Во изминатите неколку децении, процесираната храна е сè повеќе застапена и употребувана. Нејзиното производство е огромно, а проблемот се јавува кога таа често се маркетира и како здрава, нутритивна опција и нажалост, ја заменува свежата, непроцесирана храна. Проблемот кај овие намирници е што во реалноста, не содржат значителни количини на нутриенти, содржат премногу масти, шеќери или сол, а со самото тоа се и извор на голем број калории. Поради тоа, процесираната, често наречена и брза храна, се смета за еден од главните виновници за „епидемијата“ на прекумерна телесна тежина.
Во продолжение ќе зборуваме токму на оваа тема – како и зошто процесираната храна и намирници допринесуваат за покачување на тежината.
Што претставува процесираната и високо процесираната храна?
Под процесирана храна се подразбира било кој тип на храна или намирница кои трпи некој начин на обработка – физички или хемиски. Најчесто тоа се процесите на миење, сецкање, димење, термички обработки (пастеризирање, мрзнење, печење), ферментирање или пак додавање на одредени конзерванси.
Ваквите обработки не се ништо ново и човекот ги употребува веќе илјадници години. Тие се одличен начин да се заштити храната од расипување, а и често се користат и за полесен транспорт и подолго складирање. Во некои случаи (како мрзнењето и ферментирањето) нутритивниот состав на храната сосем малку се променува, па некогаш дури и се подобрува и зачувува.
Но, проблемот настанува со високо процесираната храна, односно храна која е преполна со шеќери, сол, масти и конзерванси. За ваквата храна е потребно сосем малку или не е потребно воопшто било каква подготовка, односно таа е веднаш погодна за консумирање. Во овој тип на храна се вбројуваат :
- Кондиторските производи (чоколади, бомбони, смоки, слатки и сл.)
- Пржените производи – пр. чипсот
- Процесираните месни производи
- Сладоледи, торти и слични слатки производи
- Безалкохолни пијалоци
- Низа на млечни продукти со додаден шеќер
Зошто процесираната храна е проблематична?
Консумацијата на ваквите производи е константно во пораст, а тоа е алармантно бидејќи истата може значително да допринесе кон зголемен внес на калории, а со тоа и до зголемена телесна тежина. Покрај тежината, составот на ваквата храна (големи количини шеќер, сол, заситени и транс масти) го зголемува ризикот и од бројни други заболувања – дијабет, срцеви заболувања, покачен холестерол и триглицериди и сл.
Една студија покажува дека за секој 10% пораст во употребата на високо-процесираната храна кај популацијата, ризикот за предвремена смрт се зголемува за 14%. Друга студија ја утврдила поврзаноста меѓу консумацијата на ваквата храна и гојазноста кај децата и тинејџерите.
Некои истражувања ја испитувале и поврзаноста меѓу доминантноста на ваквата храна на пазарот и дебелината на населението. Биле проучувани и споредувани стапките на гојазност и застапеноста на ваквата храна во различни држави. Утврдена била позитивна корелација помеѓу достапноста и консумацијата на високо-процесираната храна и покачената телесна тежина кај населението. Во Англија, стапката на прекумерна тежина била 24,5% (највисока во истражувањето) и достапноста до ваква храна исто така била најголема за Англичаните – односно 50,4% од нив имале лесно достапна процесирана храна. Но, зошто процесираната храна толку лесно се асоцира со покачување на тежината? Токму за ова зборуваме во продолжение.
Зошто процесираната храна се асоцира со зголемена телесна тежина?
Преработената храна значително придонесува за зголемување на стапката на дебелина поради нејзината висока содржина на рафинирани шеќери, нездрави масти и сол, во комбинација со ниската хранлива вредност. Ваквите намирници се најчесто и високо калорични, па дури и 50-100g од овој тип храна може значително да влијае на дневниот калориски внес.
Процесираната храна е дизајнирана да биде пред се, вкусна, што доведува до висока употреба и консумација и нарушување на нормалните сигнали за ситост. Високиот гликемиски индекс на високо преработената храна предизвикува брзи скокови на нивото на шеќер во крвта, поттикнувајќи лачење на големи количества инсулин што го олеснува складирањето на вишокот енергија (како масно ткиво) и го зголемува гладот. Покрај тоа, преработената храна често содржи високи нивоа на транс масти и натриум, кои не само што придонесуваат за зголемување на телесната тежина, туку и ги влошуваат метаболичките состојби како хипертензија и инсулинска резистенција.
Истражувањата покажуваат дека оние кои консумираат големи количини преработена храна имаат повисок индекс на телесна маса (BMI) и се изложени на поголем ризик за заболувања, вклучувајќи дијабетес тип 2 и кардиоваскуларни болести.
Можеби најмногу од се, пристапноста, цената, вкусот и агресивниот маркетинг на преработената храна е она што ја прави толку проблематична и употребувана. Навистина е тешко понекогаш да се одберат здравите варијанти, кога преработената храна е толку вкусна и привлечна. Затоа таа е сериозен проблем и ризик за јавното здравје. Меѓутоа, преку разбирање и воочување на ефектите кои оваа храна ги има врз здравјето, читање на амбалажата и вложување повеќе напор во бирање на поздрави, свежи намирници, можеме да го намалиме внесот на овој тип храна и со самото тоа да имаме постабилна и здрава телесна тежина, но и подобро целокупно здравје.
Поврзано: 5 НАЧИНИ како да ја намалите употребата на ПРОРАБОТЕНАТА ХРАНА