fbpx

ПРОЦЕСИРАНАТА ХРАНА ги загрозува здравјето и функцијата на ПАНКРЕАСОТ

tonus

Често ја споменуваме процесираната храна на нашиот блог, поради нејзината масовна, редовна употреба, но и нејзиниот допринос за голем дел од најчестите проблеми и предизвици со здравјето на популацијата. Денес, ќе се задржиме на здравјето на панкреасот, односно ќе зборуваме како честата, редовна употреба на процесирана храна влијае врз здравјето на панкреасот и кои се евентуалните ризици?

 

Зошто процесираната храна е проблематична?

Консумацијата на ваквите производи е константно во пораст, а тоа е алармантно бидејќи истата може значително да допринесе кон зголемен внес на калории, а со тоа и до зголемена телесна тежина. Покрај тежината, составот на ваквата храна (големи количини шеќер, сол, заситени и транс масти) го зголемува ризикот и од бројни други заболувања – дијабет, срцеви заболувања, покачен холестерол и триглицериди и сл.

Една студија покажува дека за секој 10% пораст во употребата на високо-процесираната храна кај популацијата, ризикот за предвремена смрт се зголемува за 14%. Друга студија ја утврдила поврзаноста меѓу консумацијата на ваквата храна и гојазноста кај децата и тинејџерите.

"“Online”/

Некои истражувања ја испитувале и поврзаноста меѓу доминантноста на ваквата храна на пазарот и дебелината на населението. Биле проучувани и споредувани стапките на гојазност и застапеноста на ваквата храна во различни држави. Утврдена била позитивна корелација помеѓу достапноста и консумацијата на високо-процесираната храна и покачената телесна тежина кај населението. Во Англија, стапката на прекумерна тежина била 24,5% (највисока во истражувањето) и достапноста до ваква храна исто така била најголема за Англичаните – односно 50,4% од нив имале лесно достапна процесирана храна.

 

Како процесираната храна влијае врз здравјето и функцијата на панкреасот?

Преработената храна, која често е богата со рафинирани шеќери, нездрави масти и вештачки адитиви, може да има штетно влијание врз функцијата на панкреасот и целокупното здравје. Панкреасот игра клучна улога во производството на инсулин и дигестивни ензими, а прекумерното внесување на преработена храна може да доведе до хронично воспаление и зголемен оксидативен стрес. Високата содржина на шеќер во преработената храна може да предизвика чести „скокови“ или пикови на нивото на глукоза во крвта, принудувајќи го панкреасот да произведува се повеќе инсулин – шаблон кој на крајот ќе резултира со инсулинска резистенција. Преоптоварувањето на панкреасот кое ќе резултира со нарушена секреција и функција на инсулинот, значително го зголемува ризикот од дијабетес тип 2

Покрај шеќерите, нездравите масти кои вообичаено се наоѓаат во преработената храна се значителен двигател на низа здравствени проблеми. Тие се високо калорични, но и делуваат про-инфламаторно и може да придонесат за развој на масни наслаги на панкреасот, што дополнително ќе ја наруши неговата функција. Со текот на времето, ваквиот начин на исхрана може да доведе до состојби како што е панкреатитисот, но може да го зголеми и ризикот од рак на панкреасот. Поради овие штетни ефекти, лимитирање, па дури и елиминирање на внесот на процесирана храна е исклучително важен чекор кон зачувување на здравјето на панкреасот, а со самото тоа и на целокупното здравје. 

Доколку сакате да прочитате повеќе за процесираната храна и намирници, како и за нивниот ефект по здравјето, кликнете ТУКА

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор