Иако бројот на пушачи во повеќето Европски земји се намалува (за жал не во тој обем и кај нас!), ракот на белите дробови се’ уште останува најчестата причина за смртност од канцер помеѓу машката популација.
Како и сите видови на рак, ракот на белите дробови не е една болест – се појавува во различни типови на белодробни клетки, па дури некогаш во ист тип на клетки, но регулиран од различни биохемиски, односно метаболитички патишта.
Ракот не е една туку илјада и една болест
Рековме дека ракот на белите дробови не е една туку голем број на различни болести. Различна болест, бара и различен пристап. Прв чекор на патот за обезбедување на индивидуален третман кај пациентите со овој проблем е идентификување на тоа кој тип на белодробни клетки е променет. Кај 10-15% од случаите, ракот е на микроклеточен. Сепак, најголемиот дел од случаите отпаѓа на т.н. немикроклеточен (NSCLC). Oвој тип на рак понатаму е категоризиран на аденокарцином или карцином на сквамозните клетки. Оваа поделба има силни импликации во одлучувањето на соодветната терапија.
Терапијата е во директна зависност од прецизната дијагностика
Во одредени подтипови детектирани се специфични молекуларни таргети. Некои специфични промени во геномот исклучуваат други типови на мутации и многу е важно да се сфати кој е всушност водечкиот фактор зад неконтролираното растење на туморот кај конкретен пациент. Ако се утврди генетска абнормалност којашто може да се таргетира со лекови, тогаш постои надеж за ефективен третман. Затоа, пациентите треба да бидат свесни за постоењето на најразлични типови рак на бели дробови и да се стремат да ја добијат специфичната дијагноза. За таа цел неопходно е анализирање на дел од ткивото, преку биопсија.
Ризикот од претеран третман, што може да продуцира несакани ефекти без да има бенефит за пациетот, мора да биде балансиран наспроти ризикот од недоволен третман, што пак може да го одалечи пациетот од ефективни, корисни интервенции од различен вид. Ова важи за сите типови на канцер
NSCLC биомаркери
Се поголемото разбирање на молекуларните механизми одговорни за развивањето и прогресијата на NSCLC кај одредена група на пациенти, овозможува различни таргетирани терапии. Тие за разлика од конвенционалните се поефективни, но што е многу важно се повеќе толерирани од страна на пациентите. Веќе станува докторска пракса тестирање на канцерогените ткива заради утврдување на потенцијално присуство на две молекуларни абнормалности, пред да се предложи персонализиран третман. Станува збор за абнормалности наречени EGFR (epidermal growth factor receptor, уште познати како HER1) и ALK (anaplastic lymphoma kinase). Тие се валидирани како биомаркери за предвидување на добар одговор на специфични класи на лекови. Постојат и повеќе други утврдени, но кај доста помал дел од пациентите со овој проблем.
Клетките на нивната површина поседуваат рецептори кои се однесуваат како ,,станица” за факторите на раст што циркулираат во крвта. Кога фактор на раст ќе се поврзе со рецепторот, се испраќа сигнал до клеточното јадро, кое потоа се дели. Во нормални услови, концентрацијата на фактори на раст и сензивноста на рецепторите на овие фактори се во деликатен баланс. Така, клетките се делат само кога е потребно за нормалниот раст или заради замена на оштетено ткиво.
Персонализирана медицина базирана на молекуларни профили на туморот
Кај околу 10% од пациентите со NSCLC, споменатите рецептори се абнормално сензитивни и клеточната делба излегува од контрола. Логично е да се заклучи дека пациентите што имаат ваков тип на рак на бели дробови имаат потенцијал добро да реагираат на оралните лекарства наречени EGFR тирозин киназа инхибитори. Тие ја блокираат трансмисијата на сигналите од споменатите рецептори до клеточното јадро.
Околу 5% од пациентите со NSCLC имаат тумори коишто покажуваат абнормалности во т.н. ALК ген, што води кон создавање на прекумерно активна форма на ензими поврзани со поттикнување на растот. Во овој случај, ваквите пациенти добро реагираат на лекарства со соодветни инхибитори поврзани со (запирање на) активноста на претходно споменатите ензими.
Иако 80-90% случаите на канцер на бели дробови се поврзани со пушењето, ова заболување се јавува и кај оние што никогаш не пушеле. Ваквиот тип на канцер почесто се јавува кај жените во однос на мажите. Ракот на бели дробови што не се поврзува со пушењето, особено кај жените и кај луѓето од источна Азија, има поголема веројатност да покаже некоја од мутациите за коишто зборувавме погоре, односно EGFR i АLK мутации. Во двата случаи, дијагностицирањето на овие абнормалности има потреба од софистицирана технологија и треба да се одвива во специјализирани лаборатории со ригорозни процедури со цел добивање на квалитетен резултат.
Мулти-модалитетен третман
За поголемиот дел на пациентите со NSCLC, чиј тумор не покажува EGFR или ALK абнормалности, истражувањата се во насока на откривање на други молекуларни маркери што ја карактеризираат нивната состојба и следствено на тоа лекарства што можат да бидат соодветни (веќе се откриени повеќе други молекуарлни маркери).
Сепак, дури и без идентификувани молекуларни абнормалности што водат кон специфични третмани со лекови, грижата за пациентите со рак на бели дробови може да биде персонализирана на повеќе различни и важни начини. Клучно во оваа насока е прецизно проценување на големината и локацијата на примарниот тумор и степенот до кој заболувањето е проширено. Софистицираните техники, како позитронска емисиона томографија (PET) и магнетна резонанца (MRI), играат значително важна улога во прецизното лоцирање на секундарните канцери (познати и како метастази).
Помалите канцери можат да бидат хируршки третирани, често со додатна радиотерапија.
Kраток заклучок
Ракот на белите дробови е комплексно заболување чие успешно лекување зависи од прецизното дефинирање на карактеристиките на болеста кај даден пациент, хистолошкиот тип на туморот, биомаркерите и добрата комуникација помеѓу патологот и онкологот.
Во последнава декада, се случи значителен прогрес во развојот на терапиите со комплементарни предиктивни биомаркери за NSCLC. Дијагностичките биомаркери веќе стануваат клиничка рутина, а бројот на предиктивни биомаркери (кои се поврзуваат со тераписки опции) значително ќе се зголемува во иднина, со оглед на бројните истражувања кои се во тек.