Во оваа статија ќе се задржиме на еден тип на физичка активност кој е препорачлив за секого, без разлика на годините. Станува збор за пливањето, активност која е исклучително корисна и нежна кон телото, а нуди низа на придобивки за кои ќе зборуваме во продолжение.
Зошто е важно да сме физички активни?
Редовната физичка активност, покрај здравата исхрана, е можеби една од наједноставните, а сепак најефикасни алатки за одржување на нашето здравје и виталност. Како здрава навика, вежбањето може значително да допринесе кон подобрување на нашето физичко, но и ментално здравје.
Дел од придобивките кои физичката активност ги дава се:
- Одржување на телесната тежина – физичката активност помага да ја одржиме, па и намалиме телесната тежина, бидејќи таа ја зголемува потрошувачката на калории. Било кој тип на активност, во било кој период може да ви помогне да потрошите неколку дополнителни калории.
- Подобрено срцево здравје и намален ризик од заболувања – вежбањето е добар начин да се регулира „лошиот“ LDL холестерол, а да се подобри нивото на т.н „добар“ холестерол. Редовната физичка активност го намалува ризикот за: мозочен удар, срцев удар, хипертензија, тип 2 дијабет и сл.
- Подобар и поквалитетен сон – физичката активност е еден од најдобрите начини за да го подобриме квалитетот на нашето спиење. Повеќе на оваа тема може да прочитате во една од нашите претходни статии, која можете да ја најдете тука.
- Подобрена физичка подготвеност, градење ново мускулно ткиво и поздрави и посилни коски.
- Подобрено расположение – вежбањето и движењето доведуваат до лачење на одредени хормони – ендорфини, адреналин и сл. Тие се сметаат за заслужни за ефектот на подобрување на расположението кој го има физичката активност и токму за ова ќе зборуваме во продолжение.
Зошто пливањето е препорачливо за сите – без разлика на возраста и физичката подготвеност?
Пливањето е препорачливо за луѓе од сите возрасни групи поради низата на придобивки кои се однесуваат на физичкото и менталното здравје, но и од социјалниот аспект. Како тип на активност која е особено нежна кон телото, пливањето е погодно и корисно за зглобовите, што го прави особено корисно за возрасни лица, лица со артритис и оние кои се опоравуваат од повреди. Водата ја поддржува тежината на телото, намалувајќи го стресот на зглобовите и минимизирајќи го ризикот од повреда. Ова го прави пливањето достапно за деца, возрасни и постари лица.
Здравјето на кардиоваскуларниот систем, исто така значително се подобрува преку пливањето, бидејќи е активност која е здрава за срцето и промовира ефикасна циркулација, намалувајќи го ризикот од срцеви заболувања и хипертензија. Поради движење низ отпорот од водата, пливањето вклучува повеќе мускулни групи, зголемувајќи ја севкупната мускулна сила, издржливост и флексибилност.
Ритмичката природа на пливањето има смирувачки ефект врз умот, намалувајќи го стресот, анксиозноста и симптомите на депресија. Исто така, социјалниот аспект на пливањето, без разлика дали е во базен, тим за пливање или во друга средина – поттикнува социјална интеракција, што е корисно за менталното здравје. Докажано е дека пливањето ја подобрува и респираторната функција, што е поволно за лица со астма или хронични респираторни состојби. Со своите сеопфатни здравствени придобивки и приспособливост за сите возрасни групи, пливањето е разноврсна и ефикасна вежба која промовира целокупно здравје и благосостојба.