Печурките се една од најдобрите опции кога сакаме да подготвиме лесни, здрави и ниско калорични рецепти. Тие се секогаш застапени во здравствените препораки, а тоа се должи на нивната висока нутритивност во комбинација со исклучително малиот број калории кои ги содржат. Без разлика на видот, печурките може да се подготват на многу различни начини и во безброј вкусни рецепти. Поради тоа, денес издвојуваме два интересни рецепти за т.н „полнети печурки“ кои може да послужат како одличен прилог на главното јадење или како вкусно предјадење.
Печурки – здрави, а ниско калорични
Без разлика која печурка и да ја употребувате, тие делат неколку интересни и восхитувачки карактеристики. Пример за една од најчестите печурки застапена на нашите пазари е буковката. Високиот процент на вода, растителни влакна, протеини, но и ниската калориска вредност, ја прави буковката (но и повеќето печурки) нутритивно-густа храна, односно храна која е особено погодни при процесот на слабеење.
Во 86g буковка се содржат:
- само 37kcal
- 5,6g јаглехидрати
- 2,8g протеини
- 0,4g маснотии
- 2g растителни влакна
- 4,3mg витамин Б3 (21% од Дневно препорачаниот Внес)
- 0,3mg витамин Б2 (18% од ДПВ)
Taa има интересен и пријатен, неутрален вкус и може одлично да се вклопи во различни рецепти.
Покрај буковката, шампињоните се исто така често застапени и достапни на нашите пазари. За денешните рецепти ни се потребни токму овие печурки, односно нивниот тркалезен и топчест дел ќе биде употребен за полнењето.
Во 100g шампињони има:
- 22 калории
- 3 грами јаглехидрати (од кои 1g влакна)
- 3 грами протеини
- 0 грами масти
- Околу 33% од дневните потреби за витаминот Д
- 16% од дневните потреби за селен
Тие се исто така богати со антиоксиданти, а дополнително се доста вкусни и често се наоѓаат во различни рецепти.
Класичен рецепт за полнети печурки
За подготовка на овој рецепт ќе ви бидат потребни околу 40 минути, а истиот е доволен за 3-4 лица.
Потребни намирници:
- Околу 20-25 цели печурки (по можност шампињони бидејќи се најсоодветни за полнење)
- Маслиново масло
- 1 главица кромид, исецкана
- 1-2 чешниња лук, ситно исецкани
- Малку исецкани ореви
- Сол, бибер и зачини по желба
- Малку свеж магдонос
- Неколку лажици црвено вино
- Малку сушена мајчина душица
- 2 лажици лебни трошки
- 2 лажици пармезан
Подготовка:
- Во мало тавче, ставете една лажица маслиново масло и оставете да се загрее. Стебленцата на печурките ставете ги да се динстаат заедно со кромидот. По 4-5 минути додајте го и лукот и оревите и посолете. Динстајте уште 2-3 минути, а потоа тргнете го тавчето од оган и додајте го свежиот магдонос и лебните трошки.
- Во блендер, ставете го ваквиот фил заедно со црвеното вино, зачинете и изблендирајте ја смесата 5-10 секунди. Филот треба да наликува на густа паста.
- Издлабените печурки, ставете ги врз хартија за печење, во тавче во кое ќе се печат и пропрскајте ги со маслиново масло. Наполнете ги со филот и пропрскајте ги со ренданиот пармезан.
- Печете 10-20 минути, на температура од околу 190 степени.
- Послужете со свежа салата од рукола и домати, со малку маслиново масло и балсамико оцет.
Полнети печурки со компир и спанаќ
За подготовка на овој рецепт ќе ви бидат потребни околу 30-ина минути, а истиот е доволен за 2-3 лица.
Потребни намирници:
- Околу 20-ина цели печурки (по можност шампињони)
- 1 голем или 2 помали сварени компири, пасирани
- Околу 150g исецкан свеж спанаќ (може и замрзнат)
- Малку лебни трошки
- Малку балсамико оцет
- Маслиново масло
- Една мала лажичка макало со лук (или паста од лук)
- Сол, бибер, кари, босилок и останати зачини по желба
Подготовка:
- Испасираниот компир измешајте го со спанаќот и со ваквата смеса наполнете ги издлабените печурки.
- Во друг сад, измешајте ги маслиновото масло, балсамико оцетот, макалото со лук (или пасираниот лук), лебните трошки и зачините. Потоа и оваа смеса додадете ја кон полнетите печурки.
- Вака наполнетите печурки, ставете ги во тавче обложено со хартија за печење. Пропрскајте ги со малку маслиново масло и по желба додајте малку пармезан или тенки парчиња фета сирење на врвот од секоја печурка.
- Печете околу 20 минути на 190 степени. Внимавајте печурките да не бидат премногу печени и дехидрирани.
- Послужете како прилог на главното јадење или како вкусно предјадење.