fbpx

Пушењето – број еден ризик фактор за појавата на емфизем!

tonus

Ризиците и штетноста кои пушењето ги носи се многубројни, научно докажани и се сè повеќе зборувани. Но, и покрај тоа, статистиката вели дека над 1 милијарда луѓе ширум светот се пушачи.

Во нашата држава, дури 48,4% од луѓето посегнуваат по цигарите, а загрижувачки е и тоа што над 30% од младите се пушачи, вели истражување објавено во 2020 година. Ваквата статистика ја става нашата земја, како една од најлошо рангираните земји во Европа и регионот по бројот на пушачи. Просечно еден пушач во Македонија, пушел по 20 цигари дневно, стои во истражувањето. Глобално, а и во нашата држава, мажите се побројните пушачи во однос на жените. Во Македонија, 57,9% од пушачите се мажи, додека 39% се жени.

Пушењето го зголемува ризикот за појава на многубројни заболувања и состојби. Тоа делува штетно на речиси секој орган и ткиво во човековото тело. Очекувано, пушењето е зависност која е можеби најштетна за нашите бели дробови и дишни патишта, а како таква го зголемува ризикот за појава на повеќе различни здравствени состојби. Една од нив е емфизем – состојба често предизвикана поради цигарите.

"“Online”/

Што претставува емфиземот?

Емфизем претставува состојба на белите дробови каде доаѓа до недостиг од воздух и плитко дишење. Ваквите симптоми се јавуваат поради оштетувања кои се појавуваат во алвеолите – мали воздушни простори во белите дробови. Со текот на времето, внатрешниот ѕид, односно обвивката на алвеолите ослабнува и се оштетува, а во некои случаи и напукнува. Ова доведува до појава на поголеми воздушни простори, наместо повеќе помали. Ваквото оштетување ја намалува површината на белите дробови, а со тоа и можноста за размена на гасови во нив. Тоа значи и помал доток на кислород преку крвта до сите делови од телото.

При издишувањето, доаѓа до заробување на „застарениот воздух“ поради оштетувањето на алвеолите. Покрај тоа, нема дооволно простор за да навлезе нов воздух кој е богат со кислород. Ваквата отежнатост во размената на воздухот доведува до значителни потешкотии при дишењето.

Најчести симптоми

Луѓето со емфизем најчесто имаат и хроничен бронхитис. Тоа претставува состојба која се карактеризира со воспаление на бронхиалното стебло, што предизвикува хронично искашлување. Хроничниот бронхитис и емфиземот се здравствени состојоби кои под едно име се познати како хронична обструктивна белодробна болест. Пушењето се смета како главен причинител за појава на овој тип заболување. Лекарствата може да помогнат да се запре или забави прогресијата на болеста, но не може да ја репарираат веќе создадената штета.

Емфиземот е состојба која може да е присутна со години без да се појават видливи симптоми. Главниот симптом се смета дека е недостатокот на здив, што постепено се појавува и се влошува. Можно е кај лицата со емфизем да дојде до избегенување на активности кои вклучуваат физички напор бидејќи истото не може да дојде до доволно воздух при нивното извршување. Емфиземот со текот на времето прераснува во состојба која се карактеризира со недостаток од здив и плитко дишење дури и во мирување. Доколку ваквиот недостаток од здив е сериозно нагласен и обични секојдневни активности претставуваат сериозен проблем и потешкотија, време е за итна посета на вашиот лекар.

Пушењето и емфиземот

Една од главните причини за појава на емфизем се смета долгорочната изложеност кон партикули во воздухот кои се иритирачки:

  • Чад од цигари
  • Загаден воздух
  • Испарливи гасови од хемикалии
  • Прав и ситни честички

Како ризик-фактори за појава на емфизем се сметаат:

  1. Пушење – емфиземот се смета за состојба најчесто присутна кај долгогодишните пушачи. Ризикот за емфизем се зголемува за сите пушачи во зависност од времетраењето на пушење (години) и бројот на испушени цигари.
  2. Возраста – оштетувањето на белите дробови се смета за постепен процес, но поголемиот дел од пушачите развиваат некаква форма на емфизем на возраст од 40-60 години.
  3. Пасивно пушење или изложеност кон чад од цигари – ваквиот чад кој се вдишува како резултат на луѓето пушачи во вашата околина, е подеднакво штетен и опасен за респираторниот систем.
  4. Изложеност кон штетни гасови или прашина – испарливите хемикалии или константната изложеност кон прашина и ситни честички може да го зголеми ризикот за појава на емфизем. Ризикот е дополнително зголемен и нагласен доколку лицето е пушач.

Како што можеме да воочиме, пушењето е број 1 ризик фактор кој значително ги зголемува шансите за појава на оваа здравствена состојба. Бидејќи штетата што ја предизвикува емфиземот во белите дробови е непоправлива, особено е важно да се избегне и превентира појавата на ова заболување. Најдобар начин за тоа е да се елиминира користењето на цигарите и производите со никотин. Како што споменавме, ризикот се зголемува кај лицата на возраст од 40-60 години, па затоа таа возрасна група е особено важно да навремено ја откаже употребата на цигарите. Но, секако, цигарите се штетни за луѓето од сите возрасни групи и најдобро е оваа зависност да се реши што е можно порано. Доколку сакате да ги прочитате дел од советите за полесно и поуспешно откажување, кликнете тука.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор