За деновите кога немаме премногу време за готвење, можеби и нема подобра опција од подготовка на оброк со риба. Комбинацијата од рибино месо и зеленчуци (свежи, печени или варени) е исклучително лесна за подготовка, здрава, нутритивна и секако – вкусна. Постојат голем број на рецепти за интересни комбинации, а денес издвојуваме два рецепти за подготовка на полнета риба. За овие рецепти може да искористите било каков тип на свежа риба по ваша желба.
Зошто рибата е здрава и корисна за нашето здравје?
Рибиното месо се смета за еден од најдобрите извори на две форми на омега – 3 масните киселини – ЕРА и DHA, кои се исклучително важни, пред сè за здравјето на срцето. На пример, во месото на пастрмката, на 100g се содржат:
- 0g јаглехидрати
- 3,5g вкупни масти, од кои – 0,7g заситени, 1,1g мононезаситени и 1,2g полинезаситени
- 20,5g протеини
Од витамините, пастрмката ги содржи повеќето витамини од Б групата (Б1, Б2, Б3, Б5, Б6, Б9 и Б12) и витамините А, Д и Е.
Таа исто така се смета за релативно ниско калорично месо и содржи само 119 калории/100g.
Општо гледано, рибиното месо се смета за одличен извор на здрави масти (особено на омега-3 масните киселини), комплетни протеини како и низа на витамини и минерали.
Полнета риба со шери домати и лук
За подготовка на овој рецепт потребно ќе ви е околу еден час и истиот е доволен за околу 4 порции.
Потребни намирници:
- Околу 300g шери томати, исечени на половинки
- Малку маслиново масло
- 2 големи лажици балсамико оцет
- Малку сушено чили или лут буковец
- Сол, мелен црн бибер и малку сушено оригано
- 4 чешниња лук, ситно исецкани
- 1 големо парче риба по ваш избор или 2 помали (околу еден килограм)
- 1 лимон, исечен на кругчиња
- Малку свеж магдонос
Подготовка:
- Во голем сад, ставете ги шери доматите, маслиновото масло, оцетот, чилито, ориганото и дел од исецканиот лук и зачинете со малку сол и бибер. Ваквата смеса фино промешајте ја и оставете ја околу 20-30 минути на собна температура.
- Во меѓувреме, со остар нож направете засеци во рибата каде ќе ја полните (во пределот на стомакот). Пропрскајте со малку сол, а потоа ставете го преостанатиот лук во празнината од рибата. Ставете и неколку кришки лимон и малку свеж магдонос. Надворешноста на рибата премачкајте ја со маслиново масло и посолете ја.
- Во рерна на 220℃, печете ги парчињата риба во тавче обложено со хартија за печење. Печете околу 20-30 минути во зависност од големината и дебелината на парчето риба. Кога рибата ќе има крцкава надворешнсот, а мека и сочна внатрешност, извадете ја од рерната.
- Кога таа ќе е печена, послужете ја така што парчето риба ќе го покриете со смесата од домати и лук, која претходно ја подготвивте.
Риба со лук, пиперка и домат
За подготовка на овој рецепт потребни ќе ви бидат околу 35 минути и истиот е доволен за 4-5 порции.
Потребни намирници:
- Околу еден килограм риба (по ваш избор)
- 5-6 чешниња лук, ситно исецкани
- 2 мали лажички кумин
- 2 лажички кориандер
- Сол и мелен црн бибер
- 3 пиперки (препорачливо е комбинација од зелени и црвени) , исецкани на кругчиња
- 1 голем домат, исецкан на кришки
- 1 средно голема главица кромид, исечкана на кругови
- Маслиново масло
- Еден лимон
Подготовка :
- Со остар нож, направете засеци од двете страни на парчето риба. Наполнете ја внатрешноста на рибата со исецканиот лук.
- На страна, во сад, измешајте ги зачините. Со таквата мешавина зачинете ги страниците од рибата и внатрешноста. Во внатрешноста на рибата ставете ги и исецканите пиперки, домати и кромид.
- Вака наполнетите парчиња риба, ставете ги во тавче кое е обложено со хартија за печење. Премачкајте ги парчињата риба со маслиново масло. Преостанатите зеленчуци наредете ги околу рибата и пропрскајте со малку маслиново масло.
- Рибата и зеленчуците ставете ги да се печат во претходно загреана рерна на 200℃. Печете околу 25 минути, односно додека месото на рибата фино не омекне.
- Послужете со малку сок од лимон и со малку компир или ориз како прилог.