fbpx

Колку ПЕШАЧЕЊЕ е потребно за да го ПОДОБРИМЕ нашето ЗДРАВЈЕ?

tonus

Најверојатно сте забележале дека ставаме голем акцент на физичката активност на нашиот блог и преку нашите статии се обидуваме да ја доловиме нејзината важност за нашето здравје. Понекогаш, луѓето мислат дека за да ги искористат придобивките од некаква физичка активност, потребно е да вложат многу слободно време, енергија и посветеност. Точно, овие три параметри може да ги зголемат и нагласат придобивките, но истите не се задолжителни. Кај голем број пациенти, препораките се околу пешачењето – активност која е лесна, достапна за сите и блага кон нашето тело и физичка подготвеност. Позади придобивките од пешачењето стојат голем број студии и истражувања, а денес ќе зборуваме за потребниот број на чекори кој е доволен за да има голем позитивен ефект на нашето здравје.

 

Зошто е важно да сме барем малку физички активни?

Според СЗО (Светската Здравствена Организација) околу 2 милиони смртни случаи секоја година се должат и препишуваат на физичката неактивност. Токму поради тоа, СЗО ги вбројува седечкиот начин на живот и физчката неактивност во првите десет причини за смрност кај луѓето. Поради темпото и начинот на кој се одвиваат денешните работни обврски, се смета дека седечкиот начин на живот е веќе сериозен проблем и ризик по јавното здравје. Проценките велат дека 60-85% од популацијата во развиените земји, води седечки начин на живот. Голем број студии покажуваат дека седењето и физичката неактивност значително го зголемуваат ризикот за:

  • Прекумерна телесна тежина
  • Тип 2 дијабет
  • Одредени форми на рак
  • Кардиоваскуларни заболувања
  • Предвремена смрт и др.

Доколку физичката активност е занемарена веќе подолг временски период, тогаш на телото навистина му се отежнуваат дури и најосновните функции како одржувањето на нормално ниво на шеќер во крвта, одржување на нормален крвен притисок и сл. Покрај физичкото здравје, седечкиот начин на живот влијае особено негативно и на менталното здравје и благосостојба. Една студија во која биле вклучени над 10.000 испитаници, покажала дека физичката неактивност и честото седење го зголемуваат ризикот за бројни ментални нарушувања.

"“Online”/

 

Како е пешачењето корисно по здравјето?

Постојат повеќе аспекти преку кои може да ја согледаме позитивната страна и влијание на пешачењето кон нашето здравје. Но, најпрвин да почнеме со еден аспект кој е од критично значење за оваа форма на физичка активност.

Пешачењето е тип или форма на физичка активност која е можеби најлесно да ја изведеме секојдневно и да прерасне во здрава, трајна навика.

Зошто е тоа така? Иако постојат и други активности кои се едноставни и достапни за многумина, навистина нема некоја која е лесна и која може да се вметне во сечиј распоред, физичка подготвеност, услови и сл. Од најмладите, до најстарите – пешачењето е идеален начин за започнување на едно ново поглавје, односно за градење на поздрави навики. Придобивките се многубројни:

  • Подобрување на кардиоваскуларното здравје
  • Намален ризик за кардиоваскуларни заболувања
  • Подобра контрола врз бројни состојби, како: хипертензија, дијабет, висок холестерол, болки и вкочанетост во зглобовите и мускулите итн.
  • Посилни коски и подобрена рамнотежа
  • Зајакнување и одржување на мускулното ткиво
  • Одржување и намалување на телесната тежина
  • Подобрено расположение и ментално здравје

 

Колку пешачење е доволно за да се добијат ваквите придобивки?

Ова е можеби и најдобрата страна и карактеристика на пешачењето, покрај неговата едноставност. За да ги искористиме ваквите здравствени придобивки, потребни се само 8.000 чекори дневно, велат истражувањата. Ова е околу 6-7 километри, а доколку се движиме со 4-5 километри на час, тоа би било околу час и половина. Но, ова не е наивна и мала бројка, затоа секогаш започнуваме со онолку колку што можеме. Дури и 30 минути се доволно за да почувствуваме здравствени придобивки.

Инаку, едно поново истражување се фокусирало на прашањето: Дали е доволно доколку само за викендите сме физички активни, или пак вреди да се потрудиме и тоа да го правиме секојдневно?

Периодот на следење на испитаниците во испитувањето бил околу 10 години. Резултатите биле навистина интересни и особено важни во поглед на тоа како гледаме и каков е нашиот став кон градење на нова навика. Науката веќе потврдила дека резултатите се најдобри кај лица кои се редовно физички активни, но ова истражување покажува дека секој може да го подобри здравјето со она време кое му е на располагање. Бидејќи времето е често лимитирачки фактор, испитаниците во оваа студија биле активни само за викендите, каде ги следеле препораките за 8.000 чекори дневно. И покрај нередовноста, тие сепак имале одредени здравствени подобрувања, наспроти оние кои се целосно физички неактивни.

 

Што значат ваквите резултати?

Иако препораките велат дека се потребни 8.000 чекори дневно, реалноста е дека ваквата бројка не секогаш може да биде исполнета од страна на сите. Едноставно, обврските и секојдневието може да ги попречат нашите планови. Затоа, важно е да го искористиме било кој слободен момент за некакво раздвижување, а најлесната форма е секако пешачењето. Без разлика колку денови во неделата ќе пешачите и колку чекори ќе направите, важно е тоа да биде ваша навика, односно нешто што ќе го правите со желба и исполнетост, а придобивките ќе си дојдат неизбежно.

Затоа, не се фокусирајте на бројката, туку на пристапот кон градење на една нова навика, која долгорочно ќе го достигне својот целосен потенцијал, а со тоа ќе се рефлектира и исклучително позитивно на вашето целокупно здравје.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор