fbpx

Кои се рутинските ПРЕГЛЕДИ што секој маж треба да ги практикува?

tonus

За одржување на нашето здравје потребно е труд и волја. Најпрвин, здравјето започнува со начинот на кој живееме, а со воведувањето на здрави животни навики ние го одржуваме здравјето, но и го подобруваме квалитетот на живеење. Но, како што старееме, телото поминува низ одредени природни промени, па правилата кои важеле во младоста, веќе нажалост не важат. Затоа, потребни се измени и во начинот на кој го следиме нашето здравје, а под тоа подразбираме редовни, рутински прегледи. Денес ќе зборуваме поконкретно за рутинските прегледи и испитувања кои треба секој маж над одредена возраст да ги практикува.

Зошто е важно да се зборува за здравјето на мажите?

Статистиката во САД покажува дека секоја година се раѓаат повеќе машки деца отколку женски. Но, секоја предност во бројките која ја добива машкиот пол многу брзо ја губи. Тоа е така бидејќи едноставно кажано, жените се поздрави и повеќе се грижат за сопственото здравје отколку мажите. Во САД, од водечките 15 здравствени состојби заслужни за смртните случаи, мажите се позастапени во 14 од нив. Само Алцхајмеровата болест е заслужна за повеќе смртни случаи кај жените, отколку кај мажите.

Ваквата статистика е доста загрижувачка и треба да биде индикатор дека потребни се промени во начинот на кој мажите се грижат за себеси и за своето здравје.

"“Online”/

Мажите, едноставно кажано, не внимаваат доволно на сопственото здравје, а некои експерти велат дека и пристапот на мажите кон здравјето е поразличен. Тие често го занемаруваат сопственото здравје, ретко одат на прегледи и контроли и не дејствуваат проактивно. Сликата не е нешто поразлична и во нашата држава. Пракса е да се бара решението откако ќе се јави проблемот. Доколку се чувствуваат во ред, се продуктивни и можат да работат, мажите сметаат дека се здрави и дека контролите и посетата на доктор е непотребна и залудна.

Зошто се важни рутинските прегледи кај мажите?

Некои препораки велат дека мажите што имаат над 50 години, потребно е да прават рутински преглед секоја година, додека мажите под 50-тата година, треба да прават рутински преглед на секои 3 до 5 години. Дури и најздравите мажи имаат потреба од ваквите прегледи бидејќи истите може да покажат проблем кој е во најраната фаза. Покрај тоа, не треба да го исклучуваме и менталното здравје, бидејќи истото е дел од нашето целокупно здравје. Затоа, важно е и тоа да се негува и следи подеднакво како и физичкото.

[Поврзано: Депресија – често затскривана и незабележителна, посебно за мажите!]

Ваквите прегледи се важни бидејќи и голем дел од најчестите здравствени состојби, немаат видливи и забележителни симптоми. Па така, голем број мажи живеат со покачено ниво на холестерол, шеќер или пак крвен притисок, а за тоа не се воопшто свесни.

Најчести прегледи кои се препорачуваат за мажите

Покрај зачестеноста на прегледите, постои и разлика во типот на преглед кој се препорачува за помладите мажи (возраст од 40-64) години. Најчестите прегледи треба да бидат:

1 . Мерење на крвниот притисок

Најосновниот параметар што треба секој маж да го следи – крвниот притисок. Покачениот крвен притисок или хипертензија е особено честа појава, а голем дел од мажите не се свесни дека ја имаат поради недостатокот на симптоми. Затоа, важно е редовно да се мери и следни крвниот притисок, а тоа може да се практикува и во домашни услови – со употреба на апарат за мерење на притисок.

[Поврзано: Висок крвен притисок – може да имаме со години БЕЗ НАШЕ ЗНАЕЊЕ Колку често треба секој од нас да мери притисок?]

2 . Следење на нивото на холестеролот

Како и со крвниот притисок, покачувањето на нивото на холестеролот во крвта нема препознатливи симптоми, па затоа луѓето често не се свесни дека треба да внимаваат на овој параметар. Инаку, холестеролот е особено важен за кардиоваскуларното здравје и живеењето подолго време со покачен холестерол, значително го зголемува ризикот за појава на кардиоваскуларни заболувања. Препорачаната возраст за рутинско мерење на холестеролот е 35 години – за мажите кои немаат познати ризици и предиспозиции за кардиоваскуларни заболувања. Откога ќе започне ваквото рутинско следење, препорачливо е тој да се мери на секои 3-5 години. Доколку настанат промени во начинот на живеење и во вашето здравје, рутинските прегледи треба да се зачестат. Доколку сакате да прочитате повеќе за оптималните вредности за холестерол, кликнете тука.

3 . Скрининг за колоректален карцином

Ваквиот преглед е препорачлив за повозрасните мажи, но доколку постојат силни предисопозиции (генетика и фамилијарна историја) кај помлад маж, потребна е консултација со лекар околу ваквиот преглед. Над 45-50 години, ваквиот преглед се препорачува како дел од редовните проверки на здравјето. Постојат повеќе типови на ваков преглед, па од тоа ќе зависи и зачестеноста со која се прават – некои се практикуваат на секои 1-3 години, додека други се еднаш на 5, па и на 10 години.

4 . Следење на нивото на шеќер, односно скрининг за можна појава на дијабет

Над 45 години, мажите треба да го следат нивото на шеќер на секои 2-3 години. Доколку постојат ризик фактори (покачена телесна тежина, генетски предиспозиции), потребно е ваквите прегледи да започнат порано дури и во 30-тите години и да се прават почесто. Покачениот крвен притисок исто така се смета за ризик фактор за дијабет, па понекогаш потребно симултано следење на двата параметри.

Препораките за редовни прегледи за мажите над 65 години се речиси идентични, но се препорачува тие да се прават почесто. Особено лесните испитувања како шеќер, крвен притисок, холестерол, триглицериди и сл. треба да се практикуваат барем еднаш годишно. Важно е да се напомене дека овие препораки се за здрави лица кои немаат конкретни проблеми со здравјето. Лицата кои страдаат од одредена состојба, но имаат и одредени дополнителни ризик фактори – пушење, прекумерна тежина, фамилијарна предиспозиција, недоволно движење и сл. – треба да се консултираат со нивниот лекар околу зачестеноста и типот на прегледите. Исто така, кај повозрасните мажи (над 55 години) се препорачува и консултирање со лекар околу можен скрининг за рак на простатата.

Покрај овие прегледи, за сите мажи се препорачува и:

  • Очен преглед (на секои 1-2 години)
  • Стоматолошки преглед
  • Преглед на слухот (доколку се забележи ослабнат слух)
  • Мерење на тежината со цел утврдување на BMI

 

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор