fbpx

Може ли честиот внес на ПРОСТИ ШЕЌЕРИ да го покачи ХОЛЕСТЕРОЛОТ?

tonus

Во оваа статија ќе се задржиме на внесот на прости шеќери, односно како истите може да влијаат врз нивото на холестерол.

 

Што се случува во телото по внесување на храна богата со шеќер?

Уште на самиот почеток треба да се напомене дека под изразот шеќер подразбираме бел, рафиниран шеќер – сахароза. Иако изразот шеќери погрешно се асоцира и со некои останати соединенија, пр. скробот, тоа се всушност сложени јаглехидрати и во телото имаат различен ефект од оној на белиот шеќер. Просто кажано, сите шеќери се јаглехидрати, но јаглехидратите не се шеќери.

Сахарозата претставува шеќер, дисахарид, изграден од моносахаридите глукоза и фруктоза. На нашето тело му е потребна глукозата како извор на енергија, па така таа е корисна и неопходна за нас. Јаглехидратите и шеќерите внесени во телото се доведуваат до молекули на глукоза и таа потоа со помош на хормонот инсулин, навлегува во нашите клетки. Доколку е внесено умерено количество на шеќери, здрав организам може да произведе доволно инсулин и на тој начин да се транспортира шеќерот до клетките. Но, консумирањето на голема количина шеќери (особено доколку се прости шеќери како сахарозата) доведува до нагло и големо количество на создаден инсулин. Ова со текот на времето може да доведе до проблеми во количината која се создава и ефикасноста на овој хормон.

"“Online”/

Колку е повеќе инсулин испуштено во крвта, толку побрзо нивото на шеќер во крвта се стабилизира и ние всушност сме повторно гладни. Со внесот на нов оброк богат со шеќер, ваквиот циклус се повторува.

 

Како влијаат шеќерите на холестеролот?

Прекумерниот, чест внес на шеќер се повеќе се поврзува и со негативни ефекти врз нивото на холестерол – еден од главните ризик фактори за кардиоваскуларни заболувања. Научните студии покажуваат дека големата консумација на додадени шеќери доведува до зголемување на нивото на триглицеридите. Ова е всушност и основата на покачување на тежината, односно формирање на резервно масно ткиво во телото со тек на времето, при прекумерен внес на калории. Особена проблематична во овој поглед е фруктозата – која наспроти глукозата речиси целосно се метаболизира во црниот дроб, каде што може да доведе до зголемување на синтезата на масни киселини. Ова може да резултира со хепатална стеатоза (замастен црн дроб), што дополнително го нарушува нормалниот липиден метаболизам.

Дополнително, високиот внес на шеќер може да ги намали нивоата на HDL холестерол, кој често се нарекува „добар“ холестерол поради неговата улога во транспортирањето на холестеролот подалеку од артериите, односно до црниот дроб за екскреција. Истовремено, премногу шеќер и може да се подигне LDL холестеролот, познат како „лош“ холестерол, кој може да се акумулира и да формира наслаги во артериите, што доведува до артериосклероза. Се верува дека овој процес е посредуван од инсулинската резистенција, состојба кога клетките на телото не реагираат ефикасно и соодветно на инсулинот, што доведува до покачени нивоа на инсулин и шеќер во крвта, што пак влијае на липидниот метаболизам и промовира синтеза на триглицериди и ЛДЛ холестерол. Хроничниот висок внес на шеќер, исто така, може да предизвика хронично воспаление и оксидативен стрес, кои се важни фактори во развојот на артериосклероза. Воспалението може да го влоши задржувањето на LDL холестеролот во ѕидовите на артериите, промовирајќи формирање на наслаги. Дополнително, оксидативниот стрес може да ги оксидира честичките на LDL, што ги прави уште поштетни.

Сето ова укажува на потребата од лимитирање на внесот на прости шеќери и на тој начин намалувајќи го ризикот од покачена тежина, покачен холестерол и целокупно подобро здравје и благосостојба.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор