Во оваа статија ќе зборуваме за еден од најчестите здравствени проблеми на денешницата – прекумерната тежина. Ќе зборуваме за начинот на кој прекумерната тежина може да го зголеми ризикот за автоимуни заболувања и за целосната поврзаност меѓу овие состојби.
Покачената тежина – една од најчестите здравствени состојби на денешницата
Прекумерната тежина е дефинирана како состојба кога телото има абнормални, односно прекумерни резерви и наслаги од масти. BMI (Body mass index) е еден начин на кој лесно може да се провери нашата моментална состојба во поглед на телесната тежина. Секако, поради својата едноставност, ваквиот метод е доста општ и не секогаш целосно прецизен и објективен.
Во светски рамки, САД е на првото место како држава со најголема гојазност. Но, се проценува дека во периодот од 1975 па до денес, на глобално ниво, прекумерната тежина кај популацијата е за три пати позастапена. Таа исто така претставува најпревентабилна причина за предвремена смртност. Истата е поврзана и со бројни други заболувања, како што се: дијабет, кардиоваскуларни заболувања, мозочен удар и др.
Во 2016 година, повеќе од 1,9 милијарди возрасни луѓе (над 18 години) ширум светот, имале прекумерна тежина.
Загрижувачки е што ваквиот пораст е забележан и кај децата и тинејџерите. Едно истражување покажало дека гојазноста кај оваа група е зголема за 10 пати од 1975 година до денес. Во 2016 бројот на деца и тинејџери со прекумерна тежина бил 124 милиони, наспроти 11 милиони во 1975.
Зошто покачената тежина се асоцира со поголем ризик за автоимуни заболувања?
Дебелината се повеќе се препознава како значаен ризик фактор за развој на автоимуни заболувања, група на нарушувања каде што имуниот систем ги напаѓа сопствените ткива. Врската помеѓу дебелината и автоимуните болести во голема мера е посредувана и зависна од хроничното воспаление, што се препишува главно на прекумерното масно ткиво. Масното ткиво, особено она во пределот на стомакот, лачи проинфламаторни цитокини кои можат да ги нарушат имунолошките одговори и да допринесат кон развој на автоимуни болести.
Ваквите цитокини можат да ја променат рамнотежата помеѓу регулаторните и ефекторните Т-клетки, нарушувајќи го имунолошкиот систем и насочувајќи го кон поагресивна, „самореактивна“ состојба. Згора на тоа, дебелината се поврзува и со инсулинска резистенција и метаболички синдром, две состојби кои дополнително ги влошуваат воспалителните патишта.
Оваа константна состојба на зголемен степен на воспаление не само што го зголемува ризикот од појава на автоимуни одговори во организмот, туку и ја влошува сериозноста и степенот на веќе постоечките автоимуни заболувања, како што се ревматоидниот артритис, мултиплекс склерозата и лупусот. Самото масно ткиво може да стане место каде што имуните клетки, како што се макрофагите, се активираат и го продолжуваат и влошуваат воспалението.
Поради овие комбинирани ефекти, лесно воочуваме дека дебелината придонесува за еден вид на засебна интеракција меѓу разни метаболички патишта и хроничното системско воспаление. Тоа ја прави дебелината клучен фактор во почетокот и прогресијата на автоимуните болести и затоа истата не треба да се игнорира.
Поврзано: Зошто ПОКАЧЕНАТА ТЕЖИНА е особено проблематична и ризична за ПОВОЗРАСНИТЕ?