fbpx

Зошто ПОЛИЦИСТИЧНИТЕ ЈАЈНИЦИ одат рака под рака со ИНСУЛИНСКАТА РЕЗИСТЕНТНОСТ?

tonus

Во оваа денешна статија ќе се задржиме на две состојби кои често одат рака под рака – полицистични јајници (PCOS) и инсулинската резистенција. Ќе погледнеме зошто се често присутни заедно и каква е поврзаноста меѓу нив.

 

Што е инсулинот?

Инсулинот е хормон кој го излачува панкреасот. Неговата главна улога е да го регулира количеството нутриенти кои циркулираат во крвотокот.

Иако најчесто се поврзува со контролирањето на шеќерот во крвта, овој хормон има улога и во метаболизмот на мастите и протеините.

"“Online”/

Кога имате оброк кој содржи јаглехидрати, нивото на глукоза во крвта по кратко време ќе порасне. Клетките на панкреасот имаат механизам според кој можат да го ,,почувствуваат” ова, по што излачуваат инсулин во крвотокот.

Инсулинот им сигнализира на клетките дека треба да го примаат шеќерот од крвта. Овој процес резлутира со намалени глукозни нивоа. Постојано покачените нивоа на шеќер во крвта се особено штетни од повеќе аспекти, а екстремно високите можат да предизвикаат сериозна штета, па дури да бидат и живото-загрозувачки.

 

Инсулинска резистентност

Кога клетките имаат нарушен одговор кон ефектот и функцијата на инсулинот, тогаш е присутна состојбата позната и како инсулинска резистентност или отпорност. Во вакви услови, панкреасот почнува да лачи уште повеќе инсулин во намерата да го намали шеќерот во крвта. Ова води кон високи нивоа на инсулин во крвта, состојба наречена хиперинсулинемија.

Со текот на времето, резистентноста на клетките кон инсулинот може да се зголемува, предизвикувајќи високи нивоа на шеќер, но и на инсулин во крвотокот. На крајот може да дојде до оштетувања на панкреасот и следствено, намалена продукција на инсулинот и секако, дијабет.

Инсулинската резистентност е најчестата причина за дијабет тип 2, заболување кое опфаќа и до 10% од светската популација, но и за гестационалниот дијабет и предијабетот – исто така доста чести заболувања. Повеќе околу дијабетот, прочитајте тука.

 

Како инсулинската резистентност се повзува со полицистичните јајници? Зошто се често присутни заедно?

Синдромот на полицистични јајници (PCOS) е сложено ендокрино нарушување кое зафаќа значителен дел од женската популација во репродуктивната возраст. Тоа најчесто се карактеризира со хиперандрогенизам, овулаторна дисфункција и полицистични јајници. Инсулинската резистенција е една од главните карактеристики кај многу жени со PCOS, играјќи клучна улога во патофизиологијата на состојбата.

Инсулинската резистенција кај PCOS е проследена со намалена способност на инсулинот да го стимулира навлегувањето на глукоза во периферните ткива, како што се мускулите и масното ткиво, и покрај нормалното или покаченото ниво на инсулин. Оваа неефикасност бара поголема секреција на инсулин од панкреасот за да се одржи стабилно ниво на шеќер, што доведува до хиперинсулинемија. Хиперинсулинемијата го влошува хиперандрогенизмот –  прекумерното создавање на машки полови хормони (главно тестостеронот) во јајниците. Ваквиот дисбаланс во хормони предизвикува низа на промени, меѓу кои е и синдромот на полицистични јајници.

Дополнително, отпорноста на инсулин придонесува и за метаболички нарушувања забележани кај PCOS, вклучувајќи дислипидемија, дебелина, зголемен ризик за дијабетес тип 2 и кардиоваскуларни болести. Позадината и причините на инсулинската резистенција кај PCOS се повеќеслојни и ја вклучуваат и генетската предиспозиција, но и фактори како прекумерна тежина и други аспекти од начинот на живот – исхрана, физичка активност, степен на хронична инфламација и сл.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор