Проширените или т.н варикозни вени се навистина честа појава и кај мажите и кај жените. Тие може да се појават поради низа на причини, но голем удел има и генетиката. Денес, ќе зборуваме зошто физичката активност се смета за најголем пријател на лицата со проширени вени, односно ќе објасниме како редовното вежбање може да помогне при оваа состојба.
Што претставуваат проширените вени?
Проширените вени (варикозни вени) се проблем кој измачува огромен дел од населението. Според некои статистики, приближно 40% од популацијата во одреден период од животот се соочува со овој проблем, а тој е доста почест кај жените.
Проширените вени се карактеризираат со потечени, односно зголемени вени во обем и вени со јазлести проширувања. Сите вени можат да бидат варикозни, но најчесто се зафатени површинските вени на екстремитетите (најчесто нозете), бидејќи постојано на нив ,,паѓа тежината” или притисокот кога стоиме.
За многумина овој проблем е од естетска природна (непријатен изглед), но варикозните вени можат да бидат и доста болни, па да создадат и чести непријатности. Во одредени случаи, тие можат да водат и кон посериозни проблеми.
Постојат повеќе интервентни начини (склеротерапија, ласер терапија, венска аблација итн.) за санирање на проблемот со проширени вени, но во продолжение ќе се фокусираме на превенцијата и на начините со кои самите можете да си помогнете при проширени вени. Промените во животниот стил се дел и од конвенционалната медицинска терапија (исхрана и физичка активност) за варикозни вени.
Како физичката активност помага при проширување на вените?
Покрај очигледните придобивки за целокупното здравје од практикување на редовна физичка активност, таа претставува и едно од главните „оружја“ во менаџирање на состојбата при проширување на вените. Имено, еден од главните механизми преку кој вежбањето помага кај проширени вени е преку подобрување на венското здравје и подобрување на целокупното васкуларно здравје. Ослабените или оштетени венски валвули (всушност контролирачките елементи на протокот на крвта во вените) се најчестиот проблем кој води кон проширени вени. Артериите ја носат крвта од срцето кон сите ткива и органи, додека вените имаат задача да ја вратат назад до срцето. Во таа цел, вените за ,,непријател” ја имаат гравитацијата. Редовното вежбање, особено активностите кои ги вклучуваат нозете како што се одење, трчање, возење велосипед и пливање, помагаат да се промовира ефикасна циркулација на крвта. Овие вежби ги ангажираат мускулите на потколеницата, кои делуваат како пумпа за туркање на крвта назад кон срцето, спротивставувајќи се на ефектите на гравитацијата и спречувајќи ја крвта да стагнира во вените.
Дополнително, физичката активност ја подобрува ендотелијалната функција и го зголемува производството на азотен оксид, соединение кое претставува вазодилататор и помага во одржување на еластичноста и тонусот на крвните садови. Ова може да го намали притисокот врз вените и да ја намали веројатноста за компликации.
Вежбањето помага и во регулирање на тежината, го намалува целокупниот притисок на долните екстремитети и го минимизира оптоварувањето на венските ѕидови. Со одржување на здрава тежина и промовирање на ефективна циркулација, вежбањето не само што помага во спречување на развојот на проширени вени, туку и ги ублажува симптомите кај веќе засегнатите, што доведува до подобрување на васкуларното здравје и квалитетот на животот.