fbpx

ПРОТЕЗИ – Што се, како функционираат, кому и зошто се потребни? + Корисни совети за справување со болките

tonus

Огромен дел од популацијата ги исполнува условите за носење фиксни протези на забите. Сепак, не секој се одлучува да ги носи овие помагала, поради најразлични причини.

Имајќи ги предвид најчестите дилеми во врска со носењето протези, како и најчестите проблеми што се јавуваат при третманот, во продолжение ќе ги разгледаме најважните апсекти поврзани со протезите, со надеж дека ќе ја олесниме одлуката дали ви се потребни протези, но и дека ќе ви дадеме нови корисни информации околу текот на правилниот третман.

Ќе се обидеме да дадеме одговори на следните прашања:
Што всушност претставуваат протезите? Какви типови постојат? Кому и зошто се потребни? Колку време треба да се носат?

"“Online”/

На крајот, совети за правилно одржување и третирање на болките што можат да се јават особено во првите денови по поставувањето на протезите.

 

[Поврзано: ПРИРОДНИ НАЧИНИ за побелување на ЗАБИТЕ]

Што се протезите и на кој начин функционираат?

 

Протезите се најкористените дентални алатки или средства што помагаат за корегирање на проблемите со забите, како искривени заби и заби што недостасуваат или излегуваат од ,,редот” на вилицата. Најпросто кажано, составени се од брикети залепени за самите заби и жица што е поставена на нив, задолжена за притисокот.

 

Фиксниот ортодонтски апарат овозможува движење на виличната коска, а не само на кружниот, ,,надворешен” дел на забот. Забите може да ги движи во различни правци одеднаш и да третира повеќе заби во исто време. Честопати се користат и различни други елементи, како ластичиња на пример, заради менување на насоката на притисокот.

 

Во суштина, успехот на протезите се должи на т.н. процес на премоделирање на виличната коска.

 

Протезата извршува константен притисок на забите и ги прави разлабавени сè до коренот, оневозможувајќи го протокот на крв до ткивата што ги држат забите. Немајќи крв, односно хранливи материи и кислород, споменатите ткива полека почнуваат да изумираат. Иако звучи страшно, тоа е и намерата на лекарите. Зошто?

 

Споменатиот процес поттикнува имуна реакција на организмот, што резултира со испраќање на специјализирани коскени клетки наречени остеобласти на местата каде што изумираат споменатите ткива.

 

Остeобластите го намалуваат притисокот и ја враќаат циркулацијата на крвта. Ова го остваруваат преку ,,копање” или растворање на дел од калциумот од виличната коска.

 

Иако изгледа како екстремно решение за проблемот, резултатот е соодветен простор во виличната коска за трајно сместување на проблематичните заби на вистинската позиција, а во исто време пополнување со коскено ткиво на празнината каде што претходно неправилно бил сместен забот.

 

Коските имаат уникатна особина да зајакнуваат на потребните места и генерално да зајакнуваат под притисок, на сличен начин како што зајакнуваат и мускулите со постојан ,,тренинг”.

 

[Поврзано: Покачен шеќер и орално здравје – важни поенти!]

 

Разлики помеѓу фиксните и мобилните протези

 

Денешните протези присутни на пазарот се далеку покомфортни и помалку болни од тие во минатото. Имаат помал обем, помалку брикети, различни бои, па и помалку се забележуваат.

 

Сепак, ортодонтите сè уште ги препорачуваат класичните фиксни метални протези, пред порцеланските фиксни на пример, кои можеби имаат визуелни предности, но чинат повеќе, полесно фаќаат флеи и треба да се носат подолг период, но и пред мобилните и останатите типови протези.

 

Мобилните протези се прават од комбинација на метална жица и акрилат. Најчесто се наменети за деца и за разлика од фиксните, не стојат 24 часа, туку можат да се вадат (иако треба да се носат најдолг можен период од денот). Иако имаа свои предности, како: невидливи се, можат да се вадат за јадење и за посоодветно чистење на забите, поефтини се и полесни за користење; сепак тие се непогодни за децата со посериозни ортодонтски проблеми и за возрасните лица.


Постојат и:

 

  • лингвални (скриени) фиксни протези – исти како традиционалните, само се поставени од внатрешноста на забите и ги прават невидливи за другите, сепак тешко се чистат и се поскапи и понепријатни за носење. Овие протези не се соодветни за сите!

–          Invisalign систем (невидливи порамнувачи) – протези што се состојат од серија рачно изработени проѕирни пластични штитници. Порамнувачите се вадат и треба да се заменуваат на секои две недели за да ги задржите вашите заби да се движат во вистинската насока. Invisalign се речиси невидливи. Можете да јадете и да пиете без ограничување. Invisalign се препорачливи само за возрасни и за тинејџери. Тие се поскапи и третманот со нив трае подолго. Друг недостаток е лесното губење, а замената е скапа.

 

Кому и зошто се потребни протезите?

 

Во идеални услови, забите на човекот се подредени во строг редослед, без отстапувања. За жал, огромен дел од популацијата има отстапувања, односно помалку или повеќе искривени заби.

 

Важно е да се каже дека ваквите проблеми воопшто не се само од естетска или козметичка природа. Искривените и забите што преклопуваат со другите, можат значително да го отежнат чистењето на усната празнина, правејќи ги кариесот, заболувањата на непцата, па дури и губењето на забите многу поверојатни.

 

[Поврзано: ГИНГВИТИС или воспаление на непцата – причини и последици! ]

 

Неправилната позиционираност на забите при затворањето на вилиците, создава проблеми со правилното џвакање, но и со голтањето. Дополнително, лошата подреденост на забите во вилицата има потенцијал да поттикне лош изговор на одредени звуци и да предизвика дополнителен стрес на мускулите задолжени за џвакање, создавајќи болки на лицето. Ова е особено важно во периодот на детството, период во кој се развиваат ваквите вештини.

 

На крајот, неправилните заби влијаат лошо и на самодовербата. За огромен дел од луѓето, убавата насмевка е најважниот резултат што го очекуваат од третманот со протезите.

 


Кој период од животот е најдобар за поставување протези?

 

Иако детството е идеален период за поставување на протезите (околу 13-тата година, по комплетирањето на процесот на создавање трајни заби), сепак во последно време сè повеќе млади, па и повозрасни луѓе имаат одлични резултати од третманите.

 

Според статиските од САД, земјата што води најпедантни статиски од повеќе различни обласни, просечниот корисник на ортодонтските услуги има околу 18 години. Протезите не се препорачуваат за лица над 40 години (но, ако имаат здрави заби и не им недостасуваат повеќе заби, тогаш не е проблем и повозрасните  лица да носат протези) заради поспорото движење на забите и потенцијални различни проблеми. Пред поставувањето на протезите, потребно е сите заби да бидат во идеално здрава состојба.

 

Ако размислувате да ставите протези, без разлика дали заради естетски или практични, здравствени причини, како коригирање на загризот и голтањето и подобра хигиена, треба да имате на ум неколку важни работи:

 

  • Коските на возрасните запираат со растење, па одредени позначајни структурни промени не можат да се остварат без соодветен хируршки третман.
  • Целиот третман со протезите може да трае значително повеќе кај возрасните, во споредба со децата. Иако должината зависи и од индивидуалните карактеристики на човекот, сепак третманот за возрасните лица вообичаено трае повеќе, во просек околу 2 години.
  • Ако се одлучите за ортодонстки третман, веројатно ќе треба почесто да посетувате и општ стоматолог, за да превенирате губење на коскено ткиво, што би резултирало со заболувања на непцата.

 


Причини за лоша поставеност на забите

 

Причините се повеќестрани. Аномалиите од овој тип најчесто настануваат како резултат на генетскиот фактор (тесни вилици од едниот родител, а широки заби од другиот), понатаму причината може да е некаква лоша навика, како цицање на прст, цицање цуцла, лошо голтање, грицкање нокти, стискање на јазикот и други лоши навики што ги имаат децата.

 

[Поврзано: 4 причини зошто грицкањето нокти е опасно]

 

Во поретки случаи, причина за аномалиите со поставеноста на забите се и одредени синдроми.

 

Според експертите од областа, најдобриот период за првиот преглед кај ортодонт е околу 8 години, односно по првото излегување на вторите забчиња.

 

 

Што е потребно пред поставувањето на протезата?

Пред да ја ставите протезата, како што рековме потребно е сите заби да бидат здрави. Дополнително, ортодонтот ќе ви направи панорамска рентгентска снимка и детална анализа на забите, вилицата и усната празнина во целина. Кај некои, можно е и носење на сепаратори и други помагала недела или две пред самото поставување на протезата.

Можно е да биде потребно и вадење на одредени проблематични заби, а во екстремни случаи и одредена хируршка интервенција за репозиција на вилицата.

 

 

Што по поставувањето на протезата?

 

Секој има различно, индивидуално искуство со протезите, но генерално искуствата на ортодонтите можат да ни дадат идеја во врска со тоа што можеме да очекуваме во различните степени од третманот.

 

Самото поставување на протезите не е воопшто болно и не трае повеќе од еден час. Единствено непријатно може да ви биде тоа што ќе чувствувате дека имате доста голем метален објект во усната празнина, чувство кое исчезнува со навикнувањето.

 

Сепак, само неколку часови по поставувањето, ефектот на притисокот што го создаваат протезите почнува да се чувствува, односно се јавуваат помали или нешто позначајни болки. Како и да е, треба да имате предвид дека болките не треба да бидат остри и значителни, туку лесно да се решаваат со аналгетик.

 

Проблеми што можат да се очекуваат во првата недела:

 

  • Болни непца
  • Гребаници и афти на образите, односно каде што брикетите се тријат со ткивото од образот
  • Евентуални повреди на јазикот, поради немањето навика за протези
  • Слаби болки во забите, но позначителни кога се џвака поцврста храна

 

По поминувањето на околу 10 денови, болките треба значително, ако не и целосно да се повлечат! Доколку тоа не е случај, задолжително контактирајте го вашиот ортодонт кој ве следи.

По секој од неопходните прегледи на ортодонтот (на околу 6 до 8 недели):

 

  • Непријатно чувство слично по првото искуство по поставувањето, но најчесто помалку болно

 

Корисни совети за справување со непријатностите и болките поради протезите

 

  1. Исхрана базирана на потечна храна, со строго избегнување на јатки, пуканки, леплива и прецврста храна, алкохол и гуми за џвакање, дури и по првата недела. По првата недела веројатно ќе се вратите на најнормалната исхрана, но важно е секогаш да внесувате помали залаци и внимателно да соџвакувате.
    Храна што највеќе се препорачува: супи, чорби (со или без надробен леб), овесна каша, банани и друго меко овошје, путер од кикирики, тестенини, компир итн.
  2. Пиење на ладни пијалоци, вода, јадење сладолед, пиење јогурт, кисело млеко и слично.
  3. Хигиената е од особена важност: Оралната хигиена е потешка со протезите. Треба да обрнете повеќе внимание на  забите, непцата, протезите и жиците. Ако сте развиле некое орално заболување, тоа само ќе ви го пролонгира периодот на носење протези. Ако сте со сериозни проблеми, како што е заболување на непцата, ортодонтот можеби ќе треба да ги отстрани протезите, за вашите заби и непца да заздрават и да можете соодветно да продолжите повторно со протезите.

Набавете си четка за заби направена специјално за протези, конец со кој ќе може да маневрирате околу жиците и забите за да ги убие бактериите во празните места меѓу протезите. Ова сигурно ќе биде од помош, но мора постојано да четкате, чистите со конец и да завршите со добро миење на устата.

  1. Користете дентален восок – обликувајте мало парченце восок и поставете го на брикетот. Тоа ќе го спречи триењето на афтите со металот и значително ќе ви ја олесни болката.
  2. Избегнувајте топла вода при четкањето на забите.
  3. Користете облоги со мраз на болните, воспалени места и јадете ладна храна, но никогаш немојте да гризате мраз.
  4. Плакнете ја устата со солена вода.

На крајот, ако не можете да ја издржите непријатната и константна болка, напијте се аналгетик. Треба да знаете дека болките се привремени и дека на усната празнина и требаат околу 10 дена целосно да се навикне на протезата. По минувањето на тој период не би требало да чувствувате никакви болки.

Колку долго треба да се носат протезите?

 

Времето потребно да се носат протезите варира од човек до човек. Зависи од:

 

  • Тежината на ортодонтската аномалија.
  • Просторот во усната празнина.
  • Растојанието што треба да го поминат различните неправилно поставени заби.
  • Здравјтето на забите непцата и поддржувачките ткива на забите.
  • Редовноста на прегледите и почитувањето на препораките од ортодонтот.

 

Вообичаено, протезите се носат од 1 до 3 години. По вадењето, поголемиот дел од пациентите потребно е постојано да носат т.н. ретејнер (позиционер) уште најмалку 6 месеци. Потоа, позиционерот треба да се носи само при спиењето (веројатно со години).

 

Ако во меѓувреме се изникнати и умниците (особено неправилно), веројатно ќе биде потребно и нивно вадење, заради превенирање на понатамошно искривување на забите.

 

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор