fbpx

Исхрана богата со РАСТИТЕЛНИ намирници – подобро здравје и ПОМАЛ РИЗИК од голем број заболувања!

tonus

Добро ни е познато дека здравјето доаѓа преку исхраната. Под тоа ги подразбираме намирниците и типот на храна која секојдневно ја консумираме и која го снабдува нашиот организам со потребните нутриенти. Во тој поглед, постојат одредени здравствени препораки кои се базирани на научно потврдени факти. Медитеранската исхрана е пример за ваквите препораки и истата е прогласена во повеќе наврати како: најдобра целокупна исхрана, најдобра исхрана за дијабетичари, најдобра растителна исхрана, најдобра исхрана за кардиоваскуларното здравје, најлесна исхрана за следење и сл.

Ваквите импресивни признанија на медитеранската исхрана се должат на неколку клучни нејзини карактеристики: честа и обемна консумација на растителни намирници, замена на нездрави масти со здрави (првенствено маслиново масло), редовна употреба на полнозрнести житарки, минимална консумација на процесирана храна и нешто за што ќе зборуваме малку повеќе во денешната статија – сосем мала употреба на месото.

Зошто треба да се фокусираме на зголемена употреба на растителните намирници?

Речиси нема здравствена препорака за здрава исхрана која не ги вклучува зеленчуците и овошјата, како и житарките и мешунките. Тие претставуваат одличен извор на бројни макро и микронутриенти, се релативно ниско калорични, содржат задоволително количество на растителни влакна и се богати со разни антиоксиданти и други фитохемикалии. Бидејќи постојат огромен број на опции за внесување на овошје и зеленчук, нивното често мешање и испробување нови комбинации доведува до внес на повеќе различни корисни нутриенти одеднаш. Разновидното внесување на овошје и зеленчук може да го снабди телото со сите потребни витамини и минерали, а може да допринесе и за значително задоволување на потребите за растителни влакна, јаглехидрати, понекогаш и протеини и сл.

"“Online”/

Покрај овошјето и зеленчукот, останатите растителни намирници (мешунки, јатки, полнозрнести житарки, семиња) треба да се исто така, што почесто застапени во нашата исхрана. Јатките и семињата се особено добар извор на здрави маснотии, додека мешунките и житарките се богати со комплексни јаглехидрати, протеини и растителни влакна.

Истражување – намалената употреба на месо се асоцира со подобро целокупно здравје и намален ризик за некои типови на рак

Едно поново истражување вклучило над 470.000 испитаници и ги следело нивните навики за јадење во период од над 11 години. Во периодот од 2006 до 2010 година, сите испитаници кои се вклучиле во истражувањето биле на возраст меѓу 40-70 години и немале претходна дијагноза на некаков тип карцином. Со вклучување во студијата, испитаниците имале должност да ги соопштуваат своите навики за јадење на истражувачите. Врз основа на тоа, тие биле поделени во 4 различни групи:

  • Оние кои редовно јадат месо (група која содржела над 247.000 испитаници или 52,4% од вкупниот број)
  • Лица кои јадат мали количини на месо (43,5% од вкупниот број испитаници)
  • Лица кои јадат само риба (2,3% од испитаниците)
  • Вегетаријанци и вегани (1,8% од испитаниците)

На крајот од испитувањето, околу 55.000 луѓе имале некаков тип на карцином. Најчест бил ракот на простата, потоа ракот на дојка и колоректалниот карцином.

Што покажале резултатите?

Бидејќи се истражувале ефектите од редовното јадење на месо, сите пресметки од истражувањето биле базирани во однос на оваа група испитаници. Резултатите покажале дека вегетаријанците и веганите имале за 14% помал ризик за појава на некаков тип карцином, наспроти останатите групи. Луѓето кои јаделе само риба имале за 10% помал ризик, додека оние кои јаделе помали количини на месо имале за 2% намален ризик.

Жените кои биле во постменопаузниот период, а биле вегетаријанки, имале за 18% помал ризик од појава на рак на дојка. Мажите кои јаделе само риба имале за 20% помал ризик за карцином на простата, додека оние кои биле вегетаријанци имале 31% помал ризик. Во поглед на колоректалниот карцином, испитаниците кои јаделе помалку месо имале за 9% намален ризик.

Истражувањето секако има свои ограничувања и можеби најзабележителен е фактот дека останатите животни навики не биле земени во предвид – физичка активност, стрес и сл. Научниците препорачуваат резултатите да се интерпретираат чисто како еден вид препорака – односно да послужат како приказ за ефектите кои редовното и обемно консумирање на месо може да ги има. Тие препорачуваат внесот на месо да се лимитира, а особено црвеното месо и процесираните месни продукти. Наместо тоа, да се употребуваат повеќе намирници од растително потекло – мешунки, житарки, зеленчук, овошје и сл.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор