа до подобрување на функцијата на белите дробови. Поради процесот на закрепнување, пушачите можно е да забележат дека има и поретко кашлање и недостаток од здив. Физичките активности дополнително се олеснуваат како што поминува времето.

По 3 месеци – крвотокот продолжува да се подобрува.

По 9 месеци – постои значително подобрување и заздравување кај белите дробови. Ризикот за појава на инфекции е намален, физичката активност е олеснета и не постои недостаток од здив.

По 1 година – по една година од откажувањето, ризикот за појава на коронарни срцеви заболувања се намалува за половина. Шансите за појава на вакви заболувања ќе продолжат да опаѓаат.

По 5 години – пушењето доведува до стеснување на крвните садови. Ваквата појава го зголемува ризикот за бројни срцеви заболувања. По 5 години, доаѓа до проширување на крвните садови и ваквиот ризик се намалува. Дополнително, значително се намалува и ризикот за мозочен удар.

По 10 години – ризикот за појава на рак на белите дробови е речиси преполовен. Исто така, ризикот за појава на рак на усната празнина и грлото исто така е намален.

По 15 години – ризикот за појава на коронарни срцеви заболувања е ист како на лицата кои никогаш не пушеле. Ризикот за појава на рак на панкреасот, исто така се изедначува со оној на непушачите.

По 20 години – ризикот за појава на разни заболувања како последица од пушењето, се изедначува со оној на непушачите.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор