Моменталниот зимски период не нуди огромен избор на свежи зеленчуци, но сепак постојат повеќе здрави опции за подготовка на свежи салати или готвени јадења. Еден популарен зеленчук кој е особено здрав е цвеклото, а зимата е одличен период за истото да го вклучиме повеќе во секојдневната исхрана. Затоа, во продолжение издвојуваме два рецепти кои го вклучуваат овој извонредно здрав зеленчук како главна намирница.
Цвекло – богата и препознатлива боја која значи здравје
Цвеклото е двегодишно растениe со темноцрвен вретенест корен и темнозелени листови и спаѓа во категоријата на најкорисни и најлековити градинарски култури. Се користи целото растение и може да се употребува во текот на целата година. Многу често се ферментира заради повеќе причини. Ова растение изобилува со есенцијални хранливи материи како голем број на разни микронутриенти но и некои фитохемикалии кои нудат повеќе различни здравствени придобивки.
Цвеклото е ниско калорично, а од друга страна има висок процент на витамини и минерали. Практично, ги содржи речиси сите потребни витамини и минерали за човекот, секако во различни количества.
100g приготвено цвекло има само 44kcal, а ни обезбедува и:
- 10g jaглехидрати
- 1,7g протеини
- 0,2g маснотии
- 2g растителни влакна
- 6% од Дневниот Препорачан Внес за витамин Ц
- 20% од ДПВ за витамин Б9
- 16% од ДПВ за манган
Застапени се и други елементи во помали колични, но и неоргански нитрати и пигменти, кои имаат низа на корисни дејства по здравјето на човекот.
Цвеклото поради присутните нитрати може да има особено корисно дејство во поглед на крвните садови и кардиоваскуларното здравје. Некои спортисти дури го употребуваат сокот од цвекло за подобрување на нивниот перформанс.
Лесна и вкусна салата од цвекло
За подготовка на оваа салата ќе ви бидат потребни околу 10-15 минути, а истата е доволна за 4-6 лица.
Потребни намирници:
- 8 средно големи цвекла
- Една поголема или две помали марули
- Неколку млади кромидчиња, исецкани на кругови
- Малку ореви
- 1-2 рендани моркови
- Малку фета сирење
- За преливот: маслиново масло, малку мед, балсамико оцет, сол и црн бибер
Подготовка:
- Измијте го и ставете го цвеклото во тенџере или сад за готвење под притисок. Додајте вода и варете го цвеклото додека не омекне (во готвач под притисиок тоа би било за околу 15-ина минути).
- Оставете го цвеклото да се олади 5-10 минути, а потоа нежно изгребете ги со цел да ја отстраните надворешната обвивка. Исплакнете ги, а потоа исецкајте ги на помали парчиња.
- Подготвеното цвекло измешајте го со останатите состојки во длабок сад за салата и послужете.
Медитеранска тава со цвекло
За овој рецепт потребни ви се околу 30 минути, а истиот е доволен за 3-4 порции.
Потребни намирници:
– 2 домати, исечени на поситни парчиња
– 2 чешниња лук, ситно исецкани
– Малку свеж магдонос
– Сол, бибер и сушено оригано
– Малку балсамико оцет
– Неколку маслинки
– 3 парчиња цвекло, тенки исечкани
– Една мала главица кромид, ситно и тенко исецкана
– Фета сирење (околу 100-150g)
– 2 моркови, исецкани на кругчиња
– Маслиново масло
Подготовка:
- Рерната загрејте ја на 200°C. Во големо тавче за печење ставете ги доматите, лукот, фета сирењето, цвеклото, кромидот и морковите. Фета сирењето нека биде централно позиционирано, а зеленчуците распоредете ги околу и врз него. Пропрскајте со малку маслиново масло.
- Покријте го тавчето со алуминиумска фолија и ставете го да се пече, околу 20 минути. Зготвениот зеленчук посолете го и зачинете го по желба. Пропрскајте со капка маслиново масло и додајте балсамико оцет по желба. Фино промешајте и сервирајте со малку свеж магдонос и свежи, исецкани маслинки.