Моментално го имаме еден од најдобрите периоди во кој пазарите и маркетите нудат огромен број на свежи зеленчуци и овошја. Тоа треба максимално да го искористиме и да одбереме свежи намирници за нашиот следен оброк.
Нешто што често се среќава во есента е празот, зеленчук со доста широка примена и застапеност во нашата кујна. Тој има доста специфичен вкус и арома, кој многумина го сакаат. Токму поради тоа, а и поради неговиот импресивен нутритивен состав, денес издвојуваме два рецепти кои го користат празот како една од главните состојки.
Нутритивен профил на празот – зеленчук кој е често присутен и користен во нашите рецепти и јадења
Празот припаѓа на истата фамилија зеленчуци како и младиот кромид, кромидот и лукот. Сите овие намирници се широко пристуни во нашата кујна. Празот е извор на голем број нутриенти, а особено е корисен за оние кои внимаваат на телесната тежина бидејќи е исклучително ниско калоричен. Тој се смета за намирница со висока „нутритивна густина“, односно содржи голем број нутриенти, а дава малку калории.
Во 100g подготвен праз има само околу 30 калории, а во исто време се содржат високи концентрации на провитамин А, витамин К и манган. Во помали концентрации присутни се и растителни влакна, бакар, витамин В6, железо и витамин В9.
Празот е исто така и добар извор на кампферол и полифенолни – антиоксиданти кои според истражувањата се сметаат за успешни во превентивата од кардиоваскуларни заболувања, но дури и во превентивата од разој на некои типови канцери.
Праз со печурки
Овој рецепт е навистина лесен и брз за подготовка и ќе ви бидат потребни само околу 30-35 минути за подготовка, а истиот може да послужи како главно јадење или прилог.
Потребни намирници:
- Половина килограм печурки по ваш избор
- Половина килограм праз, исчистен и исечен на кругови
- 4-5 млади кромидчиња, исецкани на тенки кругови
- Малку маслиново масло
- 1 свеж домат, ситно исецкан
- Малку паста од домати или пире
- Малку свеж магдонос
- Сол, бибер, оригано и останати зачини по ваша желба
Подготовка:
- Во тавче загрејте малку маслиново масло и ставете го младиот кромид. Динстајте 2-3 минути, а потоа додајте ги печурките и празот. Додајте и малку сол и динстајте околу 4-5 минути, односно додека зеленчуците и печурките не омекнат.
- Додајте го свежиот домат, пирето и магдоносот, зачинете и додајте малку топла вода, колку делумно да ги покрие зеленчуците.
- Покријте го тавчето со капак (но оставете мал простор каде ќе испарува водата) и оставете ги зеленчуците и печурките да се динстаат на пониска температура околу 30 минути. Смесата треба да биде делумно густа, односно поголемиот дел од водата да испари.
- Послужете со парче сирење и интегрален леб.
Пикантна манџа со праз и грав
За овој рецепт ви се потребни околу 30-40 минути, а истиот е доволен за 4 лица.
Потребни намирници:
- Маслиново масло
- 1 голема главица кромид, исецкана на кругови
- 2 чешниња лук, ситно исецкани
- 4 парчиња праз, исечкани на подебели кругови
- 1-2 свежи домати, исецкани
- 300 ml растителен бујон
- 2 конзерви подготвен грав
- Малку сок од лимон
- Малку свеж магдонос
- Сол, бибер и зачини по желба
Подготовка:
- Во тавче, загрејте малку маслиново масло. Пропржете го кромидот додека не омекне, а потоа додајте го лукот и празот и гответе неколку дополнителни минути. Додајте ги и доматите и растителниот бујон. Доведете ја смесата до вриење и оставете ја да се готви на умерен оган, околу 20 минути.
- Потоа, додајте го гравот и оставете да се готви уште неколку минути. Зачинете и фино промешајте, а потоа додајте малку сок од лимон и свеж магдонос кон манџата.
- Послужете ја топла, со свежа салата од зелка и цвекло и парче интегрален леб.