fbpx

ПРОТЕИНИ – особено важни и корисни при процесот на СЛАБЕЕЊЕ!

tonus

Добро знаеме дека храната е извор на енергија, но и на материја со која телото ја одржува својата нормална функција. Храната се состои од повеќе разни нутриенти, а тие воглавно ги делиме на две групи – макро и микронутриентите, односно јаглехидратите, протеините и мастите, како и витамините и минералите. Денес, ќе се задржиме на протеините, кои често ги споменуваме кога зборуваме за физичката активност, слабеењето, одржувањето на мускулната маса и сл. Ќе зборуваме накратко за нивните функции, но и за едно ново истражување кое ги вбројува протеините како еден од најважните нутриенти за поздрава, помалку калорична и исхрана која може долгорочно да ни помогне со регулирање на телесната тежина.

Што претставуваат протеините?

Како што веќе споменавме, протеините се макронутриенти, кои се главен градбен блок на телото. Тие се всушност долги вериги на аминокиселини кои се поврзани на различен начин и во различни структури. Во градбата на човековите клетки и ткива се вклучени само 20 аминокиселини и сите протеини се изградени како комбинација од нив. Од вкупниот број на аминокиселини, девет се есенцијални, што значи дека телото не може само да ги создаде и истите мора да се внесат преку исхраната. Па така, исхраната треба да е разновидна за внес на сите потребни аминокиселини. Постојат и бројни намирници кои се извор на т.н комплетни протеини, односно протеини кои ги содржат сите 9 есенцијални аминокиселини. Намирници од овој тип се: јајца, млеко и млечни производи, риба, месо, киноа, хељда, и др. Секако, количеството на протеини не е единствениот параметар, па така и квалитетот на протеините е важна карактеристика, а тој е определен според аминокиселинскиот профил на присутниот протеин. За луѓето кои се придржуваат до исхрана која е базирана повеќе на растителни продукти, неопходен е внес и микс на повеќе различни намирници за формирање на комплетни протеини преку исхраната.

Колкаво количество на протеини ни е потребно?

Потребата од протеин зависи од повеќе фактори – возраст, пол, степен на активност и сл. Општите препораки се внес на протеини во количество од 0,8g на килограм телесна тежина. Тоа значи внес на околу 56g за лице кое тежи 70kg. Исклучоци, односно лица кои имаат потреба од зголемено количество на протеини се бремените жени и оние кои се физички поактивни.

"“Online”/

Бремените жени имаат потреба од над 70g протеин на ден, без разлика на нивната возраст.

За физички поактивните лица, потребното количество протеин ќе зависи и од степенот на активност:

–       За лица со минимална физичка активност потребно е внес на 1g протеин по килограм телесна тежина

–       Лица со умерена физичка активност треба да внесуваат околу 1,3g протеин по килограм телесна тежина

–       Лица со честа и интензивна физичка активност имаат потреба од 1,6g протеин по килограм телесна тежина.

Некои препораки велат дека внесот на протеини треба да се зголеми со стареењето. Некои истражувања покажуваат дека повозрасните лица треба да внесуваат околу 1,2-1,6g протеини по килограм телесна тежина. Ова се смета дека ќе го забави процесот на губење на мускулна маса – процес кој е нормален и очекуван со стареењето.

[Поврзано: Полнозрнести житарки – неочекуван, но одличен извор на ПРОТЕИНИ!]

Дали поголем внес на протеини може да ја направи исхраната поздрава?

Одговорот на ова прашање може да го согледаме преку една неодамнешна студија каде бил проучуван ефектот на протеините во исхраната, особено кај лицата кои сакаат да ја намалат својата тежина. Во студијата, научниците го проучувале ефектот на зголемениот внес на протеини кај лицата кои се обидуваат да ги намалат килограмите, а кои притоа внимавале на својата исхрана. Биле вклучени околу 200 испитаници, а биле следени нивните навики за исхрана во период од околу 6 месеци. Сите испитаници имале прекумерна телесна тежина. Тие биле поделени во две групи, врз база на количеството внесени протеини. Резултатите биле слични во поглед на намалените килограми, но кај групата која внесувала повеќе протеини, тие килограми биле повеќе од масното ткиво, а не од губиток на мускулна маса. Ова би значело дека испитаниците со поголем внес на протеини може полесно и поусшешно да внесат и зголемен степен на физичка активност во процесот на слабеење, што е од особено и клучно значење.

Научниците исто така забележале дека оние испитаници кои внесувале повеќе протеини, претежно имале и подобар избор на намирници. Тие почесто јаделе зеленчук и овошје, а имале помал внес на рафинирани житарки и тесто, како и на храна богата со додаден шеќер. Ова може да се препише на добро познатиот заситувачки ефект на протеините. Имено, протеините важат за макронутриент кој допринесува за одлично регулирање на гладта и за долго, континуирано чувство на ситост по оброкот. Ваквите резултати укажуваат дека протеините се одличен избор при процесот на слабеење, особено доколку лицата се обидуваат да се повеќе физички активни. Исто така, внесот на протеини може да помогне да направиме и подобар избор на храна при слабеењето, нешто што значително може да го олесни целокупниот процес.

[Поврзано: Растителни протеини – дали се доволни, колку и кои се најдобрите извори?]

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор