Пушењето е можеби главниот, најзастапен проблем по јавното здравје во нашата држава. Над половина од возрасната популација се пушачи, исклучително алармантна, загрижувачка бројка. Згора на тоа, нажалост, поголемиот дел од пушачите не се свесни во целост за целата палета на штетни и разорни ефекти кои ги имаат цигарите. На нашиот блог има бројни статии кои опфаќаат повеќе различни аспекти од здравјето кои се засегнати од пушењето. Денес, ќе се задржиме на инсулинот, односно на инсулинската сензитивност и како цигарите може да влијаат негативно на функцијата на овој хормон.
Што е инсулинот?
Инсулинот е хормон кој го излачува панкреасот. Неговата главна улога е да го регулира количеството нутриенти кои циркулираат во крвотокот.
Иако најчесто се поврзува со контролирањето на шеќерот во крвта, овој хормон има улога и во метаболизмот на мастите и протеините.
Кога имате оброк кој содржи јаглехидрати, нивото на глукоза во крвта по кратко време ќе порасне. Клетките на панкреасот имаат механизам според кој можат да го ,,почувствуваат” ова, по што излачуваат инсулин во крвотокот.
Инсулинот им сигнализира на клетките дека треба да го примаат шеќерот од крвта. Овој процес резлутира со намалени глукозни нивоа. Постојано покачените нивоа на шеќер во крвта се особено штетни од повеќе аспекти, а екстремно високите можат да предизвикаат сериозна штета, па дури да бидат и живото-загрозувачки.
Инсулинска резистентност
Кога клетките имаат нарушен одговор кон ефектот и функцијата на инсулинот, тогаш е присутна состојбата позната и како инсулинска резистентност или отпорност. Во вакви услови, панкреасот почнува да лачи уште повеќе инсулин во намерата да го намали шеќерот во крвта. Ова води кон високи нивоа на инсулин во крвта, состојба наречена хиперинсулинемија.
Со текот на времето, резистентноста на клетките кон инсулинот може да се зголемува, предизвикувајќи високи нивоа на шеќер, но и на инсулин во крвотокот. На крајот може да дојде до оштетувања на панкреасот и следствено, намалена продукција на инсулинот и секако, дијабет.
Инсулинската резистентност е најчестата причина за дијабет тип 2, заболување кое опфаќа и до 10% од светската популација, но и за гестационалниот дијабет и предијабетот – исто така доста чести заболувања. Повеќе околу дијабетот, прочитајте тука.
Како цигарите влијаат на инсулинот, но и на појавата на инсулинска резистентност?
Пушењето има значително и штетно влијание врз функцијата на инсулинот, придонесувајќи за развој на резистентност, но и зголемувајќи го ризикот за дијабет тип 2. Никотинот и другите штетни соединенија во чадот од цигарите ги попречуваат патиштата за сигнализација на инсулин, што доведува до нарушено навлегување на глукозата во периферните ткива. Поконкретно, никотинот го иницира ослободувањето на хормони како што се адреналин и норадреналин, кои го зголемуваат нивото на глукоза во крвта преку стимулирање на гликогенолизата и глуконеогенезата во црниот дроб. Овој хипергликемичен ефект бара повисоки нивоа на инсулин за одржување на оптимални нивоа на шеќер, а со тоа ја зголемува побарувачката на бета клетките на панкреасот. Со текот на времето, оваа зголемена побарувачка може да доведе до дисфункција на бета-клетките и несоодветно лачење на инсулин.
Пушењето има и силен про-воспалителен ефект, зголемувајќи го и оксидативниот стрес. Инфламацијата и оксидативниот стрес се добро познати, значајни ризик фактори за појава на инсулинска резистенција. Зголемени нивоа на воспалителни цитокини како што е, на пример, Ц-реактивниот протеин (CRP) најчесто се забележани кај пушачите, а овие цитокини се мешаат со сигнализацијата на инсулинскиот рецептор и го нарушуваат транспортот на глукозата во клетките.
Генерално, пушењето влијае на речиси секој орган и клетка во нашиот организам, па така инсулинот и панкреасот не се исклучок. За лицата со веќе голема предиспозиција или веќе дијагностицирана инсулинска резистентност, откажување на цигарите треба да биде еден од главните приоритети и промени во начинот на живот. За повеќе на темата – успешно откажување на цигарите, кликнете ТУКА.