fbpx

ПУШЕЊЕТО – здравствен проблем БРОЈ 1 во Македонија

tonus

Иако сме свесни за последиците од пушењето, тоа продолжува да биде главниот, број 1  здравствен проблем во државата. Истражувањата се многубројни, доказите се неоспорни, а сепак статистиката за бројот на пушачи и понатаму е загрижувачка.

Во резултатите од истражувањето на тинк-тенк организацијата „Аналитика“ и универзитетот во Чикаго, кои беа објавени во 2020 година, се наведува алармантна и застрашувачка статистика.

 

Загрижувачка статистика

 

Дури 48,4% од населението во нашата држава посегнува по цигарите и ваквата бројка нè прави лидери во регионот, но и во Европа. Покрај тоа, истражувањето покажало дека и над 30% од младите се пушачи. Ние се наоѓаме и високо на светската топ 10 листа на држави кои имаат највисок процент на население – пушачи.

"“Online”/

Ваквите информации, особено кога ќе ги поврземе со фактот дека и како држава високо сме рангирани и по бројот на денови со екстремно загаден воздух, треба да го вклучи алармот и да биде поттик за промена.

Дополнително, штетноста од чадот од цигарите не ги засега само пушачите, туку и луѓето околу нив кои го вдишуваат чадот, наречени „пасивни пушачи“. Особено загрижувачки е ваквото „пасивно пушење“ кое се јавува кај децата. Родителите пушејќи близу до децата или во затворени простории ги изложуваат на штетните ефекти од чадот. Ризикот од појава на пневмонија, бронхитис и астма кај овие деца е зголемен како резултат на вдишувањето на чадот од цигарите.

 

Никотинот ја создава зависноста, а чадот не’ убива 

 

Со пушењето на цигарата – никотинот директно и многу брзо стигнува до мозокот. Привремено ни дава чувство на зголемена енергија, но со ослабнување на тој ефект, се осеќаме уморно и имаме потреба од повеќе никотин. Тој екстремно лесно преминува во „навика“, односно прави зависност кај пушачот, па затоа на луѓето им е толку тешко со откажувањето. Според некои рангирања, никотинот е на третото место во светот како најзависна супстанца.

Кај нас, во Центарот за јавно здравје, постои одделение за помош при одвикнување од пушењето, но информираноста кај луѓето за ваквото одделение е нажалост мала. Но, зошто пушењето продолжува да е главниот здравствен проблем во државата? Тој е сериозен здравствен проблем бидејќи засега огромен број од популацијата, а неговите штетни последици по здравјето се докажано многубројни.

Иако никотинот е тој кој е одговорен за зависноста, вистинската штета по телото ја прават супстанциите кои се ослободуваат при процесот на согорување на тутунот.

Пушењето доведува до низа на сериозни здравствени проблеми. Во прилог ќе одвоиме само дел од нив.

 

Некои од ризиците за појава на заболувања како резултат на пушењето се:

 

  1. Малигни заболувања на белите дробови –  над 80% од дијагностицираните малигни заболувања на белите дробови кај луѓето се поврзани со пушењето. Чадот од цигарите содржи илјадници штетни соединенија кои завршуваат првенствено во белите дробови, но на крајот се распространети и во целото тело.
  2. Појава на малигни заболувања на: грло, мочен меур, бубрези, црева, желудник, панкреас, црн дроб
  3. Кардиоваскуларни заболувања – никотинот делува врз крвните садови, стеснувајќи ги пришто се намалува протокот на крв во телото. Пушењето исто така ги ослабнува ѕидовите на крвните садови, го зголемува крвниот притисок и го зголемува ризикот од појава на тромбови.
  4. Појава на инсулинска резистентност – кај пушачите било потврдено дека поради ова доаѓа до зголемен ризик за појава на тип 2 дијабет.

 

Откажувањето не е лесно, но за тоа никогаш не е доцна

 

За откажувањето мора да имаме желба и мотивација. Не треба да чекаме да е предоцна и да се јават здравствените проблеми, па тоа да не натера да ги откажеме цигарите. Откажувањето не е лесно, но за среќа постојат помошни средства и експерти кои можат да ви помогнат. Не мора да се случи одеднаш и не секогаш успева од првиот обид, но важното е да продолжиме да се обидуваме. Интересно е што нашето тело секогаш има механизми со кои ја санира штетата која е направена, па по одреден период по откажувањето, набројаните ризици за заболувања се намалуваат, а вие ќе се осеќате подобро и поздраво.

 

Почнуваме со континуирана кампања на порталот на Д-р Митов со цел постојана едукација и борба со пушењето. Во следниве месеци, ако треба и години, редовно ќе ве информираме за ризиците од пушењето и што може да се направи на патот кон откажување на цигарите.

 

 

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор