fbpx

Како ПОКАЧЕНАТА ТЕЛЕСНА ТЕЖИНА влијае врз ХОЛЕСТЕРОЛОТ?

tonus

Покачениот холестерол е особено честа појава, а со тоа тој претставува и значаен и сериозен ризик по кардиоваскуларното здравје. Во светски рамки, годишно околу 2,6 милиони смртни случаи се препишуваат на покачениот холестерол. Тоа би било околу 4,5% од вкупниот број на смртни случаи. Дополнително, ваквата состојба се смета за главен ризик фактор по срцевото здравје и интересно е што истата е застапена и во развиените, но и во помалку развиените држави. Денес ќе зборуваме за покачениот холестерол, а особено ќе ја погледнеме неговата поврзаност со уште една исклучително застапена и проблематична состојба – покачената телесна тежина.

Што претставува холестеролот и зошто е опасно доколку е покачен?

Холестеролот претставува восочна супстанца, која припаѓа на групата на липиди. Тој природно е присутен во нашиот организам и се создава во црниот дроб. Има незаменлива улога во градењето на здравите клетки, нивните мембрани и сл. Постојат два вида на холестерол:

  • LDL – или често наречен и „лош“ холестерол, претставува липопротеин со помала густина кој е заслужен за транспортирање на холестеролот низ телото и крвотокот. Овој тип на холестерол се таложи во внатрешноста на крвните садови и доведува до нивно стеснување.
  • HDL – или т.н „добар“ холестерол, го собира вишокот холестерол и го транспортира до црниот дроб.

Покаченото ниво на холестерол во крвта може да биде проблематично за здравјето, особено за кардиоваскуларното. Покачувањето на холестеролот може да доведе до таложење на еден вид масни наслаги или депозити во внатрешноста на крвните садови. Ваквото таложење со текот на времето може да стане значително и со тоа да го отежни протокот на крвта низ крвните садови. Ова секако значи дека со текот на времето овие наслаги може целосно да го попречат дотокот на крв, а тоа може да има сериозни последици по здравјето, а во некои случаи да предизвика и смрт.

"“Online”/

Покрај наталожувањето, овие наслаги може неочекувано да се одвојат и да формираат еден вид на тромб која ќе запуши потесен дел од крвниот сад.

Зошто доаѓа до покачување на нивото на холестерол во крвта?

За покачување на холестеролот над границите на нормалата, може да постојат повеќе причини и ризик фактори. Прво, покачениот холестерол може да се јави како резултат на генетиката, односно на фамилијарната историја – блиски членови од семејството кои исто така страдале од покачен холестерол.

Но, најчесто покачениот холестерол се јавува како резултат на нездрав и несоодветен начин на живот. Јадење на процесирана, масна храна, не практикување на било каква физичка активност, прекумерна телесна тежина, пушење и често консумирање алкохол, се дел од навиките кои значително го зголемуваат ризикот за појава на покачен холестерол.

За најчести ризик фактори се сметаат:

  • Лоша исхрана – внесот на премногу заситени и транс масти го зголемува нивото на холестерол.
  • Прекумерна телесна тежина
  • Недоволна физичка активност
  • Пушење
  • Консумирање на прекумерни количества алкохол
  • Возраста – најчесто, покачениот холестерол се јавува по 40-тата година. Со стареењето, црниот дроб има се помала способност да се ослободува од вишокот на „лош“ холестерол.

Како е поврзан покачениот холестерол со телесната тежина?

Според Американска асоцијација за срцево здравје, високиот холестерол може да се јави и кај лицата со покачена телесна тежина, но и кај оние со здрава тежина. Меѓутоа, покачената тежина значително го зголемува ризикот за покачување на вкупниот холестерол, а тоа се должи поради зголемување на непосакуваниот LDL, а намалување на „добриот“ HDL холестерол. Се смета дека секои дополнителни 5 килограми над нашата оптимална, здрава тежина значат и дополнителни 10mg на холестерол кои се создаваат во нашето тело секојдневно. Исто така, покачената телесна тежина го зголемува ризикот и за покачување на нивоата на триглицеридите, кои пак дополнително може да го загрозат срцевото здравје. Прекумерните масни наслаги (особено во пределот на стомакот), значи дека се зголемува и количеството на слободни масни киселини во крвотокот, се влошува инсулинската сензитивност и се зголемува инфламацијата во телото.

Некои истражувања покажуваат дека само 5-10% намалување на телесната тежина е доволно за значително да се намали нивото на LDL холестерол, особено кај лицата со останати ризик фактори по срцевото здравје. Една студија покажува дека само 1-3% намалување во тежината е доволно за да се подобрат нивоата на HDL (добриот) холестерол. Дополнително, регулирањето на телесната тежина го намалува ризикот и за останати заболувања, што пак индиректно ќе влијае позитивно врз кардиоваскуларното здравје. Исто така, на луѓето им е значително полесно да се редовно физички активни кога имаат здрава телесна тежина. Физичката активност е инаку една од најдобрите и наједноставни алатки преку која може да се намали покачениот холестерол, но и да се одржува, па дури и подобри целокупното кардиоваскуларно здравје.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор