fbpx

Поврзаноста меѓу пушењето и телесната тежина

tonus

Иако сме свесни за последиците од пушењето, тоа продолжува да биде главниот, број 1 здравствен проблем во државата. Дури 48,4% од населението во нашата држава посегнува по цигарите и ваквата бројка нè прави лидери во регионот, но и во Европа.

Покрај тоа, истражувањата покажуваат дека и над 30% од младите се пушачи. Ние се наоѓаме и високо на светската топ 10 листа на држави кои имаат највисок процент на население – пушачи.

Интересно е што дел од пушачите ја поврзуваат телесната тежина со штетната навика на пушење. Според некои, откажувањето на цигарите доведува до неизбежен раст во телесната тежина, но дали е тоа секогаш така?

"“Online”/

 

Како се пушењето и телесната тежина поврзани?

 

Покачувањето на телесната тежина по откажувањето од цигарите може дополнително да ги обесхрабри и премисли луѓето. Истражувањата покажуваат дека луѓето кои се пушачи и имаат прекумерна телесна тежина имаат поголема тенденција да додадат килограми по откажувањето, наспроти луѓето кои се пушачи но имаат нормална телесна тежина.

Некои статистики покажуваат дека луѓето кои имаат зголемување во телесната тежина по откажувањето, во просек додаваат околу 2,2 до 4,5 килограми. Постојат повеќе причини за ваквиот феномен, а едната од нив е начинот на кој никотинот влијае на телото.

Имено, никотинот се смета за супстанца која го забрзува метаболизмот и проценките се дека поради тоа, тој ја зголемува дневната потрошувачка на калории за 7-15%. Покрај тоа, цигарите го намалуваат апетитот, а и служат како дистракција и навика. По нивното откажување, апетитот се зголемува, а луѓето како некој вид на алатка за пополнување на времето може да се насочат кон храната.

Но, ваквата појава не е застапена кај сите луѓе кои се откажуваат од цигарите. Првичните 3 месеци се сметаат за најкритични и луѓето обично тогаш внесуваат повеќе храна. Но, некои анализи покажале дека по 12 месеци, дел од пушачите ги изгубиле додадените килограми, а дел од нив (16-21%) дури и ја намалиле телесната тежина.

 

Како подобро да се контролира телесната тежина по откажување од пушењето?

 

Далеку поважно е фокусот да биде насочен кон откажувањето, отколку кон потенцијалното покачување на телесната тежина. Придобивките од откажувањето се далеку поголеми и побројни, а дополнителните килограми можат лесно и здраво да се отсранат. Совети кои можат да помогнат при регулација на телесната тежина при процесот на откажување од цигарите се:

 

  • Во периодот кога имате потреба од цигара, имајте при рака гума за џвакање или некаков јаткаст плод или здрава „грицка“. Ваквите намирници ќе служат како дистракција за рацете, а гумата за џвакање ќе ви помогне да го намалите внесот на храна.
  • Вложете ги заштедените пари од купувањето цигари на здрави и вкусни намирници кои се ниско калорични, а се погодни за секојдневно, често „грицкање“. Семки од сончоглед или тиква се одличен пример за вакви намирници.
  • Бидете физички активни. Вежбањето помага со регулацијата на телесната тежина, но исто така помага и при откажувањето на зависноста од цигари. Тоа исто така допринесува кон подобро расположение и може да помогне со непријатните симптоми при откажувањето.
  • Подгответе си ги однапред оброците со цел да се справите со евентуалните ненадејни потреби од храна. Доколку знаете дека дома ве чека вкусен, зготвен ручек, најверојатно ќе ја прескокнете нездравата ужинка која моментално ја мислите.
  • Не се изгладнувајте. Често практикувајте здрави грицки и насочете се кон храна која е пониско калорична, а ве држи сити подолго. Таквата храна најчесто е онаа која содржи сложени јаглехидрати, протеини и здрави масти. Полнозрнести житарки, овошје, зеленчук, семиња и јаткасти плодови се одлични намирници за извор на нутриенти и за подолго чувство на заситеност.
  • Практикувајте редовен и квалитетен сон. Недоволниот сон доведува до поголема склоност кон внес на нездрава, високо калорична храна, која е богата со масти и шеќери.

 

Придобивките од откажувањето се далеку поголеми од можните неколку килограми плус

 

Откажувањето на цигарите е тежок процес, кој бара посветеност и решителност. Не треба да дозволиме истиот да го започнеме кога веќе се јавиле проблемите. Откажувањето можеби е тешко, но придобивките од истото се многубројни.

  • Нашето срце и бели дробови функционираат подобро и ризикот од појава на заболувања кај нив се намалува
  • Физичката подготвеност и кондицијата се подобруваат
  • Ризикот од појава на бројни заболувања, меѓу кои е и ракот, се намалува значително
  • Позитивните ефекти од откажувањето се кумулативни, односно колку подолго сме непушачи, толку нашето здравје се подобрува

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор