fbpx

Поспаност по јадењето? – Овие намирници ќе ви помогнат да останете будни и енергични

tonus

Преку сè повеќе статии на нашиот блог се обидуваме да ја потенцираме важноста на добриот и квалитетен сон. Исто така наречена и „хигиена на спиење“, практикувањето на редовен, долг и квалитетен сон има огромно влијание врз нашето ментално и физичко здравје. Но, понекогаш потребата од сон доаѓа во несоодветен период и покрај тоа што сме спиеле доволно минатата ноќ. Најчесто ваквата потреба од дремка доаѓа по главниот, обилен оброк, па се чувствуваме мрзеливо, поспано и без енергија и концентрација. Ова може особено да е проблематично доколку сме на работа или пак нé очекуваат уште бројни обврски во текот на денот. Но, постојат одредени намирници кои може да ни помогнат да го задржиме фокусот и да го избегнеме чувството на поспаност и замор по оброкот.

 

Зошто ни се приспива по обилен оброк?

 

Некои истражувања сметаат дека луѓето се чувствуваат уморно и поспано по оброкот, бидејќи во телото доаѓа до создавање на серотонин. Тој има клучна улога во регулирањето на расположението кај луѓето, но и на циклусот на спиење. Дополнително, храна која е богата со протеини и јаглехидрати се смета дека повеќе влијае на „поспаноста“ отколку другите нутриенти.

Токму аминокиселината триптофан, која се наоѓа во многу намирници кои се богати со протеини, помага при создавањето на серотонин во телото. Таа се смета за заслужна за потребата од дремка по обилни протеински оброци, пример мисиркино месо.

"“Online”/

Покрај ова, самата количина на внесена храна има улога во нивото на енергија по оброкот. По поголеми оброци потребата од спиење е поголема и нивоата на енергија значително се намалени. Доколку со нив е вклучен и алкохол, поспаноста е дополнително нагласена.

 

Како да ја избегнеме поспаноста по јадењето?

 

Ваквиот пад во нивото на енергија може да е проблематично и непосакувано за многумина. Една студија од 2017 година ги проучувала ефектите на јадењето врз потребата од сон кај работници кои работеле ноќна смена. Оние кои јаделе во текот на ноќта имале поголема потреба за сон, наспроти работниците кои не јаделе.

Некои општи совети за помала поспаност по оброкот се:

  • Јадење почесто и во помали количини – внес на здрава ужинка на неколку часа може да ни помогне да сме заситени, а сепак да имаме високо ниво на енергија.
  • Добра хигиена на спиење – доколку веќе имаме недостаток од сон, јадењето може навистина да го нагласи тоа и да се чувствуваме изморено и без енергија
  • Раздвижување – по оброкот, мала прошетка или било какво раздвижување може да ни помогне да не се чувствуваме уморно
  • Избегнување на алкохолот со оброците

 

Намирници кои ќе ви помогнат да останете будни и фокусирани

 

1 . Зеленчук

Зеленчукот најчесто содржи поголеми количества на растителни влакна. Тоа го прави намирница за која е потребно повеќе време за дигестија. Тоа значи дека тој нема нагло да ви даде големо количество на енергија, која брзо ќе опадне и вие ќе се чувствувате уморно и поспано. Зеленчуците се исто така и одличен извор на разни микронутриенти кои имаат клучна улога во нашето здравје.

 

2 . Јаткасти плодови и семиња

Ваквите намирници се добар извор на здрави, омега-3 масни киселини. Тие се исклучително важни и допринесуваат кон нормална функција на мозокот. Некои студии покажуваат дека ниските нивоа на омега-3 масни киселини се поврзани со влошена меморија и способност за учење. Некои студии пак покажуваат дека овие масти ги подобруваат и олеснуваат симптомите на депресија и анксиозност. Добар извор на овие масти се намирниците: оревите, лененото семе, чиа семето и некои типови риба – првенствено лососот

 

3 . Овес

Овесот во комбинација со некое семе и овошје претставува една од најдобрите опции за појадок. Богат е со комплексни јаглехидрати и растителни влакна. Тоа го прави овесот одлична намирница за подобрена дигестија, но и како извор на енергија која стабилно и континуирано ќе биде ослободена во текот на денот. Брз е за подготовка и е одличен како опција за појадок но и ужина во текот на денот.

 

4 . Зелен чај

Иако зелениот чај содржи кофеин, всушност друга состојка е заслужна за енергијата која ја дава овој напиток. Тој содржи аминокиселина наречена л-теанин, која се смета дека има релаксирачко и смирувачко дејство на мозокот, без притоа да предизвика поспаност и замор. Л-теанин аминокиселината е поврзана и со создавањето на одредени соединенија во мозокот, како серотонин и допамин кои се заслужни за расположението, спиењето, емоциите и стресот.

 

5 . Кафе (кофеин)

Кофеинот претставува природно присутен стимулант кој се наоѓа во разни растенија и нивните семиња. Тој може да се сретне во разни чаеви и кафиња, а исто така е присутен и во многу сокови и енергетски пијалоци. Сепак, можеби најдобро познат и најчесто користен извор на кофеинот е кафето. Се смета дека околу 85% од популацијата ширум светот внесува кофеин преку некоја намирница.

Кофеинот помага при поспаноста така што се врзува за рецептори во мозокот, кои инаку би се поврзале со соединение наречено аденозин. Ваквото присуство на аденозинот кај овие рецептори е она што предизвикува чувство на поспаност и замор. Кога кофеинот го заменува аденозинот на овие места во мозокот, поспаноста е намалена.

Сепак, количеството и периодот од денот кога се внесуваат кофеински напитоци е доста важно, бидејќи истите може да го нарушат сонот во текот на ноќта.

 

6 . Гума за џвакање

Оваа метода се смета за ефикасна во одржување на концентрацијата и фокусот кога сме уморни. Студија од 2011 година ја покажала ефикасноста на гумата за џвакање, односно на ефектот на движење и користење на вилицата при џвакањето. Тоа ја поттиснува поспаноста и го подобрува фокусот. Дополнително, бројни студии ја проучиле и потврдиле ефикасноста на гумите за џвакање врз когнитивните функции.

.

 

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор